Денес во Музејот на Современа Уметност во Скопје, со почеток во 12:00 часот ќе биде отоворена изложбата на концептуалниот уметник Миша Кубал со наслов If walls could tell („Кога ѕидовите би зборувале“).
Куратор: Зоран Ериќ, Институт за филозофија и социјална теорија, Белград
Транснационалниот проект if walls could tell („Кога ѕидовите би зборувале“) на уметникот Миша Кубал, ги доведува во прашање уметничките институции во однос на нивната инклузивност на пошироките општествени групи во една заедница. Три симболични музејски ѕидови ќе бидат поставени на јавни места во различни градови низ Југоисточна Европа, каде што ќе делуваат како пристапна и привремена сцена за локалните жители. Како филтер, овие ѕидови ќе ги соберат сите „траги“ на културни и урбани изрази во урбаниот живот на луѓето, далеку од културните институции на кои тие се однесуваат. Откако ќе биде обележана од околината и луѓето, сцената потоа се враќа во својот институционален контекст, зачувувајќи ги трагите оставени зад нас, за понатамошно испишување.
Со приказната за Дос Пасос што одекнува во позадина, аналогниот музејски_трансфер – минливата, речиси дистописка промена на местото со многуте натписи – се концентрира на трагите оставени на ѕидовите, видени како привремен простор за отворено и неограничено изразување на граѓаните во партиципативен уметнички проект во јавен простор. „Кога ѕидовите би зборувале“, поставува актуелни општествени прашања: Дали граѓанското општество може да живее без музеи, и дали ова го отфрла или прекршува културното ветување за идните генерации? Какви се интеракциите помеѓу општеството, музеите, граѓаните, уметниците и кураторите?
Дејствувајќи како катализатор во овој контекст, Миша Кубал го отвора просторот за сите граѓани, кои пак стануваат директни продуценти на содржина, учесници и коавтори во продукцијата на колаборативно уметничко дело. Така, тие се сметаат за политички субјекти кои треба да бидат способни да ги присвојат сите достапни инструменти кои ги претвораат во активни корисници, а не во пасивни конзумери, што го поставува прашањето: Што се случува кога граѓаните, потенцијалната музејска јавност и уметниците ќе добијат „слобода на изразување“ во јавниот простор, невообичаено за музејската изложбена политика и практика?
Откако ѕидовите ќе се вратат во музејот, важен аспект на проектот вклучува оганизирање на јавна дебата со уметници, историчари на уметност, теоретичари и куратори, меѓу другите. Дискусијата ќе се заснова на претходно забележаните општествени прашања и проблеми во секој од локалните контексти и инспирирана од интервенциите, изјавите и отпечатоците оставени на ѕидовите. Контекстуалните дискурзивни програми се развиваат заедно со партнерските институции и со говорници кои добро ги познаваат локалните општествено-политички и уметнички контексти.
Музејот на современа уметност во Скопје е последното место оваа година, по изложувањето на проектот во Сараево и Букурешт ова лето. Процесот ќе се изведе во 2025 година и во сите други партнерски градови/места: Кишинев, Краљевица, Љубљана, Бихаќ, Чачак и Цетиње. Во секој од партнерските градови, откако ќе бидат поставени на јавни простори, ѕидовите ќе бидат вратени во музејот или галеријата, каде што ќе се одржат панел дискусии за да се истражи влијанието на партиципативната уметност во јавниот простор во секој специфичен контекст. Проектот ќе заврши во WELTKUNSTZIMMER во Дизелдорф, каде што ќе се одржи финалната дискусија со сите партнери.
За уметникот
Концептуалниот уметник Миша Кубал работи во јавната и институционалната сфера од 1977 година. Од 2007 година Кубал е професор по јавна уметност на Академијата за медиумски уметности во Келн, а од 2006 до 2008 година тој е професор по медиумска уметност на Hochschule für Gestaltung / ZKM во Карлсруе. Од 2015 година е член на Академијата на науки, хуманистика и уметности во Северна Рајна-Вестфалија, Дизелдорф. Во 2016 година тој беше почестен со наградата German Light. Од пролетта 2024 година, тој е вонреден член на Кластерот за извонредност ‘Matters of Activity. Image Space Material’на Универзитетот Хумболт во Берлин.