„Интервалите во мене“ – Самостојна изложба на Александра Гиноска

Во Ликовниот салон во Велес, денес со почеток во 18:00 часот, ќе биде отворена самостојната изложба на Александра Гиноска, насловена „Интервалите во мене“.

Внатрешниот антагонизам предизвикан од непомирливата спротивност на чувствата и мислите, некогаш нè принудуваат да зачекориме неколку чекори назад, со цел да се оддалечиме од сегашниот момент преплавен со сензитивни интерни конфликти. Преку внимателна внатрешна интроспекција на одредени емотивни состојби, поединецот предводен од своите лични мотиви и вредности одлучува во насока на правењето на вистински избор и наоѓање на соодветното решение.


Во тие моменти, исполнети со разни неизвесности и непредвидливи исходи, секој поединец длабоко продира во личната егзистенцијална суштина, пронаоѓајќи одговори коишто ќе го оттргнат од дадената тензична состојба на исчекување. Асоцијативните апстрактни и слободни интервенции конструирани со непомирлива динамична раздвиженост на контрастните површини и раскошно колоритен вокабулар на Александра Гиноска, рефлектираат бурни внатрешни емотивни судири и кулминациски состојби кај поединецот. Со примената на разни контрасти на многубројни ликовни елементи, авторката ги манифестира внатрешните медитативни процеси исполнети со антагонистичка тензичност и разиграни динамични дијалози, односно според неа „во сликите меѓу чистите површини има одреден акцент на динамиката и тоа е интервал кој го доживуваме во просторот и времето“.

Формообразувачките површини претставуваат визуелна артикулација на спротивставените емоции, импресии и мисли, додека пак различната јачина на боите и силниот контраст кој уметничката го култивира во своите асоцијативни апстракции одразуваат разен изразен интензитет на чувствата. Единството во асоцијативните апстрактни композиции се јавува кога еден ликовен елемент ќе ги надвладее преостанатите учесници кои се подредуваат на неговата моќна изразност. Динамичната разиграност во колоритните интервенции се должи на разните големини, форми и нивната поставеност во композициската структура. Во апстрактните композииции на уметничката дополнително се акцентирани празните интервали помеѓу визуелните морфеми со коишто таа ја компонира личната чувствена хармонија и мелодика.


Со примената на зачестеното повторување и разновидност на ликовните елементи, како и земајќи ги во предвид празните интервали кои алудираат на просторот и времето во коишто егзистира материјата, се согледува генијалната способност на авторката да ја обдари композицијата со мелодична живост. Уметничката Александра Гиноска во своето асоцијативно-апстрактно и раскошно колоритно творештво облагородено со автентична визуелна синтакса ги рефлектира личните медитативни и интроспективни согледби за човекот во состојби на неизвесност и конфликтност, за суштинската потреба од разбирање на она што бранува и трепери со сопствените внатрешни вредности и важноста од доследеноста и верноста кон себеси – м-р Викторија Димеска, историчар на уметност.

©EKRAN.MK Вестите на интернет страницата на редакцијата ЕКРАН.мк може да се користат исклучиво за лично информирање. Без писмена дозвола од ЕКРАН или посебен договор, не е дозволено превземање, користење или реемитување на вестите, во спротивно ќе уследи фактурирање на име „плагијат“ во вредност од 20.000 денари.

Видете следно

На лицето може да се забележат два симптоми на високо ниво на холестерол

Високиот холестерол често се нарекува „тивок убиец“ поради фактот што симптомите обично потешко се забележуваат. …