Државата дава по 25.000 денари ваучер за нова инвертер клима: Еве како да добиете финансиска поддршка

Министерството за економија оваа година ќе додели финансиска поддршка преку доделување на потврда – ваучер за купување и вградување високоефикасни инвертер клима уреди, со цел зголемување на енергетската ефикасност во своите домови и остварување на заштеди на електрична енергија, согласно Програмата за поттикнување енергетска ефикасност на домаќинствата за 2024 година и Програмата за заштита на ранливи потрошувачи на енергија за 2024 година, кои ги донесе Владата.

Согласно предвидените средства за овие две програми од вкупно 255 милиони денари или 4,1 милиони евра, со целосно нивно искористување, како што рече Бектеши, е предвидено да се доделат над 7.000 ваучери за инвертер – клима уреди.


-Согласно Програмата за заштита на ранливи потрошувачи на енергија, лицата со ниски примања за самец со вкупни приходи до 21.000 денари, домаќинство со два члена со вкупни приходи од 30.000 и домаќинство со три члена со вкупни приходи од 35.000 денари, ќе може да добијат ваучер во вредност од 27.000 денари во бруто износ по домаќинство, со вклучен ДДВ за купување и вградување високоефикасни инвертер клима уреди, а лицата со ниски примања за домаќинство со четири члена со вкупен приход од 40.000 денари и домаќинство со пет члена и повеќе со вкупен приход од 45.000 денари ќе може да добијат ваучер за инвертер клима во вредност од 30.000 денари во бруто износ по домаќинство, со вклучен ДДВ, рече Бектеши.

Тој прецизира дека вкупните средства за реализација на оваа програма се во износ од 45 милиони денари или 73 илјади евра буџетски средства.


-Согласно Програмата за поттикнување на енергетската ефикасност во домаќинства ваучер во вредност од 25.000 денари по домаќинство, со вклучен ДДВ, ќе добијат домаќинствата кои живеат на територијата на општините на Пелагонискиот регион – Битола, Демир Хисар, Кривогаштани, Крушево, Могила, Прилеп, Ресен, Новаци, Долнени и Југозападниот регион – Вевчани, Дебар, Дебрца, Кичево, Македонски Брод, Охрид, Пласница, Струга, Центар Жупа, посочи Бектеши.

Ваучер во износ од 23.000 денари по домаќинство, со вклучен ДДВ, ќе добијат домаќинствата кои живеат во Скопскиот, Источниот, Југоисточниот, Североисточниот, Вардарскиот и Полошкиот регион, за што се предвидени вкупно 110 милиони денари или 1,78 милиони евра, рече Бектеши.


За да го остварат правото на учество по овој јавен оглас домаќинствата во изминатите три календарски години треба да не користеле средства од било кој извор за надомест на трошоци за грејни уреди – печки на пелети или високоефикасни инвертер клима уреди, да немаат приклучок на градско централно греење во станбениот објект каде што ќе биде инсталиран уредот. Покрај тоа, уредот ќе треба да биде купен и вграден во текот на 2024 година, најдоцна до 30 ноември годинава, на адресата која е наведена во барањето.

Набавениот уред задолжително треба да има минимум COP 3.0, да грее на надворешна температура од -15 степени Целзиусови и да биде најмалку А+ енергетска класа за потрошувачка на електрична енергија за греење. За да аплицираат за овие два огласи граѓаните ќе треба да пополнат барање кое што ќе може да го подигнат во Архивата на Министерството за економија или на веб-страницата на Министерството за економија, изјава за точноста на податоците заверена на нотар, фотокопија од лична карта од сите членови на домаќинството, како и копија од последна платена сметка за електрична енергија, појасни Бектеши.

Во исто време, додаде, Министерството за економија ќе објави и јавен повик за пријавување на интерес на компании кои вршат трговија со висококвалитетни инвертер – клима уреди со дефинирани услови кои ќе треба да ги исполнуваат, со кои потоа ќе биде склучен договор.

-Листата на трговци преку кои ќе може да се набавуваат инвертер – клими со ваучери ќе биде објавена на веб-страницата на Министерството за економија, прецизира Бектеши.

©EKRAN.MK Вестите на интернет страницата на редакцијата ЕКРАН.мк може да се користат исклучиво за лично информирање. Без писмена дозвола од ЕКРАН или посебен договор, не е дозволено превземање, користење или реемитување на вестите, во спротивно ќе уследи фактурирање на име „плагијат“ во вредност од 20.000 денари.

Видете следно

АКТУЕЛНА МЕТЕО НАЈАВА: Во вторник и во среда повторно свежо и врнежливо – Можно е ново невреме, особено во вторник

Метео прогноза на Славчо Попоски: Под влијание на влажна и свежа воздушна маса од север, …