На денешен ден е роден актерот Владимир Талески

Владимир Талески е роден на 7 март 1959 година, во Кичево. Се запишал на Филозофскиот факултет во Скопје, на отсекот психологија во 1977 година. Но, дипломирал на Факултетот за драмски уметности во Скопје како глумец, во 1983 година. Во 2000 година специјализирал театарска режија на Националната академија за театарска и филмска уметност во Софија, Бугарија.

Од своето дипломирање во 1983 година, па сѐ до избирањето за градоначалник на Битола во 2005 година, Талески работел како глумец во Битолскиот народен театар. Притоа, тој играл голем број главни улоги во дела од светски и домашни автори, како: Шекспир, Софокле, Горан Стефановски, Антон Панов, Јордан Плевнеш и други. Така, тој ја играл насловната ролја во „Хамлет“ од Шекспир; гостувал на „Мала Брона“ во Москва, бил учесник на „Дубровнички летни игри“ со претставата „Лир“ од Едвард Бонд, како самостоен проект на фестивалот; а во 1998 година бил учесник во проектот „Landscape X – part Eurelien“ во Стокхолм, со претставата „Alien Busters“ на Горан Стефановски. Исто така, учествувал на повеќе театарски фестивали: „Месс“ во Сараево, „Стериино позорје“ во Нови Сад, „Еуроказ“ во Загреб, „Интернационален фестивал“ во Љубљана, „Охридско лето“ во Охрид, „МОТ“ во Скопје, „Будва – фест“ во Будва, „Алтернативен театар“ во Подгорица, „Фестивал на детето“ во Шибеник, „Војдан Чернодрински“ во Прилеп, „Ристо Шишков“ во Струмица, и други. Се занимавал и со пишување на текстови за театарски претстави и сценарија за телевизиски претстави.


Талески има релизирано голем број телевизиски емисии и серии за различни редакции. Настапувал во телевизискиот филм „Мугра“, како и во играните филмови „Јужна патека“, „Хај-фај“ и „Тајната книга“. Покрај тоа, тој има режирано 12 театарски претстави, 7 документарни филмови и повеќе новогодишни претстави за деца, промотивни и други музички манифестации. Исто така, Талески се појавил во културно-образовните емисии за млади „Црвено, жолто, зелено“, играјќи го ликот на студентот Диме и во „Здраво генијалци“ играјќи го ликот на забавниот Двојче. За својата професионална работа има добиено повеќе награди и признанија, како: наградите „Војдан Чернодрински“ (трипати) и „4 Ноември“ (двапати).

©EKRAN.MK Вестите на интернет страницата на редакцијата ЕКРАН.мк може да се користат исклучиво за лично информирање. Без писмена дозвола од ЕКРАН или посебен договор, не е дозволено превземање, користење или реемитување на вестите, во спротивно ќе уследи фактурирање на име „плагијат“ во вредност од 20.000 денари.

Видете следно

Сеќавање: 12 години без нашиот истакнат диригент, пијанист и оперски пејач Милан Фирфов

Милан Фирфов е роден во Скопје на 25 март 1943 година. Тој беше истакнат македонски …