Свечено отворање на „Деновите на поезијата“ во Скопје Сити Мол

Денес, во 18:00 часот, „Скопје Сити Мол“ ќе ве пречека со поезија! На главниот влез на трговскиот центар, во импозантен поетски декор, нашиот познат актер Никола Ристановски ќе ги преточи во глас стиховите испишани со перото на нашите врвни мајстори на лирскиот збор, за кои годинава одбележуваме значајни јубилеи.

85 години по „Бели мугри“ од Кочо Рацин и 80 години по „Песни“ од Ацо Шопов – првата книга на македонски јазик во слободна Македонија – „Скопје Сити Мол“ и Фондацијата „Ацо Шопов – Поезија“ го прославуваат со најшироката публика Светскиот ден на поезијата, 21 март, оддавајќи им почит на нашите класици Кочо Рацин, Ацо Шопов, Гане Тодоровски, Матеја Матевски, Петре М. Андреевски и Влада Урошевиќ. За нив ќе говори Весна Мојсова-Чепишевска, професор на Филолошкиот факултет „Блаже Конески“. Студенти од најразлични катедри на факултетот ќе ги прочитаат своите препеви на поезијата на Шопов на повеќе јазици. За препејувачката работилница ќе зборува деканот, Владимир Мартиновски.


Повелете на ова свечено отворање на „Деновите на поезијата“, на 21 март, со почеток во 18 часот. А потоа, продолжете ја „играта на бескрајот“, како што Шопов ја нарекуваше поезијата, сè до 24 март!

Од 21 до 24 март, во „Скопје Сити Мол“, ве очекува богата програма која ќе се одвива и во книжарницата „Литература.мк“ и во киното „Синеплекс”, а во чија организација се вклучија и Сојузот на друштвата за македонски јазик и литература, „ПНВ Публикации“ и „Култура бета“.


Преку ликот на Ацо Шопов, „Деновите на поезијата“ во „Скопје Сити Мол“ ги соединуваат сите генерации македонски поети, сè до најмладите.

©EKRAN.MK Вестите на интернет страницата на редакцијата ЕКРАН.мк може да се користат исклучиво за лично информирање. Без писмена дозвола од ЕКРАН или посебен договор, не е дозволено превземање, користење или реемитување на вестите, во спротивно ќе уследи фактурирање на име „плагијат“ во вредност од 20.000 денари.

Видете следно

Сеќавање: 20 години без истакнатиот македонски историчар и археолог Томо Томоски

Томо Томоски е роден на 22 декември 1915 година во Скопје. Тој беше истакнат македонски …