Сеќавање: на денешен ден беше роден великанот на македонското глумиште Мето Јовановски

Мето Јовановски е роден на 17 јануари 1946 година во с. Панчарево, Пехчевско. Тој беше еден од најголемите и најзначајните македонски театарски, филмски и телевизиски актери.

Основно училиште и гимназија завршил во Делчево. По завршувањето на средното образование работи во Народниот театар во Штип. Двапати испратил барање до театарската академија во Белград за да се пријави за упис, но не добил одговор.


Дипломирал на Театарската академија во Софија во 1970 година, како последна генерација на професорот Бојан Дановски. Истата година кога дипломира, се враќа во Македонија, каде се вработува во Драмскиот театар во Скопје, каде што играл 40 години.

Работел и како гостин во театрите во Куманово, Велес, Струмица, Сплит, Сараево, Подгорица. Покрај актерството, тој се занимавал и со театарска режија, а бил и професор на актерската академија.


Неговата актерска кариера започна уште пред да ги заврши студиите, на сцената на Народниот театар во Штип. Оттогаш, за кратко време се истакнува како еден од водечките драмски уметници во Македонија, како и на просторот на цела СФРЈ.

Првата филмска улога ја има во 1971 година, кога добива улога во филмот Македонскиот дел од пеколот, каде играше партизан. Најзначајните улоги ги играше во филмовите „Пред дождот“, „Кога ќе избие денот“ и во филмот „Татовирање“.


Тој беше почесен член на Црногорскиот народен театар од 2001 година, каде играше во претставите Малограѓани (2001) и Урнебесна трагедија (2014).

Добитник е на бројни награди за своите улоги во филмови и театарски претстави, како и голем број државни награди и признанија. Ги издвојуваме следните награди и признанија:

– Пет пати прогласен за Глумец на годината според списанието „Екран“;
– Седум пати наградуван на Театарските игри „Војдан Чернодрински“ во Прилеп;
– Четири пати Лауреат на наградата „Милтон Манаки“
– Награда на градот Скопје „13 Ноември“
– Републичка награда „11 Октомври“ за поединечно глумечко остварување (1980)
– Републичка награда „11 Октомври“ за долгогодишни, особено значајни остварувања од интерес на државата (1982);
– Државна награда на Република Македонија награда „Св. Климент Охридски“
– Златен венец на Фестивалот на Малите и експериментални сцени во Сараево (МЕСС), двапати за улогите во „Еригон“ и „Карамазови“;
– Златна маска од весникот „Вечер“ за улогата на Порфирие во „Злосторство и казна“ (Охридско лето)
– Две Гран-при награди на Филмскиот фестивал во Ниш за остварувања во филмовите „Среќна нова `49“ и „Тетовирање“
– Награда за најдобра машка епизодна улога во филмот „Црвениот коњ“, на Филмскиот фестивал во Ниш;
– Златна значка во Филмскиот фестивал во Врњачка Бања
– Златна клапа во Белград, за придонес во филмската уметност
– Награда за најдобра машка улога на Меѓународниот фестивал на експериментални сцени во Риека, за улогата на Бесемјонов во „Малограѓани“ од Горки, во режија на Паоло Маџели, работена во Црногорско народно позориште;
– Награда 11 октомври за особено за особено сначајни остварувања од областа на уметноста 2001 година
– Награда за најдобра машка улога за улогата на Момо во претставата „Комшилук наопаку“, на меѓународен театарскиот фестивал „Маруличеви денови“ – Сплит, 2008
– Мето Јовановски е почесен член на Црногорско народно позориште;
– Награда на театарскиот фестивал „Ристо Шишков“ – 2008, за најдобро глумечко остварување во претставата „Коза, или која е Силвија“ од Едвард Олби, во режија на Дино Мустафиќ, Драмски театар.
– Награда „Петре Прличко“ – 2010
– Награда Св “Јоаким Осоговски” – 2013
– Награда за животно дело Војдан Чернодрински 2015
– Награда “Омаж” 2019
– Награда Киненова за особен придонес во филмската уметност 2021
– Награда за животно дело на осмиот Балкан панорама филм фестивал во Измир “Златен чадор” 2022
– Награда на фестивалот “Јоаким Фест” за претставата “My name is Goran Stefanovski” 2022

Починал на 16 ноември 2023 година. Погребан е во Алејата на Великаните во Скопје.

©EKRAN.MK Вестите на интернет страницата на редакцијата ЕКРАН.мк може да се користат исклучиво за лично информирање. Без писмена дозвола од ЕКРАН или посебен договор, не е дозволено превземање, користење или реемитување на вестите, во спротивно ќе уследи фактурирање на име „плагијат“ во вредност од 20.000 денари.

Видете следно

Сеќавање: пет години без нашиот истакнат писател и публицист Ефтим Гашев

Ефтим Гашев е роден во 1925 година во Скопје. Тој беше истакнат македонски писател и …