Среќен роденден Калиопи !!!

Калиопи Букле е родена на 28 декември 1966 година во Охрид. Таа е наша позната и истакната македонскa и уметница, вокален изведувач, композитор и текстописец. Во својата татковина често е нарекувана Поп дива или Кралица на македонската поп-музика. Таа е доста позната на екс-југословенските простори каде врвот на кариерата го достигна во осумдесеттите. Во Македонија важи за вонсериски уметник од светски калибар, кој покрај извонредните вокални способности во рамките на поп-музиката, изведува и компонира музика за филм, театар и балет.

Калиопи детството го поминала во Кичево. Татко и е со влашко, а мајка ѝсо македонско потекло. Калиопи ќе биде запаметена по победата на едно од првите изданија на детскиот музички фестивал Златно Славејче, во 1976 година, со песната Мојата учителка. Потоа, Калиопи го продолжува својот пат кон славата преку учеството во хорот на Запро Запров Развигорче, со кој учествува на бројни турнеи во Чехословачка, Словенија, Австрија, во периодот од 1978 до 1980. Се приклучува во класата на Марија Николовска и четири години изучува соло пеење. Соло пеењето ќе биде и нејзин академски избор со запишувањето на Музичката академија во 1984, во класата на Благоја Николовски. Калиопи освоила трето место на Југословенскиот натпревар во соло пеење во 1984, каде настапила како најмлад пејач на класична музика.


Својата посериозна музичка кариера ја започнала во бендот Калиопи, заедно со нејзиниот поранешен сопруг, авторот Ромео Грил. Своите први две песни – Томи и Немој да ме будиш, бендот ги снима за Македонското радио. Во почетокот, групата била ориентирана кон реализација на повеќе фестивалски настапи со цел успешно да се промовира на широкиот југословенски музички пазар. Првиот успешен сејугословенски хит кој произлезе од работата на оваа група беше Лео, чиј автор е познатиот македонски композитор Глигор Копров. Со оваа песна, на фестивалот Опатија во 1985 година, Калиопи ја добива наградата за најдобра интерпретација од страна на акредитираните југословенски новинари. Истата година, групата го добива првото место на Видео спот фестивал со песната Лето е авантура. Исто така, тие беа претставници на Југославија на Меѓународниот средоземен фестивал во Тунис, каде освојуваат второ место. Во време на својата најголема популарност, Калиопи и нејзиниот поранешен сопруг и основач на групата, Ромео Грил, заминуваат во Швајцарија, со што групата се распаѓа и следи 10 годишна пауза и престанок на нивната активна музичка кариера, но сепак цело време се присутни на електронските медиуми во Македонија со своите дотогаш снимени аудио и видео материјали. Од официјалниот распад на групата во 1988 година, Калиопи одржа само еден соло концерт во Универзалната сала, во декември 1988 година.

Калиопи во полн сјај се врати на македонската музичка естрада во 1996 година. Нејзиниот настап на Скопскиот фестивал со песната Само ти, за која освои Grand Prix, беше најава за големиот come back на естрадата.Македонската забавна музика во тој период продукциски сѐ уште беше во зародиш, па враќањето на Калиопи означуваше голем чекор напред во тој правец. Таа година, Калиопи како победник на фестивалот од кој се одбира македонскиот претставник на Песна на Евровизија, требаше да ја претставува Македонија на овој избор, меѓутоа поради наметнати контроверзни правила во полуфиналето, таа не успеа да се претстави на евровизиската сцена. Во овој период, Калиопи го круниса својот успех со неколку освоени награди: Буба Мара за најдобра пејачка за 1999 и 2000, како и 12 Величествени за најдобра пејачка и најдобар албум (Обои ме) за 1999 и 2000 година. Во јануари 2000 година Калиопи ја започнува својата промотивна турнеја и го пушти новиот сингл од албумот Дај да пијам, заедно со видео спот. Истата година, таа основа своја сопствена продукциска куќа – Kaliopi Music Production, која се занимава исклучиво со проекти врзани со работата на Калиопи. Во остатокот од 2000 година, таа имаше и летна турнеја, а почна да го подготвува својот втор соло албум.


На почетокот на 2001 година, Калиопи официјално го објави својот втор албум и соработката со продуцентот, аранжер и композитор Дарко Димитров. Албумот го носи насловот Ако денот ми е ноќ и содржи 10 композиции на нејзин текст и музика и една бонус песна – преработка на старата македонска народна песна Сношти минав покрај вази. Овој албум беше полн погодок за Калиопи. На него се најдоа вонсериски композиции кои веднаш станаа апсолутни хитови: носечката Ако денот ми е ноќ, Дали ме сакаш, Месечина, За само еден ден, На пат до Македонија…

Во септември 2005 година Калиопи го издаде албумот Јас, Исидора Во 2010 таа го издаде новиот албум Порака,кој беше одлично прифатен од јавноста. Во 2011 од страна на МРТ таа ја доби можноста да ја претставува Македонија на Евровизија 2012 во Баку каде успеа да се планира во финалето на фестивалот и го освои 12 место со песната „Црно и бело“.


На 24 ноември 2015 година, МРТ објави дека ја избрале Калиопи да ја претставува Македонија на Изборот за песна на Евровизија 2016 во Стокхолм со песната „Дона“. Калиопи ја изведе песната на 12 мај 2016 година, за време на второто полуфинале на Евровизија, но не успеа да се квалификува во финалето.

Среќен роденден Калиопи, ти посакува редакцијата на Екран.

 

©EKRAN.MK Вестите на интернет страницата на редакцијата ЕКРАН.мк може да се користат исклучиво за лично информирање. Без писмена дозвола од ЕКРАН или посебен договор, не е дозволено превземање, користење или реемитување на вестите, во спротивно ќе уследи фактурирање на име „плагијат“ во вредност од 20.000 денари.

Видете следно

Циклонот од Атлантикот се поблиску до Македонија, подгответе се за обилни врнежи и грмежи – Постои можност за локално невреме!

Метео прогноза на Славчо Попоски: Утре и во вторник, и тоа под влијание на нов …