Светски ден на здравјето: Зошто е важна добрата нутриција?

Светскиот Ден на здравјето се одбележува секоја година на 7 април, со цел да ја подигне свеста за колективното и индивидуалното здравје и да ги поттикне луѓето да обрнат поголемо внимание на него. Темата оваа година е „Мое здравје, мое право“ и таа не’ потсетува колку е важно да го преземеме здравјето во наши раце, почнувајќи од добрата нутриција и храната која секојдневно ја јадеме.

Поимот „добра нутриција“ не значи само состојба во која не сме гладни, туку означува правилна и добра исхрана, консумирајќи состојки кои се добри за нас и нашето здравје. Ваквата состојба е вистинска реткост во светот, каде преку 820 милиони луѓе ширум светот се соочуваат со глад и неухранетост, додека од друга страна голем процент од луѓето имаат прекумерна тежина поради лошите прехранбени навики.


Зошто ни е важна добрата нутриција и како можеме да се храниме подобро?

Од тоа дали се храниме добро зависи нашето психичко и физичко здравје, нивото на енергија, па дури и расположението. Но, хранењето добро не е само јадење на 2-3 оброци дневно, туку и консумирање на здрави, функционални оброци кои ќе влијаат позитивно на телото и организмот. Основа на здравата исхрана претставува  појадокот, кој е најдобро да се консумира најдоцна еден час по будењето и во идеалната порција содржи лесни состојки кои се извор на енергија, а паралелно брзо се дигестираат за да ве заситат без да почувствувате потешкотии. Секогаш добар избор се овесните каши и мусли, понекогаш во комбинација со јаткасти плодови или свежо овошје, кои се подготвуваат брзо и едноставно, а му даваат добра и здрава потпора на телото за совладување на секојдневните предизвици.


Секогаш може да промениме нешто во индивидуалната исхрана, колку и да сметаме дека е таа добра и погодена за нас. Во последните години се забележува тренд на пораст на свеста околу опасностите и ризиците кои ги носи шеќерот, оттука и поголемиот дел од популацијата активно се вложува да ја намали количината на шеќер што ја консумира секојдневно. Следниот пат кога ќе бидете во маркет, побарајте производи што содржат помалку шеќер од оние што вообичаено ги купувате. Ќе се изненадите колку голем е изборот на слатки и солени намази, мусли, барови, слатки колачиња кои се неверојатно вкусни, а не содржат додадени шеќери.

А сепак, колку и да внимаваме на исхраната, постојат периоди кога знаеме да се опуштиме и да си дозволиме и неколку задоволства во исхраната. Тоа не е страшно, доколку знаеме како да се контролираме и како да ја „поправиме штетата“. На секои неколку месеци, добро е да се направи детоксикација на организмот – барем на неколку дена – за да се исфрлат материите што предизвикуваат тешкотија однатре.


По тешките празнични периоди, родендени и прослави, направете пауза во должина од 3-4 дена и не консумирајте тешки состојки, месо, премногу тесто… Утринското кафе надополнете го со една чаша вода повеќе, а во текот на денот освежувајте го телото со зелен чај.

За само ден или два, ќе почувствувате како се враќа леснотијата во стомакот, енергијата во вашите мускули и како се чувствувате полесни и порасположени.

Бидете одговорни за себе и преземете го здравјето во ваши раце. Одењето на доктор, плаќањето на лекарства и скапите терапии мора да бидат последна опција, додека грижата за себе, добрата исхрана и внимателното одбирање на она што го консумираме секојдневно мора да бидат приоритет. На Светскиот Ден на здравјето ве потсетуваме дека вашето здравје е ваше право, но и ваша одговорност – затоа грижете се за него додека го имате.

 

 

©EKRAN.MK Вестите на интернет страницата на редакцијата ЕКРАН.мк може да се користат исклучиво за лично информирање. Без писмена дозвола од ЕКРАН или посебен договор, не е дозволено превземање, користење или реемитување на вестите, во спротивно ќе уследи фактурирање на име „плагијат“ во вредност од 20.000 денари.

Видете следно

ОГРОМЕН ИНТЕРЕС ЗА ТЕМАТСКИ СТРИП КОНКУРС

  Стрип центарот на Македонија од Велес е во имплементација на Грантот “All we are …