Интервју со Emilija L Ducks: Артистите треба да се чувствуваат безбедно, да не се плашат дали ќе имаат да платат кирија и слично

Екран продолжува со промоцијата и претставувањето на нашите талентирани артисти. Овојпат имаме интересно интервју со нашата мултиталентирана уметница Emilija L Ducks. Емилија досега го има издадено своето ЕП со наслов „Бои“ и новелата „Марика и стравот“. Во моментов е актуелна со видео спотот за нејзиниот нов сингл „Вредеше“. Пишува, компонира, свири и пее, а ни даде и мошне интересни одговори на нашите прашања. Уживајте!

  • Кога и кој ги забележа твоите афинитети кон музиката и уметноста?

– Во тинејџерските години трагав по начин на изразување, и музиката како и пишувањето беа тоа во што се заљубив. Уште пред средното музичко образование имав часови гитара, и учествував во хорот на Запро Запров. Се изненадив што воопшто ме примија, немав разбирање за тоа дали имам талент или не, и немав музичари кои ми беа блиски, за да ми кажат.


  • Kакво влијание имаше музиката во раните години од твојот живот? Дали беше инспирирана од некој артист посебно?

– Тоа што растев во Македонија создаде влијание од нашата фолклорна музика која е атипична за држави надвор. Нерамномерни метрики, техники на пеење, и украсни тонови се работи кои ги земав здраво за готово, се додека не сфатив дека не се лесни за луѓе од странство. Освен тоа, музичари од кои имам многу црпено се Jeff Buckley, Nick Drake, и големо влијание е Fiona Apple. Сакам музичари кои проценувам дека изразуваат автентична емоција. Начинот на кој одбираат да го сторат тоа е нешто што ме фасцинира во однос на колку различни начини постојат, и колку е секој уникатен кога ќе го најде својот глас.

  • Имаш интересно уметничко име, како го одбра?

– Не сакав да творам под своето дадено презиме. Не сакав да се асоцирам со некој кој не заслужува кредит за било кое мое уметничко достигнување. Размислив да го земам мајчиното момино презиме, како што сестра ми стори за нејзиниот псевдоним, но го одбрав тоа што секогаш ми дава утеха кога се трудам да се најдам себеси. Сакам патки. Омилена боја ми е маслинесто зелена. Омилена храна ми е суши. Минимален израз на идентитет кој знам дека е мој, на кој можам да се потпрам, кој ми носи среќа.


  • Дали и како технологијата ја промени музиката?

– Да, на многу начини. Како и со сите големи промени, особено технолошки, има добри и лоши аспекти. Доброто нешто е што јас, дипломиран пејач, во 2024та имам услови да снимам и продуцирам релативно квалитетна музика, нешто што ќе ми требаа многу повеќе средства и образование да го сторам пред 30 години.


  • Покрај музиката, пишуваш и поезија. Досега ја имаш издадено новелата „Марика и Стравот“ во 2018 година. Дали наскоро планираш да издадеш нешто ново?

– Да! Моментално аплицирам со збирка поезија во Англиски издавачки куќи. Има формат кој наликува на дневник и искрено се гордеам со тоа што го сторив, но немам идеја кога ќе биде прифатено и издадено. На моменти има и делчиња на Македонски јазик.

  • Твоето прво ЕП „Бои“ го промовираше во МКЦ во веќе далечната 2017 година. Колку значи поддршката од било каков вид за да можат уметниците да творат и да го издаваат своето творештво?

– Поддршка е неопходна. Дали од фамилија, партнери, пријатели или фанови – некогаш дури и реакција или коментар прават разлика. Навистина е тешко да биде некој објективен за своето творештво, и толку е чудно со алгоритамот како може некое дело што е сосем во ред да не добие никакво внимание и пофалба, само бидејќи е објавено во одреден дел од денот, и никој не кликнал лајк и коментирал во првата минута. Заборавам некогаш дека мора на крајот на денот јас да пресудам за тоа дали ми е мојата музика или пишување “доволно добра,” што и да значи тоа.

  • Дали Скопје има доволно креативен простор за да можат младите артисти да се изразат?

– Креативен простор? Да, мислам. Условите се поголем проблем. Артистите треба да се чувствуваат безбедно, да не се плашат дали ќе имаат да платат кирија и слично. Најдобро твориме кога сме во безбедна околина, а нашата држава тешко го обезбедува тоа.

  • Каква музика слушаш во слободно време и кои артисти ти се омилени?

– Многу сакам музика! Многу многу сакам музика. Често се будам од сон, и имам песна заглавена во глава, некогаш што ја немам чуено со години. Слушам различни жанрови, и имам љубопитност и кон нови стилови и артисти на помладата генерација. Rock, pop rock, indie, folk, art pop, секоја варијација на овие, и многу поинакви. Не се разбирам премногу од жанрови, важна ми е експресијата повеќе од продукцијата или целосното компактно совршенство.

  • Како си помина на промоцијата на „Вредеше“ во Буква? Дали може да очекуваме нов албум наскоро и твој нов настап во блиска иднина?

– Прекрасно беше. Беше интимна атмосфера, и се чувствував многу видено. Многу ми го затопли срцето.
Да! Работам на…моментално сакам да го рекреирам она што се случи во Буква во (надежно) Јорк, Лидс, Манчестер и Прага. Како мини турнеја, или промоција.
Истовремено работам на (беа 7 сега мислам 8 ќе бидат) музички траки, кои планирам да бидат целосно моја снимка и продукција. Сакам, ако успеам, да направам видео запис како приказна за сите нив. Тоа е многу амбициозно, ако не ми успее – преправајте се дека не го кажав ова.

©EKRAN.MK Вестите на интернет страницата на редакцијата ЕКРАН.мк може да се користат исклучиво за лично информирање. Без писмена дозвола од ЕКРАН или посебен договор, не е дозволено превземање, користење или реемитување на вестите, во спротивно ќе уследи фактурирање на име „плагијат“ во вредност од 20.000 денари.

Видете следно

Сеќавање: 20 години без истакнатиот македонски историчар и археолог Томо Томоски

Томо Томоски е роден на 22 декември 1915 година во Скопје. Тој беше истакнат македонски …