ЈАСМИН ЛЕВИ ЗА ПРВПАТ ВО СКОПЈЕ: Музичка дива која со својата музика гради емотивни мостови меѓу луѓето

Поради големиот интерес на публиката, Јасмин Леви, големата ѕвезда на world music сцената ја продолжува својата балканска турнеја со концерт во Скопје на 7 април 2024 година во големата сала на Македонската филхармонија. Изведувачката на безвременските хитови “Una noche mas”, “Alegria”, “Adio kerida” за првпат во својата кариера ќе настапи во Македонија, по големите концерти кои минатата година ги одржа во Белград, Нови Сад, Бања Лука и Сараево. Сите концерти беа распродадени во рекорден рок и станаа музички настани за кои најмногу се зборуваше изминатата година.

Леви е родена и израсната на Блискиот исток, кој го опишува како вистинска мешавина од народи и култури. Пораснала под влијанието на медитеранските култури, како и на разните музички влијанија од класичната музика до современиот џез кои успешно ги обединува во својот уникатен уметнички израз.


Откако го освои светот со песните и албумите “La Judería”, “Mano Suave” и “Libertad”, славната уметница работи на објавување на новиот албум “Mujer” (Жена), од кој веќе изведува песни на новите концерти.

Во интерпретацијата, Леви го користи својот интензивен, моќен и драматичен вокал проследен со музика испреплетена со звуците на фламенко, ориентални инструменти и силни влијанија од културата во која пораснала.


Секој нов концерт го започнува со шегата „Кога бев мала, сакав да бидам Хулио Иглесијас, но повеќе среќа следниот пат“ (се смее). И навистина, емотивниот пристап на секој нов концерт и начинот на којшто оваа светска музичка ѕвезда пее за тагата и животните падови, најдобро зборуваат за нејзините музички идоли. Лучано Павароти, Едит Пјаф, Били Холидеј се само дел од нив, а самата уметница истакнува дека страсно слуша стари фламенко-пејачи како што е Антонио Молина.

Нејзиниот концерт е патување низ најдлабоките емоции и спој од различни светови и култури, низ музиката која таа ја доживува како мост меѓу сите луѓе, а најмногу меѓу себе и публиката:


Се радувам и се надевам дека публиката ќе ми се препушти и ќе ми верува. Дозволете ми да ве одведам на поинакво патување од вашето секојдневје … ќе уживате! – порачува Јасмин пред својот прв концерт во Скопје.

Концертот на Јасмин Леви ќе се одржи на 7 април во салата на Македонската филхармонија, а влезниците ќе бидат пуштени во продажба од 15 февруари, онлајн преку ticketx.mk.

©EKRAN.MK Вестите на интернет страницата на редакцијата ЕКРАН.мк може да се користат исклучиво за лично информирање. Без писмена дозвола од ЕКРАН или посебен договор, не е дозволено превземање, користење или реемитување на вестите, во спротивно ќе уследи фактурирање на име „плагијат“ во вредност од 20.000 денари.

Видете следно

Хороскоп за утре за сите хороскопски знаци: Прочитајте што не советуваат ѕвездите за утре 02.05.2024 во врска со работата, љубовта и здравјето

Овен Работа: Добар прилив на енергија, позитивно расположение и сите шанси типичниот Овен има да …