Интервју со Александар Гулевски: Оној кој што трага по убавото, ќе го пронајде, душата има природна потреба за убавината и токму таа потреба ја култивира душата

Александар Гулевски е наш познат музичар кој живее и работи во Битола. Поранешен член на неколку култни состави, соработувал со голем број на музичари и групи, а моментално е актуелен е со својот нов сингл „Дно“. Го проучува и практикува Источното православно црковно пеење, а ја има објавено и книгата „40 Фејсбук приказни“. На овие и на уште многу други теми поразговаравме со Александар, а вие уживајте во интервјуто подолу.

  • Вие сте историчар на уметноста, археолог, византолог, пишувате… но дали музиката беше и остана вашата прва љубов?

– Ова прашање, често ми го поставуваат. Музиката ја сакам откако имам сознание за себеси. Првата гитара ја добив на 14 годишна возраст и оттогаш сум, постојано, директно или индиректно во контакт со музиката. Членував во неколку скопски рок групи, а љубовта кон музиката ме однесе и во пасионирано проучување на византиското црковно пеење. Така што, кога ќе се направи сума-сумарум, иако сум по вокација историчар на уметноста, област која безрезервно ја сакам, може да се рече дека музиката е неразделив дел од мојата личност.


  • Битола нуди едно поспоро темпо на живот, дали тоа ви помага да творите?

– Битола е мирен град, со свое специфично темпо на живеење, со свои навики и рутини, со посебни и убави луѓе. Кога ќе погледнам наназад, сè што досега сум напишал и искомпонирал е поврзано со овој град.


  • Сте соработувале со многу наши артисти. Со кои артисти би сакале да соработувате, а не сте го направиле тоа досега?

– Соработував со групата Љубојна на нивните албуми „Парите се отепувачка“ и „Шербет Љубојна“, потоа со Златко Ориѓански на албумот на Каролина Гочева „Македонско девојче“ и кратко со групата „Вел“ од Битола. Инаку, секоја соработка и размена на идеи и енергии со други музичари ја сакам и ја сметам за корисна. Со кого би сакал да соработувам во иднина? Искрено, не сум размислувал на таа тема. Ќе покаже времето.


  • Сте членувале во неколку македонски групи, дали може да направите споредба како било тогаш, како е сега?

– Членував во скопските рок групи „Процес“, „Санс“ и „Фреш“. Секое време си носи свои одлики, свои белези и своја музика. Секој вели дека во неговото време било поинаку и подобро. Но, таа приказна е стара колку и човекот. Општ впечаток, за разлика од денес, е дека меѓучовечките односи беа понормални и поприродни. Во поглед на музиката, сосема е сменет начинот на нејзина дистрибуција и промоција, како и процесот на нејзино создавање. Денес, музичката опрема е релативно ефтина и секој може дома да си направи сопствено студио и да компонира, да продуцира и наедно да ја промовира и популаризира својата музика. Музичкиот пазар денес е преплавен со секаков вид музика. За жал, музиката стана стока која се нуди на пазарот, како и сè друго. Според сопствениот вкус ја одбирате на музичките платформи, ја купувате и ја слушате.

  • Црковното пеење е вашата пасија. Зошто избегавме од себе и од своите корени, како да се вратиме на вистинскиот пат?

– Источното православно црковно пеење го проучувам и практикувам веќе три децении. Кога почнував да го проучувам, луѓето што знаеа за ова пеење во Македонија се броеа на прсти. Денес состојбата во поглед на информираноста за ова пеење е поинаква, но, и понатаму е исклучително мал број на луѓето што го познаваат и практикуваат. Се надевам дека нашата црква во иднина ќе вложи поголеми усилби за повторно заживување на ова пеење, кое, меѓу другото, треба да стане и задолжителен предмет во сите средни и високо-образовни институции во Македонија. Само на тој начин ќе можеме успешно да ја зачуваме и заживееме традицијата на ова пеење.

  • Како би ја оцениле моменталната алтернативна сцена во Битола и во Македонија воопшто?

– Во Битола и во Македонија има многу групи кои создаваат музика и кои свират. Во последно време чувствувам еден вид на будење на тоа поле и тоа ме радува. Особено ме радува што се тоа млади луѓе. Тие треба да донесат свежина на музичката сцена во нашата земја.

  • Кои се вашите омилени артисти и песни, што слушате во слободно време?

– Албум кој во последно време често го слушам е Data Mirage Tangram на швајцарската индустриjал група The Young Gods. Инаку, слушам секаков вид на музика: класична, традиционална, рок, поп, индустријал…

  • Дали во хаосот на модерното живеење човекот се дистанцира од убавите работи и го губи чуството за култура и уметност и за сè она што е убаво?

– Оној кој што трага по убавото, ќе го пронајде. Душата има природна потреба за убавината и токму таа потреба ја култивира душата. Се разбира, начинот на живеење и околината влијаат врз тој процес. Мислам дека не се дистанцираме, туку дека сме изманипулирани во поглед на тоа кои работи се убави и што е тоа што ни се нуди како култура и уметност. Вредностите кои се рекламираат за вредни се најчесто погрешни. Вистината се фабрикува во секој сегмент на модерното живеење, а со тоа и во културата и во уметноста. Како тогаш во тој наметнат хаос човек може да процени што е добро и што е убаво? Модерниот човек е збунет, осамен и измамен.

  • Објавивте неколку синглови. Извонредниот „Дно“ беше последниот. Кога може да очекуваме албумот „НЕ“ да биде објавен и кои се вашите понатамошни планови?

– „Дно“ е четврта по ред песна од албумот во подготовка „НЕ“. Во моментот работам на нова песна, која е поставена и на која го доработувам текстот. Планирам на албумот „НЕ“ да има десет песни. Сите песни ќе бидат покриени со видео спотови. Кога ќе излезе албумот? Не можам да кажам со сигурност. Немам поставено некои рокови и песните настојувам да ги работам полека. Концептуално, албумот треба да биде музичка и текстуална слика на времето во кое живееме.

©EKRAN.MK Вестите на интернет страницата на редакцијата ЕКРАН.мк може да се користат исклучиво за лично информирање. Без писмена дозвола од ЕКРАН или посебен договор, не е дозволено превземање, користење или реемитување на вестите, во спротивно ќе уследи фактурирање на име „плагијат“ во вредност од 20.000 денари.

Видете следно

Сеќавање: 20 години без истакнатиот македонски историчар и археолог Томо Томоски

Томо Томоски е роден на 22 декември 1915 година во Скопје. Тој беше истакнат македонски …