Самостојна изложба на уметницата Лара Ташковска во НУЦК Трајко Прокопиев во Куманово

Современата македонска сликарка, уметницата Лара Ташковска во четврток, на 22 февруари 2024 година со почеток во 19:00 часот во изложбениот салон на Центарот за култура Трајко Прокопиев, пред кумановската ликовна публика ќе се претстави со дваесетина дела – слики во техника масло, акрил и акварел. Ова е нејзина прва самостојна изложба по нејзиното враќање од САД, каде има добено награда за нејзиното инспиративно сликарство во Санта Фе, Њу Мексико во 2015 година.

Лара Ташковска е трета генерација ликовни уметници. Таа е ќерка на академикот Васко Ташковски, а нејзиниот дедо Ристо Ристовски, во зрели години се посветува на наивното сликарство. Ташковска има дипломирано на Факултетот за ликовни уметности во Скопје, на оделот за сликарство. Покрај сликарството таа е посветена и на педагошката работа. Во нејзиното Атење за цртање и сликање програмата ја следат, во различни групи, курсисти од сите генерации.


Академик Васко Ташковски во предговорот за оваа изложба ќе каже за неа: Лара го избра потешкиот пат на кој се почитуваат традиционалните вредности и сликарските елементи како идејата, цртежот, содржината, композицијата и колоритот. Нејзиното творештво тематски е разновидно, додека нејзиниот ракопис е карактеристичен, препознатлив. Стилски во некои дела нејзиното сликарство е блиско до симболизмот, до магичната и ведра фантастика.

Интимистичките елементи во сликите, како и рационалното движење на четката создаваат една целина. Така рационалното и чуствителното взаемно се дополнуваат, додека нејзиното сликарство во континуитет расте и се усовршува, прецизно водено од нејзиниот сигурен цртеж, од нејзината искусна, вешта рака.
Работејки на кристалите, Лара го кристализира нејзиниот ликовен израз во духот на симболистите. Нејзините маслени и акрилни слики се инспирирани од реалниот живот. Во нејзините акварелни слики доминира вегетацијата, односно магијата на природата донесена со лирско расположение, видено и креирано преку нејзината авторска призма. Карактеристично за нејзиниот ликовен израз е ведрата фантазија во сликањето на пејзажите, и таа тоа многу успешно го прави во сликите создадени во нејзиниот понов ликовен опус.


©EKRAN.MK Вестите на интернет страницата на редакцијата ЕКРАН.мк може да се користат исклучиво за лично информирање. Без писмена дозвола од ЕКРАН или посебен договор, не е дозволено превземање, користење или реемитување на вестите, во спротивно ќе уследи фактурирање на име „плагијат“ во вредност од 20.000 денари.

Видете следно

Сеќавање: 20 години без истакнатиот македонски историчар и археолог Томо Томоски

Томо Томоски е роден на 22 декември 1915 година во Скопје. Тој беше истакнат македонски …