Концертот со Белградска филхармонија е трет настап на Мехта во Скопје

На 24 јуни, со почеток во 20 часот, во концертната сала на Македонската филхармонија ќе гостува Белградска филхармонија предводена од славниот маестро Зубин Мехта во рамки на иницијативата „Отворен Балкан”. Мехта ќе го предводи оркестарот на Белградската филхармонија во изведбата на Симфонијата бр.7 од Лудвиг ван Бетовен и „Фантастичната симфонија” од Хектор Берлиоз.

Со своите 87 години, маестро Мехта важи за еден од најзначајните диригенти на светската музичка сцена, на која е присутен повеќе од 60 години со своите настапи кои денеска важат за историски. Концертот со кој Белградската филхармонија одбележува и 100 години од основањето ќе биде негов 11 настап со овој оркестар.


Концертот со Белградската филхармонија ќе биде трет настап на славниот маестро во Скопје – првиот беше во 1967 година кога настапи со Филхармонискиот оркестар на Лос Анџелес во Универзалната сала, вториот во 2007 година кога го предводеше концертот на Израелската филхармонија во „Метрополис арена” на Скопскиот саем.

Зубин Мехта е роден 1936 година во Бомбај, а своето прво музичко образование го стекнал под менторство на својот татко Мехли Мехтa, истакнaт концертен виолинист и основач на Бомбајскиот симфониски оркестар. По краткиот период на студии по медицина во Бомбај, се сели во Виена во 1954 година, каде, се запишува на Музичката академија, на диригентскиот оддел кај Ханс Сваровски. Во 1958 година Зубин Мехта победува на меѓународниот натпревар по диригирање во Ливерпул и ја освојува наградата на Летната академија во Тенглвуд. До 1961 година веќе диригира со Виенската, Берлинската и Израелската филхармонија, а неодамна прослави и 50 години од музичката соработка со овие три ансамбли. Бил музички директор на Монтреалскиот симфониски оркестар од 1961 до 1967 година, додека во 1962 година ја презема позицијата музички директор на Филхармонискиот оркестар на Лос Анџелес, на која се задржува до 1978 година. Во октомври 2019 година се збогува од Израелската филхармонија, во која помина 50 години. Во таа прилика е именуван за музички директор емеритус на Израелската филхармонија.


Во 1978 година ја презема функцијата музички директор на Њујоршката филхармонија, со што го започнува својот 13-годишен мандат, најдолг во историјата на овој оркестар. Од 1985 до 2017 година бил шеф-диригент на Оркестра дел Маџо Музикале Фјорентино во Фиренца.

Зубин Мехта дебитирал како оперски диригент со Тоска во Монтреал во 1963 година. Од тогаш диригирал во операта „Метрополитен” во Њујорк, Виенската државна опера, Кралската опера, Ковент Гарден, миланската „Скала” и во оперските куќи во Чикаго и во Фиренца, како и на фестивалот во Салцбург. Помеѓу 1998 и 2006 година бил музички директор на Баварската државна опера во Минхен. Во октомври 2006 година ја отворил Уметничката палата на кралицата Софија во Валенсија и бил претседател на годишиот Медитерански фестивал во Валенсија до јуни 2014 година, каде го диригира циклусот Прстенот на Нибелунзите со театарската трупа Ла Фура делс Баус во копродукција со Фирентинската опера. Останатите циклуси од „Прстенот” ги комплетира во Чикашката опера и во Баварската државна опера. Списокот на награди и признанија на Зубин Мехта е голем. Тој е почесен граѓанин на Фиренцa и на Тел Авив. Почeсeн члeн на Виенската државна опера станува во 1997 година, на Баварската државна опера во 2006 година и на виенското Друштво на музичко пријателство – во 2007 година. Титулата почесен диригент му ја доделија следните оркестри: Виенската филхармонија (2001), Минхенска филхармонија (2004), Филхармонијата на Лос Анџелес (2006), Театро дел Маџо Музикале Фјорентино (2006), Берлинската државна капела (2014) и Баварскиот државен оркестар (2006), со кој настапи во Сринагар во Кашмир, во септември 2013 година. Во 2016 година Театро ди Сан Карло во Неапол го именува Зубин Мехта за почесен музички директор, а Израелскиот филхармониски оркестар и Филхармонијата на Лос Анџелес во 2019 година го прогласија за диригент емеритус. Во февруари 2019 година и Берлинската филхармонија го именува за свој почесен диригент. Посебна чест му е укажана и во 2022 година, кога новата концертна сала на Театро дел Маџо Музикале во Фиренца го доби неговото име.


Во октомври 2008 година, Зубин Мехта е одликуван со Царската награда од страна на јапонското царско семејство. Во март 2011 година, добива посебно признание со поставувањето ѕвезда на Холивудскиот булевар на славните. Командантскиот крст и Орденот за заслуги му ги додели Германија во јули 2012 година, а индиската Влада, во септември 2013 година го одликува со наградата „Тагоре” за културна хармонија, која година дена порано ја доби и Рави Шанкар. Во 2022 година Владата на Австралија го именува за почесен носител на Орденот на Австралија.

Зубин Мехта продолжува да ги открива и поддржува музичките таленти ширум светот. Заедно со својот брат Зарин ја води Музичката фондација Мехли Мехта во Бомбај, каде повеќе од 200 децa стекнуваат знаење од областа на западната класична музика. Музичката школа Бухман-Мехта во Тел Авив развива млади таленти во Израел и блиску е поврзана со Израелската филхармонија, преку нов вид подучувања на младите арапски Израелци во градовите Шфарам и Назарет, со локални наставници и со членови на Израелската филхармонија.

Одбележувајќи 100 години од своето постоење во 2023 година, Белградската филхармонија денес е позиционирана како најдобар оркестар во регионот и ансамбл што претставува освежување на меѓународната концертна сцена. Според пишувањата на меѓународните медиуми, Белградската филхармонија е култен српски оркестар (Financial Times), еден од водечките европски оркестри (Independent), оркестар кој гледа само напред (Washington Post), и ансамбл кој со себе носи голема доза на наследство и гордост (New York Times).

Специфичниот имиџ, кој е резултат на инвентивните уметнички концепти и на креативниот маркетинг, влијаел на препознатливоста на оркестарот. На тој начин, Белградската филхармонија брзо привлекла многу познати имиња од класичната музика, кои ја дале својата поддршка на нејзиниот понатамошен развој. Меѓу нив посебно се издвојува повеќедецениското пријателство со Зубин Мехта, кој редовно одржува добротворни концерти со оркестарот.

Белградската филхармонија иницира, реализира и поддржува акции од значење за унапредување на општеството, промоција на толеранцијата, регионални и меѓународни соработки. Оригиналниот и единствен концепт на циклусот новогодишни концерти, кои преку музиката ги промовираат етничките и верските различности, привлече големо внимание кај домашната и кај меѓународната јавност, а исто така е препознаен и поддржан и од страна на Европската Унија. Предводен од Зубин Мехта, оркестарот во 2011 година го оствари и првото гостување во Хрватска (Дубровник) по воените случувањата на просторот на поранешна Југославија. Исто така, Белградската филхармонија ја иницираше и реализираше и првата регионална соработка на трите национални филхармонии на Србија, Хрватска и Словенија во новата историја, во рамки на проектот Пика-точка-тачка, кој е поддржан од страна на Стејт департментот. Еден од најзначајните проекти во последните неколку години е Бетовен маратонот, кој Белградската филхармонија го реализираше во копродукција со Дортмундската филхармонија. Во јуни 2022 година, прво во Дортмунд, а потоа и во Нови Сад, Европската престолнина на културата во 2022 година, двата оркестра во еден ден наизменично ги изведуваа сите симфонии на Бетовен. Концертите ги предводеше Габриел Фелц, шеф-диригент на двата оркестра.

This image has an empty alt attribute; its file name is Wilfried-Hosl.jpg

Во текот на изминатите децении, оркестарот има значајни меѓународни турнеи и гостувања во Италија, Германија, Австрија, Швајцарија, Шведска, Франција, Словенија, Босна и Херцеговина, Хрватска, Унгарија, Русија, Оман и др. Најважниот интернационален ангажман во новата историја е првата турнеја во САД во историјата на оркестарот, која опфати настапи во главните концертни сали во Чикаго, Кливленд, Вашингтон и Њујорк, во октомври 2014 година.

Белградската филхармонија во 2017 година започна традиција на концерти на отворено кои бележат историски успех и претставуваат најголеми концерти на класична музика на отворено на Балканот. Повеќе од 30 илјади луѓе присуствуваа на првиот концерт кој го предводеше шеф-диригентот Габриел Фелц, на кој како специјален гостин настапи Зубин Мехта. Следната година Белградската филхармонија го надминува претходниот успех, собирајќи повеќе од 40 илјади луѓе на концерт.

Најважните цели на оркестарот во рамките на петгодишното планирање на активностите и развојот се позиционирање на меѓународната музичка сцена, промоција на оркестарот на други континенти, како и изградба на новата концертна сала во Белград – една од најзначајните државни инвестиции во областа од културата.

Во текот на концертната сезона 2023/24, Белградската филхармонија слави еден век од своето постоење со неколку големи проекти, со кои ги испишува првите страници во новото поглавје од својата историја.

©EKRAN.MK Вестите на интернет страницата на редакцијата ЕКРАН.мк може да се користат исклучиво за лично информирање. Без писмена дозвола од ЕКРАН или посебен договор, не е дозволено превземање, користење или реемитување на вестите, во спротивно ќе уследи фактурирање на име „плагијат“ во вредност од 20.000 денари.

Видете следно

Сеќавање: 9 години без истакнатиот македонски писател и новинар Димитар Димитровски – Такец

Димитар Димитровски – Такец е роден во 1922 година во Битола. Тој беше истакнат македонски …