Костадиновска-Стојчевска: Со капиталните дотации во општините го зајакнуваме локалниот културен идентитет

Министерката за култура Бисера Костадиновска-Стојчевска денеска во Владата ги потпиша договорите од Програмата за користење на капитални дотации за инвестициони проекти во единиците на локалната самоуправа во областа на културата за 2024, заедно со градоначалниците корисници на средствата од оваа програма.

Костадиновска-Стојчевска информираше дека годинава, за оваа намена, буџетот е зголемен за 10 милиони денари и изнесува 50 милиони денари, а поддржаните 11 проекти се континуитет во поддршката за одржлив и функционален развој на локалната култура како неприкосновен, суштински дел од нашиот културен идентитет.


„Владата и Министерството за култура потврдуваат дека ги препознаваат потребите на локалната култура, ги вреднуваат креативните напори за нејзин опстој и со конкретна поддршка придонесуваат кон квалитетот на локалниот развој и имплементацијата на културните политики подеднакво во целата држава”, истакна Костадиновска-Стојчевска.

Министерката за култура потенцираше дека суштината на капиталните дотации е во нивната крајна цел – поттикнување и охрабрување на културниот и на креативниот потенцијал, културната разноликост како оригиналност, оригиналноста како културна вредност.


„Помагајќи им на општините во постигнување на квалитетен локален културен живот, сакаме и да го предизвикаме потенцијалот кај младите и искуството на возрасните”, рече Костадиновска-Стојчевска, повикувајќи ги уметниците да му се посветат на културниот развој на својот град, на својата општина, а како што нагласи, Владата е тука да потсетува и на стратешката улога на културата – „тој постојан повик на креативна будност и уметничка слобода”.

Во Програмата за капитални дотации во 2024 година поддржани се инфраструктурни проекти во 11 општини, кои треба да реализираат до крајот на годината.


©EKRAN.MK Вестите на интернет страницата на редакцијата ЕКРАН.мк може да се користат исклучиво за лично информирање. Без писмена дозвола од ЕКРАН или посебен договор, не е дозволено превземање, користење или реемитување на вестите, во спротивно ќе уследи фактурирање на име „плагијат“ во вредност од 20.000 денари.

Видете следно

Промоција на новата книга за деца „Нови бајки од Македонија“

Новата книга за деца „Нови бајки од Македонија“, во издание на „Арс Ламина“ и Движењето …