Денеска е голем и тежок празник: Според народните верувања на овој ден не се јаде и пие ништо со црвена боја

Денес, на 11-ти септември, Православната црква и нејзините верници го одбележуваат обезглавувањето на Свети Јован Крстител, празник познат и како есенски ден на Свети Јован.

Овој празник е сеќавање на неговото страшно страдање, ден на строг пост, без оглед дали е среда или петок или не (во некои делови, ништо не се јаде дури додека не се стемни), а во црковниот календар е обележан со црвена буква.


Јован постојано ги проповедал позитивните животни принципи и жестоко го критикувал неморалот, лагите и развратот, кои во тоа време во Римската империја го достигнале својот врв. Посебно на удар на неговите критики бил управникот на Галилеја Ирод Антипа. Тоа е синот на стариот Ирод оној што наредил да се заколат сите деца во Витлеем, во времето кога требало да се роди Исус Христос, за со нив да биде погубен и Спасителот. Ирод Антипа бил оженет со ќерката на еден арапски кнез по име Арета. Но тој, таков поган каков што бил и од погано семејство, ја истерал својата законита жена и се оженил со својата снаа Иродијада, жената на својот брат Филип кој бил жив. Иродијада со себе ја довела и својата ќерка од првиот брак Саломија. Тоа не го дозволувале ниту законите на Мојсеј, а Јован жестоко го критикувал. „Не ти личи да ја земеш жената на брат ти“, му велел на царот. Затоа Ирод решил да му се освети. Се плашел да го убие зашто целиот народ го почитувал за пророк, но го ставил во затвор за да го заплаши.

Особено лута и осветољубива била Иродијада. И таа чекала прилика да му се освети. Еднаш кога Ирод организирал прослава на својот роденден со присуство на мноштво народ, меѓу кои и највидните државни првенци, кога обилно се пиело вино, кога се играло и пеело, одеднаш се појавила Саломија, ќерката на Иродијада, која што со својата игра толку го занесла Ирод што тој и ветил дека во тој момент ќе и исполни секаква желба, ќе и даде се што ќе посака, дури да се работи за половината од царството. Саломија не знаела што да посака, па отишла да се посоветува со својата мајка. Пакосната мајка што долго го чекала овој час веднаш и рекла да ја побара главата на Свети Јован. Кога Саломија тоа му го соопштила на Ирод тој се изненадил, но ветувањето дадено пред многу народ го обврзувало и морал да го исполни.


За кусо време девојката ја имала на послужавник глава на Свети Јован која ја предала на својата мајка, а оваа пак не задоволувајќи се со тоа, му го бодела со игла јазикот што зборувал за нејзиниот неморал. Телото на светителот го зеле неговите ученици и го погребале, а главата пакосната Иродијада ја закопала на некое нечисто место, во дворецот на Ирод. Се плашела дека ако главата и телото бидат на едно место можело да се служи пророкот да воскресне. Меѓутоа една благочестива жена на дворот на Ирод не можела да трпи главата на пророкот да биде закопана на нечисто место, па ја откопала тајно, ја однесла во Ерусалим и ја погребала на Елеонската Гора. Царот Ирод кога разбрал дека Исус лекува болни воскреснува мртви и прави чуда, мачен од сопствената совест, си помислил дека пророкот Јован воскреснал. Некои мислеле дека тоа е пророкот Илија други дека е некој друг пророк, а царот Ирод бил убеден дека е токму Јован кому што тој наредил да му ја пресечат главата. Народот бил сведок дека сите што биле заслужни за погубувањето на пророкот ги стигнала заслужената казна. Ирод ја загубил битката со арапскиот цар Арета, таткото на неговата прва жена кој сакал да ја измие навредата и да ја поврати честа на својата ќерка. Бил испратен на заточение заедно со Иродијада, каде што во навреди и понижувања двајцата ги завршиле животите. И Саломија не останала неказнета. Таа се удавила во реката.

На празникот Отсекување на главата, треба да се пости, и никогаш да не се јаде и да се пие нешто црвено, бидејќи тоа потсетува на пролеаната крв на Свети Јован Крстител. Исто така, не треба да се работи тешка работа.


©EKRAN.MK Вестите на интернет страницата на редакцијата ЕКРАН.мк може да се користат исклучиво за лично информирање. Без писмена дозвола од ЕКРАН или посебен договор, не е дозволено превземање, користење или реемитување на вестите, во спротивно ќе уследи фактурирање на име „плагијат“ во вредност од 20.000 денари.

Видете следно

Хороскоп за утре за сите хороскопски знаци: Прочитајте што не советуваат ѕвездите за утре 03.05.2024 во врска со работата, љубовта и здравјето

Овен Работа: Ефикасниот и работно мотивиран Овен крајот на првата работна недела го дочекува задоволни …