Денес се сеќаваме на нашиот познат фотограф и кинематограф Благоја Дрнков, кој почина на денешен ден во 2012година

Благоја Дрнков е роден во Скопје во 1914 година. Тој беше доајен на македонската документаристика и неприкосновен уметник во фотографското мајсторство. За својата работа, одликуван е со бројни награди и признанија, меѓу кои најзначајно е Медалот за заслуги за Македонија во 2008.

Уште како ученик започнува да се занимава со фотографирање. По завршување на средното образование, се вработува во фотографскиот дуќан „Фотоаматер“, кога и ја купува својата прва филмска 9,5 мм камера и сопствен кинопроектор, а од 1940 година станува сопственик на „Фотоаматер“.


Како што се наведува во образложението за наградата Медал за заслуги за Македонија: „Во историјата на македонската култура на 20. век, Благоја Дрнков создаде неизмерен опус од повеќе од 40.000 фотографии со кои тој стана личност која е истовремено и институција. Неговата естетика зрачи со духот од моментите и ситуациите. Неговите фотографии се преполни со детална и возвишена живост, а тоа е априори заради неговата високо естетска мотивација.“

Награди и признанија:


На 30 септември 2008 година, Благоја Дрнков бил одликуван со „Медал за заслуги за Македонија“, за врвните резултати во неговата долгогодишна професионална дејност во областа на уметничката и применета фотографија.

Во 1973, со указ на Претседателот на СФРЈ, за особени заслуги во кинематографијата, е одликуван со Орден на трудот со златен венец.


Во 1950 година Благоја Дрнков добил награда од Владата на НРМ за достигнувања во областа на културата и уметноста, како и Медал на трудот од Президиумот на Народното собрание на ФНРЈ. Добитник е и на републичката награда „11 Октомври“ за животно дело (1994)

Добитник е на повеќе други награди и признанија, меѓу кои: Специјално признание по повод 20-годишнината на „Филмски новости“ од Белград (1965); на Телевизискиот фестивал во Блед за телевизиските серии ПРСТИ /посветена на старите занаети/ и СВИЛЕНА БУБА.

Починал на 98 годишна возраст на 31 јануари 2012 година во Скопје.

©EKRAN.MK Вестите на интернет страницата на редакцијата ЕКРАН.мк може да се користат исклучиво за лично информирање. Без писмена дозвола од ЕКРАН или посебен договор, не е дозволено превземање, користење или реемитување на вестите, во спротивно ќе уследи фактурирање на име „плагијат“ во вредност од 20.000 денари.

Видете следно

Почна снимањето на дебитантскиот филм на Косара Митиќ со работен наслов „17“

По повеќемесечни темелни подготовки, почна снимањето на долгометражниот игран филм со работен наслов „17“, дебитантското …