Театарски поткасти на „Самоглас“посветени на историјата на МТФ „Војдан Чернодрински“ – Прилеп

Аудио библиотеката „Самоглас“ го најавува својот нов проект, што го реализира во соработка со МТФ „Војдан Чернодрински“ од Прилеп. Станува збор за театарски поткасти чија реализација е поддржана од Министерството за култура и Europe House Скопје. Во рамки на истиот се предвидени две поткаст сезони.

Во првата епизода „Почетоците на фестивалот“, што e објавена денеска, гостинка е проф. д-р Јелена Лужина, една од најдобрите познавачи на фестивалот, личност која ги знае сите значајни информации и факти за неговите почетоци, раст и развој. Таа има креирано неколку монографии директно поврзани со фестивалот, меѓу кои е и јубилејната монографија во чест на 50. роденден на фестивалот, монографијата за Илија Милчин и за Кирил Ристоски, како и креирање на зборници од четирите симпозиуми.


Поткастите ги водат актерките Сара Анастасовска и Ангела Стојановска. Тие зборуваат за минатото на театарскиот фестивал во вкупно шест епизоди: Почетоците на фестивалот; Чување на фестивалската меморија; Сите награди на фестивалот; Награда за животно дело; Коле Чашуле и фестивалот; Војдан Чернодрински на фестивалот.

Во наредните епизоди на „Самоглас“, што ќе се објавуваат секоја среда, гости ќе бидат: Ана Стојаноска, Петар Темелковски, Стојан Дамчески, Сотир Трајков, Лилјана Мазова, Каролина Мицевска, Иван Додовски, Зоја Бузалковска, Бајруш Мјаку, Бедија Беговска, Благоја Чоревски, Лидија Иваноска, Александар Степанулески, Исидор Јованоски, Сара Спиркоска, Наталија Теодосиева, Никола Ристановски, Дејан Лилиќ, Сашко Насев, Дарја Ризова, Ѓорги Јолевски, Хакан Даци, Гентијана Рамадани, Наташа Петровиќ, Слаѓана Вујошевиќ, Сабина Мемиши, Александар Михајловски, Марко Трајковиќ, Ќендрим Ријани, Нела Витошевиќ, Љупчо Ѓоргиевски, Дејан Дуковски, Благица Секуловска и Бранислав Николов.


Втората сезона на театарските поткасти ќе се снима и емитува за време на одржувањето на МТФ „Војдан Чернодрински“ во Прилеп, од 9 до 16 јуни.

Аудио монтажер и продуцент е Христијан Поп-Симонов, а Петар Антевски е задолжен за изработка на промотивните материјали.


Секој може бесплатно да ужива во аудио библиотеката преку креирање на кориснички профил на www.samoglas.mk или преку користење на мобилните апликации на„Самоглас“, достапни на: AppStore, PlayStore и AppGallery.

©EKRAN.MK Вестите на интернет страницата на редакцијата ЕКРАН.мк може да се користат исклучиво за лично информирање. Без писмена дозвола од ЕКРАН или посебен договор, не е дозволено превземање, користење или реемитување на вестите, во спротивно ќе уследи фактурирање на име „плагијат“ во вредност од 20.000 денари.

Видете следно

Мајска сесија – музичка временска машина по повод Europe Day 2024

Дали сте подготвени за мајска сесија? Но, овој пат не испитна, туку музичка и патувачка! …