Денес роденден слави професорката и книжевна критичарка Весна Мојсова-Чепишевска

Весна Мојсова-Чепишевска е родена на 10 април 1967 година во Скопје. Tаа е ќерка на Љубица Мојсова (1945), родена Ивановска и на Сократ Мојсов (1942), познатиот фудбалер и е еден од неколкуте легенди на ФК Вардар.

Од својата десетта па сè до својата осумнаесетта година, таа е член на Детското драмско студио при Македонската радио-телевизија. Уште додека студира на Филолошкиот факултет во Скопје, работи како презентер и водител во истата телевизиска куќа.


По дипломирањето, од 1990 година, Весна Мојсова-Чепишевска предава група предмети од областа на современата македонска книжевност, a од 2010 година ги предава и предметите Книжевност за деца 1 и 2, како и предмети од областа на македонската култура на Филолошкиот факултет „Блаже Конески“ при Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ во Скопје. Во 2012 година е избрана за редовен професор на истиот факултет, а во 2017 година и по вторпат за редовен професор во трајно звање. Од ноември 2004. до октомври 2008 година ја обавува функцијата продекан за настава на Филолошкиот факултет „Блаже Конески“ и надворешен член на Советот на Институтот за фолклор „Марко Цепенков”. Во периодот 2013- 2016 година, таа е раководител на Катедрата за македонска книжевност и јужнословенски книжевности на Филолошкиот факултет „Блаже Конески“, а од март 2014 година и член на Извршниот одбор на Универзитетскиот спортски сојуз на Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ во Скопје.

Од 2002 година работи и како лектор по македонска литература на школите на Меѓународниот семинар за македонски јазик, литература и култура при Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ во Скопје (МСМЈЛК при УКИМ). Од октомври 2019 година е директорка на МСМЈЛК при УКИМ.


Член е на Друштвото на писателите на Македонија (ДПМ) и на Македонскиот славистички комитет (МСК), од 2009 година. Од 2018 година е член на Претседателството на ДПМ. Била член и на Совет за македонски јазик при Министерството за култура на Р Македонија (2012-2016).

Нејзиниот работен стаж на Универзитетот е во знакот на нејзиното учество на бројни научни и стручни конференции, семинари и симпозиуми, како и на над 350 објавени трудови во домашни и странски книжевни списанија, од кои голем дел со меѓународна редакција. Автор е на научните книги / монографски публикации:


„Рацин и експресионизмот“ (Скопје: Менора, 2000),
„Литературни преокупации“ (Скопје: Менора, 2000),
„Лицето на зборовите“ (Скопје: Култура, 2004),
„Мал книжевен тестамент“ (Скопје: Македонска реч, 2007),
„Игра и симулации“ (Скопје: Галикул, 2011,),
„Семеен албум“ (Скопје: Матица македонска, 2015, 232),
„Клуч во клучалката на детството“ (Скопје: Матица македонска, 2019) и
„Конески како тестамент“ (Скопје: Матица македонска, 2021)

Како и на антологиите:

„12. Жени. Гласови“ (Скопје: Македонска реч, 2008),
„Пишувачот“ (Скопје: Македонска реч, 2012) и
„VÍTR PŘINÁŠÍ HEZKÈ POČASÍ (Antologie nejmladší makedonské poezie). (Brno: Tribun EU, 2014).

Добитничка е на следниве награди:

За антологијата „Од чежње до ероса“ во февруари 2015 година ја добива наградата „Светосавски печат“ за посебна книга како исклучителен авторски и издавачки потфат на XI Светосавскиот саем на книга во Ниш. Во мај 2015 година ја добива и меѓународна награда „Ана Франк“ за афирмација на литературата за деца и млади на фондацијата „Македонија презент“ и на издавачкатата куќа „Феникс“. Во февруари 2016, за нејзината книга „Семеен албум“ е наградена со наградата „Димитар Митрев“ на ДПМ за најдобра книга критики и есеи.

Во 2022 година, на Весна Мојсова-Чепишевска ѝ е доделена наградата „13 Ноември“ на Град Скопје, за монографската публикација „Конески како тестамент“ и континуираните остварувања во областа на културата.

Среќен роденден Весна, ти посакува редакцијата на Екран.

©EKRAN.MK Вестите на интернет страницата на редакцијата ЕКРАН.мк може да се користат исклучиво за лично информирање. Без писмена дозвола од ЕКРАН или посебен договор, не е дозволено превземање, користење или реемитување на вестите, во спротивно ќе уследи фактурирање на име „плагијат“ во вредност од 20.000 денари.

Видете следно

Пет идеи за подарок за Велигден

Во предвечерието на еден од најголемите христијански празници Велигден обично се прашуваме што да подариме …