На денешен ден е роден нашиот познат фудбалер Илија Несторовски

Илија Несторовски е роден во Прилеп на 12 март 1990 година. Своите први фудбалски чекори ги направил во приватните фудбалски школи во Прилеп, а на 13 години се приклучил на младинскиот тим на Победа.

Несторовски ја започнал професионалната кариера во екипата на Победа, за која дебитирал во сезоната 2006-2007. Во неговата дебитантска сезона одиграл 21 натпревар и постигнал 8 голови во Првата македонска фудбалска лига, придонесувајќи за втората шампионска титула на Победа во историјата на прилепскиот клуб. Во Победа играл сè до февруари 2010 година, забележувајќи 96 настапи и 39 гола за клубот.


Во февруари 2010, Несторовски потпишал за Словачко, клуб кој се натпреварувал во Првата фудбалска лига на Чешка. Своето деби за Словачко го имал во поразот со 0-2 на домашен терен против Збројовка Брно влегувајќи во игра во второто полувреме од клупата за резерви, а својот прв гол за клубот го постигнал во својот втор настап (прв како стартер) во победата со 3-1 на домашен терен над Славија Прага на 20 март 2010. Својата прва сезона во Словачко ја завршил со 10 настапи и 1 гол.

Следната сезона, тој одиграл 18 натпревари и постигнал исто така само еден гол, по што следните две сезони ги поминал на позајмици најпрво во Викторија Жижков (15 настапи и 1 гол), a потоа се вратил во Македонија каде го носел дресот на Металург Скопје (26 настапи и 4 гола).


На 9 август 2013, Несторовски му се приклучил на Интер Запрешиќ, најпрво како позајмен играч, а потоа потпишал и траен договор со клубот. Авантурата во хрватскиот клуб му донела најголем успех дотогаш во кариерата, кога тој се претвора во голем голгетер и завршува како најдобар стрелец во првенството трипати по ред: двапати во Втора ХНЛ, со 20 и 24 голови помагајќи му исто така на својот клуб да влезе во Прва ХНЛ во неговата втора сезона, а последователно станал најдобар стрелец и во најсилната фудбалска лига во Хрватска со 25 гола.

На 6 јануари 2016 година, италијанскиот Палермо го купил Несторовски од Интер за 500.000 евра, но го оставил во Хрватска до крајот на сезоната поради тоа што тогаш не биле во можност да регистрираат играч кој не е од држава членка на ЕУ. Своето деби за “сицилијанците” го направил на 12 август 2016 година, во натпреварот од Купот на Италија Палермо-Бари (1-0 по продолженија), во кој започнал како стартер, додека своето деби во Серија А го имал на 21 август во натпреварот Палермо-Сасуоло (0-1), влегувајќи на местото на Норберт Балог во второто полувреме. Својот прв гол за Палермо го постигнал на 18 септември 2016, во ремито 1-1 на гостувањето кај Кротоне, а само една недела подоцна со својот втор гол за сезоната му ја донел првата првенствена победа на Палермо во Бергамо против Аталанта (0-1). Неговата добра форма продолжила до крајот на ноември кога имал 7 гола на 14 настапи, но сепак слабата игра на целиот тим во втората половина од сезоната придонела и неговиот број на голови да опадне. Својата прва сезона во Италија ја завршил со 38 настапи и 11 гола, но и покрај тоа што бил убедливо најдобар стрелец на клубот не успеал да им помогне на Росанеро да останат во Серија А и сезоната завршила со нивно испаѓање во Серија Б.


Во летото 2017, и покрај понудите од други екипи од Серија А, вклучувајќи ги Фјорентина и Торино, Несторовски решил да остане во Палермо. Следната сезона тој бил капитен на клубот и постигнал 14 голови во Серија Б, но во нивната мисијата за враќање во Серија А биле сопрени од Фрозиноне во финалето на плејофот.

На 26 јули 2019, како слободен играч Несторовски потпишал тригодишен договор со Удинезе. Дебитирал за црно-белите на 18 август во третото коло од Купот на Италија против Зудтирол. На 24 ноември го постигнал својот прв гол за “фриуланците”, во поразот со 2-1 на гостувањето кај Сампдорија. Во април 2021 година, за време на тренинг, тој ги скинал предните вкрстени лигаменти на левото колено, повреда која го отстранила од терените за најмалку шест месеци и поради која морал да го прескокне Европското првенство со својата репрезентација.

Несторовски бил дел од составот на Македонија до 21 година, и ги одиграл сите шест квалификациски натпревари за Европското првенство до 21 година кое се одржало во 2013 година.

На 9 октомври 2015 година, тој го забележал својот прв настап за репрезентацијата на Македонија, влегувајќи од клупата за резервни играчи на натпреварот против Украина. Својот прв гол за репрезентацијата го постигнал во победата со 3-1 над Азербејџан во пријателски натпревар одигран во Бад Ерлах. На 9 октомври 2016 година, тој бил протагонист во квалификацискиот натпревар за Светското првенство 2018 против Италија во Скопје, во кој тој го постигнал израмнувачкиот гол и потоа асистирал за голот на Ферхан Хасани две минути подоцна за моментален резултат 2-1, пред да излезе надвор поради повреда. Натпреварот сепак завршил со пораз на Македонија од 2-3.

Среќен роденден Илија, ти посакува редакцијата на Екран.

©EKRAN.MK Вестите на интернет страницата на редакцијата ЕКРАН.мк може да се користат исклучиво за лично информирање. Без писмена дозвола од ЕКРАН или посебен договор, не е дозволено превземање, користење или реемитување на вестите, во спротивно ќе уследи фактурирање на име „плагијат“ во вредност од 20.000 денари.

Видете следно

Промовирано првото печатено издание за кривопаланечките староградски песни од Филип Додевски

Со силни аплаузи и честитки беше дочекано првото печатено издание на кривопаланечките староградски песни приредено …