Интервју со Бојана Скендеровски: Ние уметниците имаме свои револуции, и нашето оружје се песните, со нив се бориме, и се трудиме да го храниме духот на македонскиот народ

Продолжуваме со уште едно интервју во рамките на соработката на Екран со продукција Скендеровски и Проектот „Македонијо во срце те носиме“. Бојана Скендеровски долги години е присутна на македонската музичка сцена. Во моментов е актуелна со Проектот Македонијо во срце те носиме, каде ја испеа легендарната „Заветна“. За ова и за многу други теми поразговаравме со Бојана.

Македонската публика те запозна на музичкото шоу „Плеј потрага по звезди“. Колку тоа влијаеше на тебе за
да почнеш сериозно да се занимаваш со музика?


– Навистина таа голема аудиција беше пресвртна точка, кога решив да се занимавам со музиката, како моја животна определба, иако студирав нешто што не беше поврзано со музиката, веројатно влегувањето во тие 10 финалисти беше како ветер во грб, за да ја одберам музиката како моја животна определба.

Долго време беше водител на емисијата „Улица Македонија“. Емисијата имаше голема гледаност и низ неа поминаа многу личности од македонската естрада. Зошто престана да се емитува овој проект?


– Улица Македонија беше моја голема љубов,навистина уживав додека го работев овој проект,ме исполнуваше целиот процес околу подготовките на истата.Во еден момент решив да и се вратам на музиката во полна пареа, и навистина невозможно беше да работам на двете места.

Се оствари и во улогата на сопруга и мајка. Колку тоа влијаеше на твојата кариера и колку тоа те промени на личен план?


– Дефинитивно многу ме промени,од перцепцијата на нештата,емотивно,пристапот на работите и многу други нешта.Животот стана многу подинамичен,ми снемува време во текот на денот.Поради мајчинството морав да се повлечам на некое време од
сцената, но не жалам,се вратив со многу повеќе волја и енергија.

Во меѓувреме издаваш неколку песни со кои се враќаш на музичката сцена. Како си задоволна од тоа како публиката ги прифати овие песни?

– Задоволна сум,иако можеби за да се вратам ми требаше малку повеќе работа,сакав да останам доследна на поп музиката,иако кога решив да се вратам сфатив дека новиве генерации слушаат некој нов фазон,кој не ми беше близок.

Најново од „Скендеровски Продукција“ е проектот „Македонијо во срце те носиме“. Одличен проект кој е многу популарен кај публиката. Како дојдовте до идејата за овој проект?

– Овој проект некако сам по себе требаше да се роди,во овие чудни,турбулентни времиња,во кои се бориме да се докажеме
дека сме постоеле,постоиме,имаме свои посебности,и не може никој да не негира.Ние уметниците имаме свои револуции,и ова е нашето оружје, песните.Со нив ние се бориме, а се трудиме да го храниме духот на македонскиот народ.Многу сум среќна што публиката го сака,и сега очекувам да се видиме на концертниот караван низ градовите во Македонија.

И вие бевте дел од овој проект каде ја испеавте песната „Заветна“. Прекрасна изведба на оваа моќна песна. Зошто ја избравте токму „Заветна“?

– “Заветна” е за мене лично многу посебна песна. Таа е песна над песните.Кога бев помлада ја сакав, но денес во овие времиња комплетно ја разбирам и чувствувам, Георги Барбаровски во неколку строфи ја раскажува нашата судбина,борба и историја,и буквално ништо не се променило од пред 32 години кога ја напишал.Пепи Бафтировски е еден од моите омилени пеачи,и многу сум тажна што сеуште никој во државава не се сети да му даде постхумно признание,или пак една спомен плоча да се подигне во
негова чест.

Што наредно да очекуваме од Бојана и од Скендеровски продукција?

– Во моментов сме окупирани со концертите на проектот “Македонијо во срце те носиме” во следниов еден месец,а потоа имаме на ум уште многу проекти кои се надеваме дека ќе успееме да ги реализираме.

©EKRAN.MK Вестите на интернет страницата на редакцијата ЕКРАН.мк може да се користат исклучиво за лично информирање. Без писмена дозвола од ЕКРАН или посебен договор, не е дозволено превземање, користење или реемитување на вестите, во спротивно ќе уследи фактурирање на име „плагијат“ во вредност од 20.000 денари.

Видете следно

Први Мај во Дојран: врвулица од луѓе, се бара паркинг место, но и слободно столче во рестораните

Први Мај во Дојран е главно врвулица од луѓе кои го бараат своето место да …