Забележителен успех на македонските винарници на винскиот натпревар во Германија

Шест македонски производители и извозници на вино остварија забележителен успех на реномираниот вински натпревар Mundus Vini што секоја година се одржува во Германија, освојувајќи вкупно 20 високи награди, од кои 15 златни и 5 сребрени медали.
На пролетното издание на Mundus Vini во исклучително висока конкуренција од 7.200 вина што потекнуваат од 156 вински региони од различни делови на светот, се натпреваруваа и вината на ВВ „Тиквеш“, „Далвина“, „Стоби“, „Бовин“, „Камник“ и „Домен Лепово“.


Значителен успех имаа вината на „Далвина“ со освоени пет златни медали за Hermes Vranec 2015, Dioniz Merlot 2016, Dioniz Vranec 2016, Hermes Cabernet Sauvignon 2015 и Hermes Merlot 2015 и еден сребрен медал за Dioniz Syrah 2016. Највисоката специјализирана награда ја понесе виното Hermes Vranec 2015 што беше прогласено за најдобро меѓу црвените вина од Македонија и се закити со медаљата Grand Gold.
Награди освоија и шест вина на винарската визба „Тиквеш“, и тоа: Barovo 2018 (бело), Vranec Special Selection 2017, Alexandria Cuvee 2017 (црвено) и Bela voda 2016 (црвено) освоија златни медали, а Barovo 2016 (црвено) и Sauvignon Blanc Special Selection 2018 освоија сребрени медали.


Златни медали освоија Verdot Reserve 2015 и Veritas Reserva 2015 на винарницата „Стоби“, како и A’Gupka Vranec 2012 и Alexandar 2017 од „Бовин“. Виното Cuvee de Prestige 2016 на „Камник“ освои златен медал, додека Merlot Single vineyard 2015 од истата винарница понесе среберeн медал. Со златен медал беше наградено и Domaine Lepovo Rose 2015, додека со сребен медал се закити Domaine Lepovo Chardonnay 2018 на винарницата „Домен Лепово“.
За успехот на македонските винарници на овој престижен натпревар говори и фактот што во регионални рамки ниту една земја немаше толку голем број освоени награди. Конкретно, од Србија беа наградени 10 вина, 5 вина од Хрватска, шест вина од Црна Гора и 2 вина од Босна и Херцеговина.
Винарниците ќе ги подигнат освоените награди на овогодинешното издание на најголемиот вински саем во светот ProWein кој ќе се одржи од 17ти до 19ти Март 2019 година во Дизелдорф, Германија каде 10 македонски винарии ќе изложуваат на национален штанд организиран од Здружението Вина од Македонија. Учеството на винариите на овој саем е финансиски поддржано од Министерството за земјоделство на РМ, преку Програмата за поддршка на руралниот развој за 2019та година. Во рамките на истата Програма, Министерството финансиски ги поддржува винарниците и за освоени златни и специјализирани награди од најважните меѓународни и регионални натпревари за вино.

©EKRAN.MK Вестите на интернет страницата на редакцијата ЕКРАН.мк може да се користат исклучиво за лично информирање. Без писмена дозвола од ЕКРАН или посебен договор, не е дозволено превземање, користење или реемитување на вестите, во спротивно ќе уследи фактурирање на име „плагијат“ во вредност од 20.000 денари.

Видете следно

НАЈГОЛЕМИОТ ДЕЛ ОД МЕСЕЦ МАЈ ЌЕ ГО ПОМИНЕМЕ СО ПОЛАДНО ВРЕМЕ ОД ВООБИЧАЕНОТО – За летни температури ќе си почекаме

Метео прогноза на Славчи Попоски: Судејќи според моменталните прогоностични материјали со кој ние располагаме, укажуваат …