„Поставување“ од Сотир Хаџи Николов во „Марко Цепенков“ во Прилеп

Синоќа, 7 декември 2018 /петок/ во 18.30 часот во ликовната галерија од ЦК „Марко Цепенков” беше отворена изложбата „Постварување” од уметникот Сотир Хаџи Николов од Гевгелија.
Изложбата, (слики и објекти) финансирана од Министерството за култура, ќе биде поставена до 20 декември 2018.

За уметникот
Сотир Хаџи-Николов, роден на 29.08.1986 година во Гевгелија. Дипломирал на Факултетот за ликовни уметности во Скопје, отсек сликарство. Член е на Друштвото на ликовни уметници на Гевгелија како и на Мултимедија центарот во Гевгелија. Има учествувано на симпозиуми во Македонија, Бугарија, Турција, Грузија како и на повеќе групни изложби. Изложбата насловена „Постварување” е неговата втора самостојна изложба.


За изложбата
Терминот реификација се врзува со концептуалната алатка на Карл Маркс иако проблемски најтемелно го обработува современиот филозоф од франкфуртската школа, Аксел Хонет. Реификацијата, или постварувањето има негативна контотација во теориска или логичко-методска смисла. Бидејќи се однесува на конкретизација преголема на апстрактните значења, со што се губи вистината прикажана во апстрактното. Постварувањето има неколку димензии: психолошко, социолошко и уметничко или естетичко рамниште. Сите димензии на постварувањето се овоплотени во моментално изложеното творештво на Сотир Хаџи Николов.
-Психолошката димензија се состои во специфичната релација која ликовниот демијург ја има во однос на создаденото дело. Созаденото дело го содржи уметникот во мало, имено него го постварува. Сите психички појави, од когнитивни преку емоционални до когнитивни стануваат ствари од видлива (просторно – дводимензионална) природа.
-Социолошката димензија на постварувањето се состои во користење на ликовниот јазик преку кој уметникот ја критикува општествената стварност. Конкретизирајќи го апстрактното и со тоа него, сквернавејќи го, се дава сериозна критика на просечниот начин на размислување кој најчесто се отсликува во општествени предрасуди и стереотипи. Стереотипите и предрасудите се изворот на сериозни општествени шизми и конфликти кои го разнебитуваат колективното битие.
-Уметничкото или естетичкото рамниште на реификацијата се бележи во покажаниот отпор на уметникот кон естетичко – техничките стеги, во кој чекор се демонстрира уметнчка слобода и автономија кои се клучни за автентично создавање.
Нетипичниот, концептуален пристап на уметникот во експресијата и творештвото чини преместување на границите на уметничкото создавње, но и нивно етаблирање на ново, досега неоткриено и различно тло. Нетипичноста е претставена преку двапати композиционално споени 50 слики кои се однесуваат како засебни целини и симултано делови од една поголема целина. Поединечните слики кон генералната се однесуваат како микрокосмос кон космос. Имено микрокосмосот ги содржи суштинските карактеристики на космосот и нив ги имитира. Но како огледало на макрокосмосот, микрокосмосот функцинира во помали и иманентно сопствени размери. Микрокосмосот е постварување на космосот, како што поединечните слики, Сотир Хаџи Николов функционално ги поставува како постварувања на генерална слика, во која се крие голем наратив, смисла и вистина. Но тој наратив, смисла и вистина се највавуваат во секоја поединечна слика. Тие се насетуваат интуитивно, но визуелно и искуствено стануваат комплетни во целокупната слика.
Со прикажаното творештво Сотир Хаџи Николов прави поимно врзување со ликовното и на смисловно адекватен начин со уникатни средства говори за постварувањето, феномен кој е длабоко вкоренет во модерните општества кој посебно го тангира поединецот од современието во западниот културно-политички контекст. (Магдалена Стојмановиќ)


Во производствено-консументското совремие е помалку важно (иако не и ирелевантно) дали поаѓаме од гледиштето кое го нуди марксистичкото/хегелијанското/Фоербахово концептуално-теоретско конфинирање на постварувањeто или реификацијата(герм. verdinglichung), хиерархијата на етичките категории и интерсубјективните односи кои согласно сфаќањата на германскиот филозоф Аксел Хонет се врзуваат за овој концепт, некои феминистички позиции во однос на неговиот извор и другите постоечки сфаќања; сѐ порелевантни и повеќе оправдани се чинат тезите за десубјективизација и деиндивидуација на единката диктирани од глобалната трговска размена.
За разлика од Маркс и некои неговиследбеници кои постварувањето го определуваат како произлезност од структурата на социо-политичките односи во општеството и културата, за Хонет оваа категорија е врзана за самата егзистенција на интерсубјективните односи диктирани врз основа на моќ, признавање и капитал.
Токму ваквата мошне воопштена, и можеби во извесна смисла анахрона перцепција на постварувањето, како на потсвесно така и на свесно ниво елајтмотив во сликите од истоимениот циклус на Сотир Хаџи Николов.
Во оваа смисла, од концептуалната утроба на овој циклус понира прашањето за можноста самата уметност да биде согледана или сопоставена на својата креативна есенција како своевидно постварување, преточувајќи се од метафизичка, когнитивна и вдахновенаапстрактност во, од една страна, објект и од друга страна – уметничка креација.
Ако кај Маркс постварувањето заедно со концептите на алиенација и фетишизмот на добра го конституира „светото тројство” на човечката себеизолација во име на потрошувачките растечки консументски (објективни или субјективни) потреби, примената на овие концепти во однос на уметникот како активен субјект-создавач на пасивен објект кој треба да ги помести границите на секојдневното може да резултира со создавање уметност која на различни начини може да се определи како алиенирана, односно таква која тежнее кон мејнстримизација преку себеобјектификација, што воедно е случај со мас-културните тенденции.
Се чини, токму индивидуацијата и ресубјективизацијата на уметникот преку постојаната и еволутивна естетска себереализација се сопоставува како контра-концепт и одговор на постварувањето на неговите фиксни и зададени дела. Во таков случај уметникот ги трансцендира ограничувањата кои го сведуваат на ресурс и станува модерен, вистински авангарден Прометеј кој со својот „од бога даден” факел успева да ја пронајде својатаместоположба и движење низ м(рак)озаикот на стварноста осветлувајќи го својот индивидуален пат на себеразвој и себеоткровение. (Стефан Марковски)


©EKRAN.MK Вестите на интернет страницата на редакцијата ЕКРАН.мк може да се користат исклучиво за лично информирање. Без писмена дозвола од ЕКРАН или посебен договор, не е дозволено превземање, користење или реемитување на вестите, во спротивно ќе уследи фактурирање на име „плагијат“ во вредност од 20.000 денари.

Видете следно

Сеќавање: 20 години без истакнатиот македонски историчар и археолог Томо Томоски

Томо Томоски е роден на 22 декември 1915 година во Скопје. Тој беше истакнат македонски …