(ФОТО) КОНЕЧНО – Вечното почивалиште на Тоше Проески би требало да биде завршено до септември!

После повеќе од една деценија се гради вечното почивалиште на Тоше Проески…кое според најавите треба да биде завршено до септември…

Гробот на нашата музичка икона, Тоше Проески, во Крушево, чија изградба поради пандемијата извесно време беше во застој, според најновите информации од Општината би требало целосно да биде завршен до септември, а во моментов се работи на ентериерот.



“Конечно ја остваруваме нашата должност кон Тоше – да изградиме достојно почивалиште кое ќе го претставува неговиот живот, неговата музика и неговите добри дела. Морам да напоменам дека сè што работевме го работевме заедно со семејството на Тоше за најдоцна до септември почивалиштето да биде целосно изградено“, вели градоначалникот на Крушево, Томе Христоски.
Тој додава дека почивалиштето во себе носи голема симболика. Го симболизира неговиот живот, она што најдобро знаел да го прави, а тоа е музиката, сите добри дела, чуени и незнајни и неговиот вечен живот преку песните.
“Од надворешната страна почивалиштето ќе биде со бела боја која ја симболизира чистотата на душата на Тоше, а од внатрешниот дел ќе преовладува зелената боја која е симбол на рајска градина. Дел од надворешноста на почивалиштето ќе биде и калдрма која е карактеристична за крушевските улици“, додава Христоски.


Автор на идејното решение е Жарко Чаушевски, а според него новото гробно место на Тоше Проески ќе биде достоинствено и ќе личи на почивалиштата на светските музички ѕвезди.Но, во основата на симболот на самото гробно место при неговото дизајнирање во прв план е религијата, односно големата религиозност на Тоше Проески и вербата во бога кои ги споделуваше преку музиката. Сепак, се работи за гробно место кое само по себе е врзано со религијата, но тука крстовите, кои се од мека форма, повторно ја симболизираат големата религиозност на Тоше и сите добри дела кои ги правеше во име на вербата во господ. Самата основа на објектот е крст.



Идејното решение отсликува една физичка позиција на Тоше, а тоа е онаа во позиција на молитва, но не таканаречена класична позиција за молење со споени раце туку, како на многуте негови фотографии, рацете се малку разделени и не се во идентична насока и форма и од сите страни кога се гледа се илустрира токму таа препознатлива стоечка положба на Тоше – религиозна положба, уникатна позиција при молитва на пејачот.
Со одлука на Владата на Република Северна Македонија во 2019 година беа доделени 10. милиони денари за изградба на вечното почивалиште на Тоше.
Инаку, гробот конечно се гради по 13 години од неговата трагична смрт. Тоше Проески трагично го загуби животот на 26. години, во сообраќајната несреќа што се случи кај Нова Градишка, Хрватска, на 16. октомври 2007. година.

Извор:vecer.press


©EKRAN.MK Вестите на интернет страницата на редакцијата ЕКРАН.мк може да се користат исклучиво за лично информирање. Без писмена дозвола од ЕКРАН или посебен договор, не е дозволено превземање, користење или реемитување на вестите, во спротивно ќе уследи фактурирање на име „плагијат“ во вредност од 20.000 денари.

Видете следно

Сеќавање: 20 години без истакнатиот македонски историчар и археолог Томо Томоски

Томо Томоски е роден на 22 декември 1915 година во Скопје. Тој беше истакнат македонски …