„Бикини Мун” на Манчевски имаше азиска премиера во Шангај

Новиот филм на најтрофејниот македонски режисер Милчо Манчевски „Бикини Мун” имаше азиска премиера на Филмскиот фестивал во Шангај, Кина, еден од најголемите фестивали во Азија. Премиерата беше изминатиот викенд во селекцијата Ново од авторите.

Режисерот Манчевски беше присутен во Шангај за премиерата по која имаше разговор со публиката. Како специјален гостин, на затварањето на фестивалот учествуваше и во врачувањето на наградата за најдобро филмско деби.
„Бикини Мун” пред публиката го претстави менаџерот на Шангајскиот фестивал Мао Лијун, кој како критичар прв пишувал за филмовите на Манчевски уште од „Пред дождот”.
„Многу сум задоволен од приемот на публиката во Шангај, имавме одличен муабет, ‘Бикини Мун’ ги допре на многу длабок начин и добив интересни прашања”, вели Манчевски.
По повод премиерата на „Бикини Мун” кинеската телевизија сними и емисија за Манчевски.
Филмовите на Манчевски се многу популарни во Кина и се предаваат на универзитетите во Пекинг, Шангај и Чонкинг, а со ПРЕД ДОЖДОТ студентите учат за филмска структура.


Лани Манчевски доби големи почести и медиумско внимание на гостувањето во Шангај, при првото сеопфатно претставување на македонски уметник во Азија воопшто. Три големи институции во Шангај одвоено го поканија да гостува пред кинеската публика, покана неповрзана со македонското Министерство за култура.
На ланското јубилејно 20. издание на фестивалот во Шангај имаше ретроспектива на филмовите на Манчевски, а тој беше и во жирито за главната награда на фестивалот. Потоа одржа и мастерклас при универзитетот во Шангај, а имаше изложба фотографии и се промовираше негова книга со фотографии и есеи што е издадена во Кина.
ПРЕД ДОЖДОТ беше прв македонски филм прикажан во Кина и наиде на голем успех. Овој филм има култен статус во Кина, особено во академската средина каде се изучува како пример на наративната структура. Неколку кинески режисери – како Лу Је и Шу Хаолун – го цитираат како еден од клучните филмови во нивниот развој.
Менаџерот на Шангајскиот фестивал Мао Лијун вели дека филмската академија го предава ПРЕД ДОЖДОТ „како библија во филмската нарација во три чина”.
Манчевски е добитник на над 40 меѓународни награди и признанија, меѓу кои и почесен докторат од универзитетот ВГИК во Москва, Златен лав во Венеција, номинација за Оскар, Индепендент Спирит, Давид ди Донатело, ФИПРЕСЦИ, УНЕСКО, Сребрен кондор, ЕМ-ТИ-ВИ и други. „Њујорк тајмс” го вброи неговиот филм „Пред дождот” во 1.000 најдобри филмови на сите времиња. Неговите филмови се предаваат на бројни универзитети на сите пет континенти, а влезени се и во наставната програма на средните училишта во Италија и Турција. Користени се и во наставата во Јужна Кореја. За неговите филмови се одржани две академски конференции, во Фиренца и во Лајпциг.


©EKRAN.MK Вестите на интернет страницата на редакцијата ЕКРАН.мк може да се користат исклучиво за лично информирање. Без писмена дозвола од ЕКРАН или посебен договор, не е дозволено превземање, користење или реемитување на вестите, во спротивно ќе уследи фактурирање на име „плагијат“ во вредност од 20.000 денари.

Видете следно

Среќен роденден Каролина Гочева !!!

Каролина Гочева е родена на 28 април 1980 година во Битола. Таа е позната македонска …