Сеќавање: на денешен ден во 1982 година почина еден од најголемите македонски поети Ацо Шопов

Ацо Шопов е роден во Штип на 20 декември 1923 година. Тој беше македонски поет и преведувач, член на МАНУ и еден од основоположниците на современата македонска поезија.

Шопов е еден од основоположниците на современата македонска книжевност. Неговата прва збирка Песни (1944) e првата книга на македонски јазик објавена во слободна Македонија. Тој бил претседател на Друштвото на писателите на Македонија ДПМ и негов член од основањето во 1947 г., прв претседател на Советот на фестивалот Струшки вечери на поезијата (1962 г.), претседател на поранешниот Сојуз на книжевните преведувачи на Југославија, претседател на Сојузот на писателите на Југославија, член на Македонската академија на науките и уметностите (МАНУ) од нејзиното основање (1967), член на Македонскиот ПЕН центар. Основач, во 1951 г., и прв директор на издавачката куќа „Кочо Рацин“, а потоа долгогодишен директор на издавачката куќа „Македонска книга“, Ацо Шопов бил амбасадор на СФРЈ во Сенегал (1971- 1975) и претседател на Републичката комисија за културни врски со странство (1975-1979). Шопов бил уредник или главен и одговорен уредник на списанијата: „Нов ден“, „Млад Борец“, „Иднина“, „Современост“, „Хоризонт“ и сатиричниот весник „Остен“.


Ацо Шопов го поминал детството во родниот град. Во Штип го завршил основното училиште и гимназијата. Уште како гимназијалец, во 1940 година, Ацо Шопов станал член на СКОЈ, а две години подоцна, се вклучил во антифашистичката борба, во редовите на Третата македонска ударна бригада. Член на истата бригада била и неговата љубена, Вера Јоциќ, која загинала на 22 мај 1944 година и на која Шопов ѝ ја посветил прочуената песна „Очи”.

По војната, Ацо Шопов матурирал во родниот град и заминал за Скопје, каде ги завршил студиите на Филозофскиот факултет, на отсекот чиста филозофија. Подоцна, работел како уредник во литературните списанија и весници Нов ден, Млад борец, Иднина, Хоризонт, Современост, како главен уредник на сатиричниот неделник Остен, што го поттикнало да објави серија сатирични песни, подоцна групирани во збирката Јус-универзум (1968). На 30 септември 1958 година, Ацо Шопов се венчал со Светлана Шопова на која ѝ е посветена песната „Клошарска песна на поетот“.


На 18 август 1967 година, Шопов бил избран како еден од првите членови на Македонската академија на науките и уметностите, а една година подоцна и за дописен член на Српската академија. Ацо Шопов бил добитник на највисокото југословенско признание, наградата „АВНОЈ“ (1970), како и на литературните награди: „Кочо Рацин”, за збирките Слеј се со тишината (1956) и Гледач во пепелта (1970); „11 октомври”, за преводот на Хамлет (1960) и за животно дело (1981); „Змаеви детски игри”, за препевот на песните на Јован Јовановиќ-Змај (1967); „Браќа Миладиновци”, за збирката Песна на црната жена (1977).

По долги години посветени на издавачката дејност, претежно како директор и главен уредник на „Македонска книга“, во 1971 година, Шопов бил именуван за амбасадор на Југославија во Сенегал, земја која го инспирирала за збирката Песна на црната жена. За време на престојот во Африка, тој го превел изборот од поезијата на сенегалскиот претседател, Леополд Седар Сенгор, добитник на „Златниот венец” на Струшките вечери на поезијата, во 1975 година. Истата година, Шопов бил именуван за претседател на Републичката комисија за културни врски со странство, но три години подоцна, болеста го присилила да го напушти активниот живот.


Ацо Шопов е автор на првата повоена книга на македонски јазик во слободна Македонија, Песни (1944), објавена во „Млад Борец”, Белград. Делегацијата на антифашистичката младина на Србија, којашто учествува на Вториот Конгрес на Народно-ослободителниот младински сојуз на Македонија (НОМСМ), во Скопје, од 6 до 8 јануари 1945, ги донесува печатените примероци во Скопје и ги подарува на учесниците на конгресот, на кој Ацо Шопов учевствува во својство на потпретседател на Главниот одбор на НОМСМ.

Неговата книга Слеј се со тишината е прва македонска збирка препеана на словенечки јазик, во 1957 год., а Јус-универзум е прва збирка сатирична поезија објавена на македонски јазик, во 1968 година. За време на животот, Ацо Шопов има објавено тринаесет збирки поезија и исто толку избори од поезијата на македонски јазик, како и петнаесетина избори препеани на странски јазици.

Ацо Шопов бил добитник на повеќе награди, како:

  • Наградата „Кочо Рацин“ за збирката „Слеј се со тишината“ (1956)
  • Наградата „Кочо Рацин“ за збирката „Ветрот носи убаво време“ (1957)
  • Наградата „11 Октомври“ за препевот на „Хамлет“ (1960)
  • Наградата на Змаевите детски игри за препевот на песните на Јован Јовановиќ-Змај (1967)
  • Награда „АВНОЈ“Наградата „АВНОЈ“ (1970)
  • Наградата Кочо Рацин за збирката „Гледач во пепелта“ (1970)
  • Осмоноемвриска награда (1974 г.)
  • Наградата „Браќа Миладиновци“ за збирката „Песна за црната жена“ (1977)
  • Наградата „11 Октомври“ за животно дело (1981)

Наградата Ацо Шопов е највисоко поетско признание што го доделува Друштвото на писателите на Македонија. Таа се доделува секоја година за најдобра поетска книга објавена во претходната година. Традиционално, таа се доделува заедно со другите три награди на ДПМ, на 13 февруари, на денот на основањето на ДПМ.

Починал во Скопје на 20 април 1982 година.

©EKRAN.MK Вестите на интернет страницата на редакцијата ЕКРАН.мк може да се користат исклучиво за лично информирање. Без писмена дозвола од ЕКРАН или посебен договор, не е дозволено превземање, користење или реемитување на вестите, во спротивно ќе уследи фактурирање на име „плагијат“ во вредност од 20.000 денари.

Видете следно

Сеќавање: 20 години без истакнатиот македонски историчар и археолог Томо Томоски

Томо Томоски е роден на 22 декември 1915 година во Скопје. Тој беше истакнат македонски …