Промоција на стихозбирката „Како настанува црната“ од српската писателка Марија Костиќ

Стихозбирката „Како настанува црната“ од Марија Костиќ (Србија), препеана од српски на македонски од Јулијана Величковска, издание на „ПНВ Публикации“, ќе биде промовирана во среда, 20 март, со почеток во 20:00 часот во кафе-книжарницата „Буква“ во Скопје. Книгата низ разговор со авторката ќе ја претстави Јулијана Величковска.

‒ Постои фундаментално недоразбирање меѓу субјектот на стихозбирката „Како настанува црната“ и остатокот од светот: затоа таа забележува дека човекот е најосаменото место на планетата. Нејзината егзистенцијална ранливост и хиперсензитивност се поврзани со (авто)деструктивното, темното и мистичното во кои се рефлектираат убавината и неизбежноста на процепите, грешките и несовршеностите. Семејните односи заземаат централно место во тематскиот опсег на оваа книга. Лирската хероина, во истовреме и дете и родител, ги реактивира најразновидните сеќавања за нејзината мајка, татко, баба, дедо и сестра, разобличувајќо го прашањето за самореализацијата, но и за творечкиот чин. Нејзината инспирација од телото и телесното се отсликува во бројни метафори преку кои предизвикува различни состојби и чувства, особено во песните, коишто, по својата форма, влегуваат во дијалог со неоавангардната поезија. Телото во оваа книга е тело што страда, што е болно и што е поврзано со кошмари, со смрт и во болничко опкружување, но исто така, тоа е тело што копнее по блискост, уживање и страст. Затоа таа остава црни траги на белата хартија и покрај целата палета на бои во кои си ги потопува прстите; тие прсти се прстите што пишуваат, а рацете се рацете што земаат, што даваат и се подаваат, и за кои се држиме ‒ Катарина Пантовиќ.


Марија Костиќ (1985, Белград) е дипломиран филозоф и магистер по политика и менаџмент во културата и уметноста. Нејзини песни се објавени во книжевната периодика, а во 2022 година, ја објавила и нејзината прва стихозбирка „Како се создава црната“ (Књижевна радионица Рашиќ, Белград) за која има добиено високо ценети книжевни критики, а од книжевните критичари беше номинирана и за наградата „Меша Селимовиќ“ што секоја година ја доделува српскиот весник „Вечерње новости“. Нејзини песни се преведени на македонски и на француски јазик.

©EKRAN.MK Вестите на интернет страницата на редакцијата ЕКРАН.мк може да се користат исклучиво за лично информирање. Без писмена дозвола од ЕКРАН или посебен договор, не е дозволено превземање, користење или реемитување на вестите, во спротивно ќе уследи фактурирање на име „плагијат“ во вредност од 20.000 денари.

Видете следно

„Со цело срце за нечие подобро утре“ – хуманитарна изложба на автомобили

Денес на паркингот кај градски базен во Куманово во период од 10:00-17:00 часот, ќе се …