Ексклузивни изданија од Петре М. Андреевски, илустрирани од неговата внука

Во рамки на едицијата „Македонски книжевни класици“ се 10 книги со прозни и поетски дела на великанот на македонската книжевност, со цртежи кои за оваа прилика специјално ги изработи неговата внука, која е школувана на Факултетот за ликовни уметности.
Ексклузивни изданија на делата на Петре М. Андреевски, илустрирани од неговата внука Воскресија Андреевска, излегоа од печат во издание на „Арс Либрис“, дел од „Арс Ламина –публикации“.
Во рамки на едицијата „Македонски книжевни класици“ се 10 книги со прозни и поетски дела на великанот на македонската книжевност, со цртежи кои за оваа прилика специјално ги изработи неговата внука, која е школувана на Факултетот за ликовни уметности.
Деновиве во продажба се најдоа првите две изданија од едицијата: романот „Тунел“ и во едно издание расказите „Боемите“ и стихозбирката „Пофалби и поплаки“, а ќе следуваат незавршениот и последен роман на Андреевски, „Бежанци“ и збирките песни „Јазли“ (во едно издание) и „Лакримариј“. Во следниот период ќе бидат промовирани и книгите: „Последните селани“, „Скакулци“, „И на небо и на земја“, „Дални наковални“ и „Вечна куќа: тажаленки“. Во посебна едиција ќе биде објавена и книгата за деца „Шарам барам“.
Реобјавувањето на делата на Петре М. Андреевски секогаш (ќе) претставува празник за македонската книжевност. Овој безвременски писател од третата генерација македонски зборотворци, се чини, го создаде рецептот за укинување на временските отсечки според кои книжевните појави ги квалификуваме како актуелни и анахрони, велат од издавачката куќа „Арс Ламина“.
Главната причина што го прави посебно ова повторно враќање на Петре М. Андреевски и што им удира печат на ексклузивноста на овие нови изданија е визуелното „читање“ на неговите творби од страна на неговата внука, Воскресија Андреевска. Нејзиниот образуван уметнички потег има двојна цел: емотивно и естетско возбудување на поетските и прозните атоми од кои е изградена поетиката на Петре М. Андреевски кај неговата најнова генерација почитувачи и следбеници, што ова реобјавување има намера да го поттикне.
Лично и професионално ми претставува огромно задоволство што имав прилика да работам на ваков ангажман, конкретно поради тоа што се работи за книгите на Петре М. Андреевски, кои за мене се од огромно значење бидејќи, освен што станува збор за мојот дедо, станува збор и за мојот омилен македонски писател. Дадов сѐ од себе да ги прикажам импресиите што ги имаат оставено неговите култни дела врз мене и можам само да се надевам дека и јас, преку овие нови изданија, го споив својот печат со неговиот– вели Воскресија Андреевска.
Петре М. Андреевски (25.06.1934, с. Слоештица – 25.09.2006, Скопје) е поет, прозаист, драмски автор, литературен критичар и преведувач, кој со својот многудецениски опус афирмира творештво што го вбројува во најзначајните и најистакнати современи македонски писатели, чии дела – а особено стихозбирката „Дениција“ и романот „Пиреј“ – стануваат општопризнаени дострели на македонската современа книжевност и неодминливо четиво на генерации љубители на литературата.

©EKRAN.MK Вестите на интернет страницата на редакцијата ЕКРАН.мк може да се користат исклучиво за лично информирање. Без писмена дозвола од ЕКРАН или посебен договор, не е дозволено превземање, користење или реемитување на вестите, во спротивно ќе уследи фактурирање на име „плагијат“ во вредност од 20.000 денари.

Видете следно

Одбележување на денот на општина Зелениково

Денес со почеток во 17:30 часот, свечено ќе биде одбележан денот на општина Зелениково – …