Web

Значењето на постсредното образование за графички и веб дизајнери

Денес многу млади стекнуваат основни или дополнителни компјутерски вештини преку завршени обуки, тренинзи и курсеви. Ваквото неформално образование е од голема корист за сите оние кои поради одредена причина немаат запишано или завршено високо образование.
Едни од најбараните занимања во креативната и дигитална индустрија на пазарот но и најпривлечни за младите се графичкиот и веб дизајн. Голем дел од нив го добиваат знаењето преку курсеви и обуки, преку самоучење, онлајн туторијали, книги и сл, но тоа не ги прави доволно конкурентни на пазарот кај нас: во нивната лична биографија сѐ уште стои дека имаат само завршено средно образование, заради тоа што немаат стекнато потребни стручни квалификации.
Квалификација е формален резултат од процесот на проверка и потврдување кој што е стекнат, кога одговорна институција потврдува дека поединецот има постигнато резултати од учење, согласно утврдените стандарди. Постојат 2 типа на квалификации: квалификации на ниво на образование (образовно ниво) и стручни квалификации. Како што во високото образование се применува ЕКТС (Европски кредит трансфер систем и акумулирање), во стручното образование се применува ЕЦВЕТ (Европскиот кредит трансфер систем за стручно образование и обука). Еден ЕЦВЕТ кредит опфаќа 25 работни часа во траење од по 45 минути потребни за стекнување на одредени резултати од учењето.
Преку Македонската рамка на квалификации (МРК), која е задолжителен национален стандард со кој се уредува стекнувањето и користењето на квалификациите во Република Македонија земјата ги поврзува образованието и обуките заедно во еден унифициран систем на образование, со што и дел од неформалното образование влегува во систем на квалификувани дејности.
Денес се соочуваме со голем извоз на млади, кои откако ќе се стекнат со некој сертификат, заминуваат во други земји каде истиот е признаен и вреднуван. Во Македонија на таквиот сертификат се гледа само како на стекнување делумна квалификација, кое ќе овозможи квалификувано вработување на посакуваната работна позиција.
Во интервју со м-р Ангелина Канчевска, раководител на Семос Академијата добивме изворни информации за вреднување на знаењето и стекнување на квалификациите од постсредно образование за профилите Графички дизајнер и Веб дизајнер.
“Курсевите и обуките кои ги посетуваат слушателите за графички и веб дизајнери, сѐ уште не се регулирани во Македонската рамка на квалификации. Заради оваа одлука, на проблем наидуваат и работодавачите и кадрите кои што се оспособени за работа, но не се формално квалификувани. Доколку се регулира оваа област во МРК, оние што се стекнале со диплома од посета на едногодишните стручни програми (пост-средно формално образование) за графички и веб дизајнери, ќе добијат квалификација од 5-б ниво од Национална рамка за квалификации. Во Европските земји ова прашање е регулирано во рамките на своите Национални рамки на квалификации, а веќе на пазарот на труд се чувствуваат бенефитите од имплементирањето на одлуката.” – изјави Ангелина Канчевска.
При изработката на стандардите на квалификации, фокусот треба да се стави на тоа што треба да знаат и да прават лицата кога ќе ја стекнат квалификацијата. Во процесот на изработка на стандарди на занимања и квалификации од креативниот сектор, според експанзијата на оваа индустрија и заинтересираноста на пазарот на трудот, како и потребата да се инвестира во задржување на младиот кадар во Македонија, задолжително мора да бидат вклучени и ИТ креативците, односно графичките и веб дизајнерите.

©EKRAN.MK Вестите на интернет страницата на редакцијата ЕКРАН.мк може да се користат исклучиво за лично информирање. Без писмена дозвола од ЕКРАН или посебен договор, не е дозволено превземање, користење или реемитување на вестите, во спротивно ќе уследи фактурирање на име „плагијат“ во вредност од 20.000 денари.

Видете следно

Сеќавање: 20 години без истакнатиот македонски историчар и археолог Томо Томоски

Томо Томоски е роден на 22 декември 1915 година во Скопје. Тој беше истакнат македонски …