Ги отпишаа а сега ќе ги дочекуваат: МТВ ќе врши пренос од пристигнувањето на Вардар во Скопје!

Македонската радио телевизија ќе врши пренос од пристигнувањето на ракометарите на Вардар, потврдиле за „Република“ од МТВ. „Црвено-црните“ се нови европски владетели, откако во финалето на Лигата на шампионите го победија унгарскиот првак Веспрем со 27-24.
Како што веќе објавивме од Град Скопје, кој го организира пристигнувањето и дочекот на ракометарите на Вардар на плоштадот „Македонија“, се очекува тие со чартер-лет да пристигнат во 18.50 часот, а потоа, придружувани од навивачите и сите љубители на ракометот ќе пристигнат во центарот на градот. Таму илјадници луѓе, како и пред две години, ќе му се поклонат на новиот европски ракометен првак.


Националната ТВ куќа која немаше интерес за натпреварите на „Вардар“ сега како национален сервис (или пак не се пријавиле други ТВ куќи) ќе ги дочека оние кои ги отпишаа…

Овој викенд, додека се одржуваше завршниот турнир на ЛШ на кој „црвено-црните“ трипати едно по друго се пласираат, а двапати ја освојуваат шампионската титула, по МТВ се фрлаа дрва и камења бидејќи немаше пренос од двата најважни натпревари на Вардар. А возбудливи мечеви во текот на сезоната на ЛШ имаше премногу.


Претходно, во изјава за офф.нет беше соопштено дека МТВ нема да пренесува ниту фудбал, ниту ракомет во ЛШ.

„Во ситуација кога Македонија остана без претставник во женска конкуренција, а машките клубови се во надолна линија, дури и со реална неизвесност околу нивната перспектива во ЛШ, условите за склучување нов двегодишен договор со ЕХФ Маркетинг (а не да се договара сезона по сезона) беа премногу неповолни од финансиски аспект, рече тогаш за „Офф.нет“ уредникот на спортската редакција на МРТ Драган Николовски.


Во таква ситуација граѓаните на Македонија се снаоѓаа кој како знае и умее за да може да ги следи двата историски натпревари на Вардар. Најчесто „страдаа“ оние кои имаа „Арена спорт“, бидејќи таму беше преносот. Други пак кои се на друг оператор и немаа „Арена“ мораа да се мачат и да бараат линк од натпреварот. .

Претходно беше објавено дека ниту една македонска телевизија не контактирала со „Арена спорт“ за да ги откупи правата за пренос на натпреварите во Ф4 во ЛШ.

©EKRAN.MK Вестите на интернет страницата на редакцијата ЕКРАН.мк може да се користат исклучиво за лично информирање. Без писмена дозвола од ЕКРАН или посебен договор, не е дозволено превземање, користење или реемитување на вестите, во спротивно ќе уследи фактурирање на име „плагијат“ во вредност од 20.000 денари.

Видете следно

Сеќавање: 20 години без истакнатиот македонски историчар и археолог Томо Томоски

Томо Томоски е роден на 22 декември 1915 година во Скопје. Тој беше истакнат македонски …