Сеќавање: на денешен ден почина основоположникот на современата македонска уметност Никола Мартиноски

Никола Мартиноски е роден во Крушево на 18 август 1903 година. Тој беше истакнат македонски уметник и академик и една од најважните личности за развојот на македонската култура во XX век. Дипломирал на Школата за убави уметности во Букурешт, Романија во 1927 година како најдобар студент за таа година. Во 1927 и 1928 година престојувал во Париз каде ги посетува Академи де ла Гранд Шомјер (Académie de la Grande Chaumière) и Академи Рансон (Académie Ranson).

По враќањето во Македонија, освен воведувањето на европските модерни сликарски тенденции карактеристични за Париската школа на овие простори, тој се истакнувал и со својата општествена активност. Мартиноски е иницијатор и раководи со формирањето на Средното ликовно училиште во Скопје, Друштвото на ликовни уметници, Уметничката галерија во Скопје или денес позната како Национална галерија на Македонија, учествува во формирањето на Македонската академија на науките и уметностите, институции кои и денес се основни носечки елементи на македонскиот културен живот. Неговите уметнички дела се наоѓаат во колекциите на повеќе музеи и галерии, како и во голем број приватни колекции во земјата и во странство.


Мартиноски имал повеќе самостојни изложби пред и по војната. Првата изложба била во 1929 во Скопје, а потоа следувале изложби во Белград, Загреб, Љубљана, Париз, Дижон и во други места. Групно излагал во многу европски земји и во земјата со слики, цртежи и графики, како на пример на изложбата „Уметноста на тлото на Југославија“ во Париз во 1971 година и слично. Пред војната изработил и неколку мурали во Скопје.

Никола Мартиноски имал околу 40 самостојни изложби. Од 1929 до 1971 неговите дела повеќепати биле изложувани во Скопје, Белград, Нови Сад, Загреб, Љубљана, Париз и Дижон. По неговата смрт во 1973 две комеморативни изложби со ретроспективен карактер биле одржани во Белград (1973) и Скопје (1975). Од 1975 до денес со најразлични концепти и по најразлични поводи биле организирани изложби во Скопје и други градови во Македонија.


Некои од ремек-делата на Мартиноски биле изложени и на бројни групни изложби во Скопје, Букурешт, Париз, Белград, Софија, Љубљана, Москва, Прага, Варшава, Вашингтон, Њујорк, Лугано, Град Мексико, Осло, Дижон, Лондон, Истанбул, Рим, Њу Делхи и др. Од многуте групни изложби во кои учествувал Никола Мартиноски како посебно интересни се издвојуваат:

1927 во Букурешт − изложба на дипломираните студенти на Школата за убави уметности.
1928 во Париз − изложба на група југословенски уметници (Лубарда, Милуновиќ, Мартиноски, Челебоновиќ, Личеноски) во Институтот за словенски студии
1937 во Рим − „Модерна југословенска уметност” во „Galeria di Roma“.
1947 во Москва − „Сликарство и скулптура на народите на Југославија во XIX и XX век”
1948 во Прага − „Сликарство и скулптура на народите на Југославија во XIX и XX век”
1954 во Вашингтон − групна изложба (со Хегедушиќ, Коњовиќ, Мартиноски, Михелиќ) во „White Gallery“
1955 во Њујорк − групна изложба (со Хегедушиќ, Коњовиќ, Мартиноски, Михелиќ)
1956 во Лугано − V биенале „Bianco – Nero”
1957 во Њу Делхи − „III меѓународна изложба на современа уметност”
1962 во Дижон − „Современа ликовна и применета уметност во Македонија”
1964 во Лондон − „Современа македонска уметност” во Југословенскиот информативен центар
1969 во Истанбул − „Современа македонска уметност”
1971 во Париз − „Уметност на тлото на Југославија од праисторијата до денес”


Добитник е на голем број на награди:

1927 – „Награда за дипломска работа“, Букурешт, Романија – постои документ во Дирекцијата на уметничката школа во Букурешт кој сведочи дека Мартиноски целосно ја завршил школата во 1927 година и дека е рангиран како прв во секцијата – сликарство, а освен тоа тој ја добива и првата награда на изложбата на дипломски работи. На делото “Женски акт”, која е негова дипломска работа, во горниот дел покрај сигнатурата „Martin”, а стои и натпис „1 Premiu 927”.
1950 – „Награда за автопортрет“, Скопје
1953 – „Награда на Град Скопје“
1955 – „Награда на Град Скопје“
1959 – „Октомвриска награда на СР Македонија за сликарство“, Скопје
1964 – „Сребрена плакета на Сојузот на ликовните уметници на Југославија на белградското триенале“, Белград
1964 – „Награда за животно дело“, Скопје
1967 – „Награда на АВНОЈ“, Белград – наградата АВНОЈ е највисоко признание од областа на науката и уметноста во рамките на бившата СФРЈ. Никола Мартиноски е прв ликовен уметник од Македонија кој е одликуван со награда АВНОЈ, а покрај него како наградени од областа на ликовната уметност во југословенски рамки стојат: Антун Аугустинчиќ, Петар Лубарда, Божидар Јакац, Фрањо Кршиниќ, Крсто Хегедушиќ, Марко Челебоновиќ и други.
1968 – Награда „Нерешки мајстори” на ДЛУМ, Скопје
1972 – Прва награда за цртеж на изложбата „Нашето историско минато во делата на македонските ликовни уметници”, Скопје

Починал во Скопје на 7 февруари 1973 година.

©EKRAN.MK Вестите на интернет страницата на редакцијата ЕКРАН.мк може да се користат исклучиво за лично информирање. Без писмена дозвола од ЕКРАН или посебен договор, не е дозволено превземање, користење или реемитување на вестите, во спротивно ќе уследи фактурирање на име „плагијат“ во вредност од 20.000 денари.

Видете следно

Сеќавање: 4 години без нашиот композитор, пејач и телевизиски водител Драган Вучиќ

Драган Вучиќ е роден во Скопје на 6 септември 1955 година. Тој беше познат македонски …