Денес роденден слави нашиот поранешен фудбалер Саша Ќириќ

Саша Ќириќ е роден во Куманово на 11 јануари 1968 година. Тој е македонски спортски работник и поранешен фудбалер, кој играл на позицијата напаѓач.

Иако е роден во Куманово, неговото семејство потекнува од Ново Село, од каде што израснал. Во раните години тренирал ракомет и кошарка.


Својата фудбалска кариера Ќириќ ја започнал во својот роден крај, за клубот Слога од соседното село Умин Дол, клуб кој се натпреварувал во општинската лига односно во најниската лига на поранешна Југославија. Од таму, во 1986 година заминал директно во најсилна југословенска лига во Вардар од Скопје, каде што добил двегодишен стипендиски договор, но останал само 6 месеци за да биде потоа одстапен на Металург од Скопје. По поминати 1,5 години и отслужување на воениот рок, во лето 1989 година потпишал договор за Пелистер од Битола, каде што под водство на тренерот Ѓоко Хаџиевски прераснал во голгетер и водач на екипата. Со Пелистер стигнал до четвртфиналето во Купот на Југославија, каде бил поразен од Хајдук.

Во 1991 година, повторно се вратил во Вардар каде што настапил во последната сезона од југословенската лига, за да веќе наредната сезона 92/93 со клубот, во независната Прва македонска фудбалска лига. Тогаш, тој остварил две титули за најдобар стрелец во првенството (35 гола во 92/93 и 36 гола во 94/95). Во однос на македонски екипни титули и успеси, тој има 3 првенствени титули, 2 Купа на Македонија, а исто така за одбележување се и сите негови 77 првенствени натпревари без ниту еден пораз.


Во меѓувреме, во сезоната 93/94, имал краток осум месечен престој во ЦСКА од Софија, имајќи ги своите први настапи во странство. Во 1995 година заминал во швајцарскиот клуб Арау, каде што после поминати 2 и пол сезони, на свои 30 години, а на инсистирање на тренерот Феликс Магат, заминал во германската Бундеслига во Нирнберг. Мошне брзо станал миленик на публиката и голгетер на екипата пласирајќи се веќе во својата прва Бундеслига сезона во врвот на списокот на најдобри стрелци. Во 1999 година, заминал во второлигашот Тенис Борусија од Берлин за рекордни, во тоа време, 4,5 милиони марки обесштетување, но по одземање на лиценцата на клубот веќе после една година заминал повторно кај Феликс Магат во првата Бундеслига, овојпат во Ајнтрахт Франкфурт. Во 2002 година, се вратил, како што и самиот кажал, во својот најомилен клуб Нирнберг и настапувал во наредните две сезони. Професионалната кариера ја завршил, во клуб Кикерс Офенбах, на негови 38 години.

Тој го направил своето сениорско деби за Македонија во април 1995 година на пријателскиот натпревар против Бугарија и има одиграно вкупно 26 натпревари, постигнувајќи 8 гола. На 9 ноември 1996 година, Ќириќ и Македонија го победиле Лихтенштајн со 1-11. Саша Ќириќ бил во почетните единаесетмина и постигнал два гола во 53. и 87. (од пенал) минута. Неговиот последен меѓународен натпревар бил пријателскиот натпревар во април 2004 година против Хрватска.


По пензионирањето како играч, тој станал претседател на второлигашот Цементарница 55. На 9 јуни 2015 година, тој бил поставен како технички раководител на македонската репрезентација. Во април 2018 година, бил вклучен во работата на ФФМ.

Среќен роденден Саша ти посакува редакцијата на Екран.

©EKRAN.MK Вестите на интернет страницата на редакцијата ЕКРАН.мк може да се користат исклучиво за лично информирање. Без писмена дозвола од ЕКРАН или посебен договор, не е дозволено превземање, користење или реемитување на вестите, во спротивно ќе уследи фактурирање на име „плагијат“ во вредност од 20.000 денари.

Видете следно

Први Мај во Дојран: врвулица од луѓе, се бара паркинг место, но и слободно столче во рестораните

Први Мај во Дојран е главно врвулица од луѓе кои го бараат своето место да …