Промоција на „Видеологија II“ збирка филмски рецензии од Златко Ѓелески

Вечерва со почеток од 20:00 часот во киното „Фросина“ во Младинскиот културен центар во Скопје, ќе се одржи промоцијата на збирката филмски рецензии од Златко Ѓелески насловена како „Видеологија II“. Збирката е во издание на ПНВ Публикации, а промотор ќе биде Лилјана Пандева, а модератор на настанот е Јулијана Величковска.

Во „Видеологија II“ филмскиот критичар Ѓелески се надоврзува на неговата прва книга филмски рецензии „Видеологија“ (2021, ПНВ Публикации) во која ја анализираше филмската индустрија во 2019 и 2020 година, кога филмот не беше поштеден од катастрофалниот удар што го зададе ковид-пандемијата, но, во ова книжевно надополнување, Ѓелески ја презема улогата на хроничар на случувањата и предизвиците со кои беше затекната филмската продукција во светот, а и кај нас, кога беа воспоставени нови протоколи за работа и киносалите беа само делумно отворени за посетителите.


„Видеологија II“ е збирка филмски есеи и рецензии за домашната и на светската филмска продукција во 2021 и 2022 година. Книгата содржи рецензии за над осумдесет краткометражни и долгометражни филмови од домашната продукција, и играни и документарни, што се снимени последните две години кај нас. Делот посветен на македонската кинематографија е збогатен со еден сеопфатен и темелен научен есеј посветен на развојот на домашниот хорор-филм, наспроти светските текови на жанровскиот филм, односно, на можноста начелата на жанровскиот филм да бидат засадени и на домашно тло.

Во однос на домашните филмови во книгата нема конкретна селекција, вклучени се сите филмови снимени во тој период што авторот Ѓелески успеал да ги изгледа, но книгата прави и една корелација со светската кинематографија, при што авторот прави селекција на четириесет исклучителни и врвни светски филмски остварувања, со високи естетски норми, снимени последните две години, како своевидна паралела меѓу домашната кинематографија и светските филмски трендови.


Златко Ѓелески е писател, филмски, музички и книжевен критичар. Дипломирал на Катедрата за општа и компаративна книжевност на Филолошкиот факултет „Блаже Конески“ ‒ Скопје при УКИМ. Со филмска критика активно се занимава од 2008 година, како уредник и издавач на списанието „Кошмар“. Дигиталните филмски рецензии ги објавува на веб-страницата „Мувис.мк“, музичките на „Плагијат“, а пишува филмски рецензии објавени во печатена форма во: „Граѓански“, „Кинопис“, „Филм +“, „Филмски печат“ и во други магазини и дневни весници.

Од 2011 година до ден-денес е водител на филмската радиоемисија „Дансе Макабре“, која брои 14 сезони на радио „Канал 103“, како и специјализираната емисија за ТВ-серии „ТВ 103“ од 2020 година, која брои четири сезони.
Добитник е на наградата за најдобра филмска критика на 12-тото издание на филмскиот фестивал „Синедејс“ во 2013 година. Режисер е на краткометражните филмови „Од другата страна“, „Мемоари“ и „Слобода“, асистент е во пост-продукција на „Центроид“, организатор на ревијата на хорор-филмови „Мрак Фест“, одговорен е и за музичките изданија на „Мрак“. Беше член на жири-комисии на филмските фестивали: „Синедејс“, „Македокс“, „Филмај“, „Мобил фестивал“, „Филозофски филмски фестивал“ и „Флипбук филм фестивал“. Во 2017 и 2018 година е водител на јутјуб емисиите „Видеологија“ и „Ревизија“, а организира и мултимедијални забави со „Доминион евентс“. Има објавено три збирки раскази: „Морбидизам“ во 2013 година, „Колекционерот на страв“ во 2015 година и „Понор“ во 2019 година, а секоја година неговите раскази се преведуваат и се објавуваат на српски јазик, во неколку балкански антологии. Во 2021 година беше објавена неговата четврта книга, односно првата збирка филмски есеи и рецензии „Видеологија“, а во 2022 г. ја објави неговата збирка разговори со домашни режисери „Мастерклас“. Расказите му се наградени и на неколку натпреварувачки конкурси во државата и објавени во различни спијанија и збирки, дигитални и печатени.


©EKRAN.MK Вестите на интернет страницата на редакцијата ЕКРАН.мк може да се користат исклучиво за лично информирање. Без писмена дозвола од ЕКРАН или посебен договор, не е дозволено превземање, користење или реемитување на вестите, во спротивно ќе уследи фактурирање на име „плагијат“ во вредност од 20.000 денари.

Видете следно

Пет идеи за подарок за Велигден

Во предвечерието на еден од најголемите христијански празници Велигден обично се прашуваме што да подариме …