(ФОТО) Специјални гости на „Рок Фест 2018“: „Стил темпл“ со концертна промоција на албумот

Скопската хевиметал-група „Стил Темпл“ е првиот потврден изведувач што ќе настапи на 31-то издание на „Рок-фест“, кое ќе се одржи кон крајот на април во Младинскиот културен центар во Скопје. Бендот ќе свири на 28 април, во ревијалниот дел од фестивалот, каде што, освен нив, ќе има уште неколку групи што ќе придонесат за зголемување на возбудата на втората вечер на „Рок-фест“.
„Стил темпл“ во оваа пригода концертно ќе го промовира својот втор албум, насловен „Nobody’s Slaves“. Иако албумот е објавен поодамна, сепак ова ќе биде официјална промоција, но не само на музиката туку и на винилното издание на „Nobody’s Slaves“, кое излегува под етикетата на швајцарско-српската издавачка куќа „Мајнер рекордс“. Со ова „Стил темпл“ ќе добие втор носач на звук за овој албум, откако првенствено тој излезе на цеде.
„Драго ни е што издавањето на винилската плоча од албумот „Nobody’s Slaves“ ќе го промовираме токму на „Рок-фест“, затоа што тоа е манифестацијата каде што ги направивме нашите први музички чекори и каде што имаме свирено во неколку наврати, и како натпреварувачи и како гости. Иако албумот „Nobody’s Slaves“ го објавивме пред повеќе од една година, сепак ова е одлична шанса за нас да го отсвириме материјалот и на посетителите и нашите обожаватели да им го претставиме и понудиме винилното издание. Со овој концерт не само што го промовираме албумот туку ја одбележуваме и 18-годишнината од нашето оформување“ – рече Урош Вељковиќ, тапанарот на бендот.
Настапот на „Стил темпл“ практично ќе биде целовечерен концерт, кој ќе трае повеќе од еден час, каде што, покрај песните од „Nobody’s Slaves“, тие ќе отсвират и некои од нивниот прв албум, а не е исклучена можноста и за дополнителни изненадувања на сцената.
Групата „Стил темпл“ е оформена во 2000 година, а својот деби-албум, насловен „Барајќи го спасот“, го објави во 2004 година. Во текот на годините бендот претрпе неколку персонални промени, но сега групата ја сочинуваат пејачот Филип Филиповски, клавијатуристот Дарко Поповски, басистот Маријан Петровски, тапанарот Урош Вељковиќ и гитаристот Адриан Петров, кој дојде на местото на оригиналниот гитарист Дениз Адил, кој ги снимаше гитарските делници и на двата албума на групата. Во својата кариера, „Стил темпл“ има одржано голем број концерти и клупски свирки, а ја има делено сцената и со повеќе славни светски бендови, како „Вајтснејк“, „Џудаст прист“, „Халовин“ и други.

Извор:Нова Македонија


©EKRAN.MK Вестите на интернет страницата на редакцијата ЕКРАН.мк може да се користат исклучиво за лично информирање. Без писмена дозвола од ЕКРАН или посебен договор, не е дозволено превземање, користење или реемитување на вестите, во спротивно ќе уследи фактурирање на име „плагијат“ во вредност од 20.000 денари.

Видете следно

Среќен роденден Каролина Гочева !!!

Каролина Гочева е родена на 28 април 1980 година во Битола. Таа е позната македонска …