Михаил Парушев: „Од генот не се бега!“

Од македонската музичка ризница се изнедри албумот „Агол“ на Михаил Парушев, авторско дело на познатиот музичар кој е добро познат на балканските простори според својот талент но и марливост…Секој кој ја следи музичката сцена знае добро кој е Михаил Парушев кој со албумот „Агол“ не остава рамнодушност, ниту миг за здодевност, напротив – после секој такт со нетрпение го очекувате следниот кој пак ве води во некои нови музички сфери…


Михаил Парушев свири на ударни инструменти, а воедно е и композитор. Роден е во Скопје во 1976 година, во семејство на музичари. Интерес за ударните инструменти покажал на четиригодишна возраст. Почнал да свири на тапани на шестгодишна возраст. Член е на бендот „Леб и сол“, а работи и преку активностите на групата наречена „Парусион Груп Ансамбл“. Во 1990 година е прогласен за најдобар тапанар на Скопскиот рок фестивал. Истата година се запишува во Музичкото училиште „Илија Николовски Луј“ на студии по класични ударни инструменти. Михаил Парушев дипломирал и на Факултетот за музичка уметност на Универзитетот во Скопје. Од 1989 година настапува низ светот во друштво на различни професионални музичари – Октавјан, Сет, Алсар Коџабашија, Влатко Стефановски Трио (1998), Проект Злуст (2000), Стринг Форсис, Бла Бла Бла, Д.Н.О., Владимир Мараш (албуми „Under kamenom“, 2001 и „10/8“, 2010), Пангеа, Игор Безгет Биг Бенд, Глобална заедница (Sound Unity), Валерија Николовска Бенд, Joe & Maya Collectiff, сесии со – Bryan Bettie, Wei Tan, Nantha Kumar , Оливер фон Есен, Гијан Синг, Имер Траја Бризани, Бата Божаниќ, Реџи Воркман, Матија Дедиќ, Шарад Сриваства, Иван Бејков, Ѓоко Груевски, Џијан Емин и…


Парусион Груп Ансамбл се – Зоран Костадиновски (електрична гитара), Дамир Имери (клавијатури), Дарко Мучев (бас), Михаил Парушев (тапани); Сенад Усеин (труба), Петар Христов (кларинет, сопран сакс), Михајло Михајловски (виолина), Сања Смилеска (виола), Фјола Исмаили (виолончело)


Како „последица“ од карантините за време на короната се изнедри и албумот „Агол“…

– Пандемично се затворивме дома до полудување. Смирување со медикаменти не ми успеа, па морав да го вклучам стариот компјутер. Подготовки за композициите од 2017 година, кои ги имав оставено за некое подобро време. Време што мене многу ми требаше, зашто бев цело време во авион и во автомобил, возејќи се од Порторож до Косовска Митровица преку Скопје за да ги стигнам настапите со другарите од Македонија до Словенија. Настапував насекаде, а најмногу низ просторите на поранешна Југославија.
На 9 март 2020 бевме принудени да ја прекинеме турнејата со Игор Безгет (Словенија), Џое Пандур (Хрватска) и Тихомир Поп Асановиќ. Слетав во Скопје и решив да си седам дома. По некое време добив инспирација да си ги потсредам композициите за поголем состав, како ансамбл. Успеав да направам пет дела и додадов две стари, што ни се хитови во бендот од претходните настапи, вели Михаил.


 

На албумот „Агол“ има седум авторски композиции со модерен етнофјужн балкански џез, што јас порано го викав – „no jazz music“. „Про рок оро“ е првата композиција, што е фина тема и ритам што наликува на македонското „Елено моме“ со додатни експериментални хармонии.

Втората е „Бразилијан ан“, едно мало интермецо што мене и другите членови на ансамблот ги повлече кон бразилските хармонии и слободата во импровизациите.

„Сатурус“ е композиција што содржи лет кон Сатурн, па звучи како да си слетал на некој балкански аеродром, каде што се слушаат и народните кларинети и трубите на инспиративниот Ферус Кинг (Мустафов), кој ми е огромна инспирација. Афро-ритмите и импровизациите на инструментите се посветени на трубата на Алек Гроби, кој физички нѐ напушти.

„Етнос“ е посветена на македонскиот народ и на сите тажни и сиромашни народи кои се веселат на тажни мелодии и бавни ритми. Тешко интро до современа точна ритмика во секциите од стринговите до брас секциите. „Петкана на оро“ или „Петкана денсинг“ беше мојата слепа прабаба, која сакаше да игра Пајдушка, која е во 5/8.

Шестата композиција е трагање по среќата, која јас долго ја барав, а ја најдов во Македонија. „Searching“ (Трагање) ја посветувам на мојата љубов Елена, што ми ја роди ќерката Ирис, цвет најубав на светот. Седмата, „Елтера“ е моја стара композиција што има веќе 10 верзии и конечно се сними во студио, му раскажа Парушев на Тони Димков за „Културен печат“.

„Етнос“

„Албумот „Агол“ е снимен за многу кратко време во студиото „Тра-ла-ла“ на Мите Димовски. Ние деветтемина успеавме да се подготвиме за кратко време. Станува збор за врвни и искусни музичари, кои во групата се веќе 18 години, вели Парушев.

Потекнуваш од познато музичко семејство, дали тоа на еден начин ќе ја одреди твојата музичка иднина?

– Јас сум горд на мојата фамилија Парушеви и сум благодарен за талентот што сум го наследил од нив, но јас музички се развивав во сосема друг правец. Еден период експериментирав со македонската изворна песна, која се негувала во мојот дом. И на албумот „Агол“ има етноелементи, но тоа не е етномузика, тоа сум јас и генетскиот материјал од кој сум направен. Во иднина, можеби, пак ќе се занимавам со тефтерот на Кирил Манчевски, но може да правам нешто ново и неочекувано од мене.

Г.О.
Фото: Приватна архива

©EKRAN.MK Вестите на интернет страницата на редакцијата ЕКРАН.мк може да се користат исклучиво за лично информирање. Без писмена дозвола од ЕКРАН или посебен договор, не е дозволено превземање, користење или реемитување на вестите, во спротивно ќе уследи фактурирање на име „плагијат“ во вредност од 20.000 денари.

Видете следно

Сеќавање: 20 години без истакнатиот македонски историчар и археолог Томо Томоски

Томо Томоски е роден на 22 декември 1915 година во Скопје. Тој беше истакнат македонски …