Нова жртва на корона: Почина актерот Љупчо Тодоровски – Упа

Со непребол колегите се простуваат од својот колега Љупчо Тодоровски – Упа кој на 65. години, поради компликации со ковид – 19 не напушти и вплови во нови актерски предизвици
Тодоровски-Упа беше актер и кастинг директор, еден од основачите на аматерскиот театар „Чекори“. Во 1983 дипломира актерска игра на Факултетот за драмски уметности во класата на професорот Љубиша Георгиевски.
За време на студиите играл во претстави во Драмскиот театар во Скопје. По Академијата, заминува за Белград, каде останал 10 години. Таму настапувал во повеќе филмови и театарски претстави. Од 1997 година покрај актерството, се занимава со филмска и ТВ-продукција, пишување сценарија и избор на актери.
„Бавењето со глума го доживува како фрлање зрак светлина во туѓите животи“, се вели во неговата биографија во Кинотеката.
Неговата последна улога е во филмот „Налепница“ на Георги М. Унковски, а играше и во филмовите: „Ругање со Христос“, „Џган“, „Јазол“, „Одмазда“ и „Пред дождот“.


Меѓу последните дела му беше „Парче душа“ што го изведе во рамки на дополнителната програма на фестивалот „Охридско лето“.
Во прекрасниот амбиент во предворјето на црквата „Света Софија“, актерот и носител на проектот Тодоровски-Упа заедно со неговите пријатели и соработници, актерите Гордана Енроска и Симеон Дамевски, Симон Трпчески како и кавалџијата Сашо Митев,  кај публиката поттикнаа чувства, спокојство, мир, и ја оддалечија за миг од секојдневните грижи. Истовремено, тие му оддадоа почит на великанот на македонската книжевност и пред се’ , еден од кодификаторите на современиот македонски литературен јазик.


-Јас и моите пријатели му оддадовме почит на великанот наш и темелот наш, Блаже Конески, за којшто јас, упорно, дваесеттина години го говорам односно го рецитирам овој проект како сценски приказ. И не случајно е даден назив „Парче душа“,  јасно е зошто е парче душа. „Охридско лето“  е на висина на задачата, па првпат од нашата македонска независност, официјално или службено е прифатено рецитирањето на еден национален фестивал, ни рече актерот Тодоровски –Упа.
Љупчо Тодоровски –Упа  покрај со актерство, се занимава и со театарска режија, филмска и ТВ продукција и пишување сценарија. Глумел на осум јазици во над 30 филмови и ТВ серии, има петнаесетина театарски режии, десетици и десетици улоги во проекти и театарски куќи низ цела поранешна Југославија, како  и безброј разни други сценски настапи.Воден од творечкиот немир на двапати по десетина години работи во Белград и Љубљана. Сѐ до денес успева да опстане како слободен уметник и да го задржи привидот на поголема лична и творечка слобода.


©EKRAN.MK Вестите на интернет страницата на редакцијата ЕКРАН.мк може да се користат исклучиво за лично информирање. Без писмена дозвола од ЕКРАН или посебен договор, не е дозволено превземање, користење или реемитување на вестите, во спротивно ќе уследи фактурирање на име „плагијат“ во вредност од 20.000 денари.

Видете следно

Сеќавање: пет години без нашиот истакнат писател и публицист Ефтим Гашев

Ефтим Гашев е роден во 1925 година во Скопје. Тој беше истакнат македонски писател и …