Промоција на стихозбирката „Жените и буквите“ од турскиот поет Ерол Туфан

Најновата стихозбирка на поетот Ерол Туфан ‒ „Жените и буквите“, издание на ПНВ Публикации од Скопје, ќе биде промовирана в недела, 21 април, од 19:00 часот во промотивниот центар во рамки на Саемот на книгата 2024 година во Спортски центар „Борис Трајковски“.

Книгата ќе ја промовираат проф. д-р Искра Тасевска Хаџи-Бошкова и Силвана Димитриевска, а настанот ќе го модерира Јулијана Величковска.


‒ Жената во поезијата на Туфан зазема суштинско место и таа е издигната на нивото на поетски симбол. Во неа се слева сѐ, од умствените енергии на битието до пројавите на архетипот анима, чијшто изворен показател се недостижната убавина, душевното бранување и немирот кој таа го носи. Жената се актуализира низ телесноста, којашто суштински се поврзува со топлината и со мирисите на Медитеранот ‒ проф. д-р Искра Тасевска Хаџи-Бошкова.

‒ Но ако Шопов ги создаде „Молитвите на моето тело“ и трагаше по збор за да дојде до Љубовта, тогаш Туфан ѝ ја враќа мистичната, божествена моќ создавајќи 31 молитва за жената во која трага по својот Молк. За него, зборовите постојат за да можеме со нив да го дофатиме сето она што не можеме да го дофатиме со своите раце. Неговата жена не е материјална и дофатлива. Таа е скриена во тишините на сите неискажани зборови, на премолчените чувства… ‒ Силвана Димитриевска.


ЕРОЛ ТУФАН е роден во 1959 година, во Гостивар, Македонија. Студирал право на УКИМ во Скопје и на Универзитетот Селчук во Конија, Турција. Работи како самостоен адвокат во Истанбул. Поет, есеист и преведувач. Пишува и објавува на македонски, турски и српски јазик.

Автор е на стихозбирките: „Балкански син“, на македонски јазик, Скопје 2013, „Камчето од Вардар“, на македонски јазик, Скопје 2016, „Ерол трагом Ерола“, избор на српски јазик, Белград 2016, „Меланхолија/Мelankoli“, двојазичен избор на македонски и на турски јазик, Скопје 2020, „Ликовите во мене“, на македонски јазик, Скопје 2021, “Hülya bitince”, на турски јазик, Истанбул 2021, „Куфер“, на македонски јазик, Скопје 2022. И на книгите есеи: „Книгољубецот“, на македонски јазик, Скопје 2006, второ издание во 2011, „Књигољубац“, на српски јазик, Белград 2017 и „Несоници“, поетизирани есеи, на македонски јазик, Скопје 2020.


Почесен член е на Друштвото на писателите на Македонија со седиште во Скопје, на Удружење књижевника Србије со седиште во Белград и на турскиот Вакуф на писателите со седиште во Анкара.

©EKRAN.MK Вестите на интернет страницата на редакцијата ЕКРАН.мк може да се користат исклучиво за лично информирање. Без писмена дозвола од ЕКРАН или посебен договор, не е дозволено превземање, користење или реемитување на вестите, во спротивно ќе уследи фактурирање на име „плагијат“ во вредност од 20.000 денари.

Видете следно

Сеќавање: 20 години без истакнатиот македонски историчар и археолог Томо Томоски

Томо Томоски е роден на 22 декември 1915 година во Скопје. Тој беше истакнат македонски …