Еден од најдобрите фудбалери на сите времиња Диего Армандо Марадона денес ќе го прославеше својот 63-ти роденден

Диего Армандо Марадона бил роден 30 октомври 1960 година во Вила Фиорито, Буенос Аирес. Тој е поранешен аргентински фудбалер и фудбалски тренер, светски првак од Мексико 1986 и еден од најдобрите и најпопуларни фудбалери на сите времиња.

На 20 октомври 1976 година (10 дена пред неговиот 16-ти роденден), Диего го одиграл својот прв натпревар за сениорите на Аргентинос Јуниорс. Тогаш, тој станал најмладиот прволигашки фудбалер во историјата на аргентинскиот фудбал. Следната година го одиграл првиот натпревар за сениорската репрезентација на Аргентина. Сепак, во 1978 селекторот Луис Цесар Меноти не го зел во националната селекција на Аргентина за Светското првенство со образложение дека бил премлад за да го издржи притисокот. Во 1979 година, тој бил капитен на репрезентацијата на Аргентина која во Јапонија ја освоила титулата јуниорски првак на светот. Во тоа време, во Јувентус и ФК Барселона почнале да се распрашуваат за „малиот зелен“, како што го нарекувале, но, тие не биле единствени – во игра биле и Арсенал и Шефилд Јунајтед. Тие веднаш се повлекле откако ја слушнале почетната цена од 800 000 фунти, која во тоа време била прилично голема. Диего останал во Аргентина и во 1981 со клубот Бока Јуниорс ја освоил шампионската титулата на Аргентина. Една година подоцна, тој настапил на Светското првенство во Шпанија и потпишал за ФК Барселона. Во 1984 година, Марадона преминал во италијанскиот клуб ФК Наполи со кој освоил две титули првак на Италија (1987 и 1990), а во 1989 го освоил и Купот на УЕФА – првата европска титула на Наполи.


На Тринаесеттото светско првенство во Мексико (1986), Марадона бил двоен стрелец на натпреварите на Аргентина со Англија. И двата негови голови на тој натпревар останале запаметени во историјата на фудбалот; првиот гол, Диего подоцна го нарекол „Божја рака“, а вториот бил ремек-дело кое во повеќе избори се смета за најдобар гол на сите светски првенства. Тогаш, Марадона сам ја продриблал половината од англискиот тим и голманот Шилтон и постигнал гол. Англискиот коментатор рекол дека првиот гол со сигурност е нерегуларен бидејќи е постигнат со рака, но затоа вториот вреди за десет. На тоа првенство, Марадона ја довел Аргентина до титулата Првак на светот во драматичен двобој со репрезентацијата на Западна Германија (3:2). Три години подоцна, два месеци провел во Аргентина и не се појавил на почетокот на италијанското првенство. Побарал исписница од ФК Наполи поради трансфер, но неговото барање било одбиено. На Светското првенство во Италија (1990) аргентиската репрезентација, предводена од Марадона дошла до финалето, но била поразена од СР Германија со 1:0.

Во 1994 година, Марадона станал тренер на „Мандиу де Кориентес“, а една година подоцна го презел Расинг Клуб, а исто така бил тренер и на „Дорадос“ и „Гимназија“.[7] Во периодот 2008-2010 бил селектор на аргентиската фудбалска репрезентација, во периодот 2011–2012 бил тренер на ФК Ал Васл, а во 2017 година станал тренер на ФК Фуџаира.


Марадона се оженил со неговата долгогодишна свршеница Клаудија Вилафане на 7 ноември 1989 во Буенос Аирес, и тоа по раѓањето на нивните ќерки, Далма Нереа и Џианина Динора. Во својата автобиографија, Марадона признава дека не ѝ бил секогаш верен на Клаудија, иако неа ја опишува како љубовта на неговиот живот.

Во Барселона, Марадона за првпат пробал кокаин. Тоа подоцна го образложил на следниот начин: „Ништо посебно. Сакав да се чувствувам поживо“. Во клубот сите се сомневале, но молчеле, бидејќи Марадона бил преголема инвестиција. Потоа, тој настапувал во ТВ реклами против дрогата, за што бил добро платен.


Марадона умрел утрото, на 25 ноември 2020 година, како последица на срцев удар. На почетокот на ноември, тој бил примен во болница, каде бил опериран поради излив на крв во мозокот. По излегувањето од болницата, тој закрепнувал во својот дом во Тигре, во близината на Буенос Аирес. Веста за неговата смрт предизвикала бројни коментари ширум светот. Така, Лионел Меси напишал на инстаграм: „Многу тажен ден за Аргентинците и за за фудбалот. Тој нè остави, но не замина, зашто Диего е вечен.“ И Кристијано Роналдо ја искажал својата тага на друштвените мрежи, нарекувајќи го Марадона „вечен гениј“.

©EKRAN.MK Вестите на интернет страницата на редакцијата ЕКРАН.мк може да се користат исклучиво за лично информирање. Без писмена дозвола од ЕКРАН или посебен договор, не е дозволено превземање, користење или реемитување на вестите, во спротивно ќе уследи фактурирање на име „плагијат“ во вредност од 20.000 денари.

Видете следно

Хороскоп за утре за сите хороскопски знаци: Што не советуваат ѕвездите за утре 05.05.2024 во врска со работата, љубовта и здравјето?!

Овен Работа: Позитивната енергија и доброто расположение треба да го поттикнат Овенот овој ден да …