Македонскиот документарен филм „Медена земја“ триумфираше на филмскиот фестивал „Санденс“!

Со победа во три категории, македонскиот филм „Медена земја“ („Honeyland“), во режија на Љубо Стефанов и Тамара Котевска, триумфира во конкуренцијата за документарци од целиот свет на американскиот филмски фестивал „Санденс“ („Sundance“).
На церемонијата што се одржа во Парк Сити, Јута, САД, „Honeyland“ ja доби големата награда на жирито (Grand Jury Prize) за најдобар документарен филм, а на снимателите Фејми Даут и Самир Љума им беше врачена наградaта за најдобра кинематографија (Special Jury Award for Cinematography). Документарецот го доби и специјалното признание од жирито за влијание за промена (Special Jury Award for Impact for Change).
„Honeyland“ беше во официјална конкуренција на најпрестижниот американски фестивал за независни филмови „Санденс“ во категорија со уште 11 други документарци од целиот свет.
„Медена земја“ раскажува приказна за Атиџе, последната жена-одгледувач на диви пчели во Европа, која живее сама со својата мајка во централна Македонија. Главна идеја на филмот е да се прикаже припадноста на човекот кон природата и нарушувањето на природната рамнотежа преку судир на два различни начина на искористување на ресурсите на Земјата.
Во филмот игра македонската актерка Јелена Јованова-Периќ, костимографи се Ирена Анастасовска и Милена Миленковиќ. Звукот го снимаше Игор Поповски. Продуцент и монтажер на филмот е Атанас Георгиев, а сниматели се Фејми Даут и Самир Љума. Премиерата на филмот беше на Филмскиот фестивал во Торонто, каде ја освои наградата од публиката.

Музиката на „Медена земја“ е на групата „Фолтин“, а како музички супервизор се јавува Рана Еид од „ДБ Студиос“ (DB Studios) од Бејрут. Документарецот, кој е во продукција на „Аполо медиа“ и „Трис филмс“, е реализиран како дел од Програмата за зачувување на природата во Македонија – проект на Швајцарската агенција за развој и соработка (SDC), а е поддржан и од Агенцијата за филм на Република Македонија.
„Санденс“ е најголемиот американски филмски фестивал на независен филм основан од легендарниот актер и режисер Роберт Редфорд.
„Медена земја“ на Сараевскиот филмски фестивал во 2017 година ја освои највредната парична награда на фестивалот, 30 илјади евра од Турската национална телевизија (ТРТ).


Стефанов (43) има над 20-годишно искуство во развој и продукција на проекти и документарци врзани со прашања за заштита на животната средина и човековите права. Има снимено два документарци во 2005 и 2017.
Котевска (25), дипломирала на Факултетот за драмски уметности во Скопје, и веќе 5 години работи како фриленс режисерка. Нејзиниот дипломски филм „Студантс“ ја освои наградата за најдобар балкански филм на Меѓународниот филмски фестивал на документарен филм во Тирана, Албанија. Директори на фотографија се Феми Даут и Самир Љума, а музиката е на „Фолтин“.


©EKRAN.MK Вестите на интернет страницата на редакцијата ЕКРАН.мк може да се користат исклучиво за лично информирање. Без писмена дозвола од ЕКРАН или посебен договор, не е дозволено превземање, користење или реемитување на вестите, во спротивно ќе уследи фактурирање на име „плагијат“ во вредност од 20.000 денари.

Видете следно

Сеќавање: 20 години без истакнатиот македонски историчар и археолог Томо Томоски

Томо Томоски е роден на 22 декември 1915 година во Скопје. Тој беше истакнат македонски …