Ѓорѓи Колозов е роден на 26 февруари 1948 година во Богданци. Тој беше македонски актер, еден од најпознатите глумци во Македонија, најзапаметен е по неговите извонредни толкувања на разни типски ликови од народно творештво како цар, кадија, чорбаџија, селанец, па дури и како Господ. Уживал популарност и во македонската дијаспора, во Австралија, САД, како и во соседните држави на Балканот.
Дипломирал на Академијата за драмска уметност (денес Факултет за драмски уметности), на универзитетот „Свети Кирил и Методиј“ во Скопје во 1973 година. По дипломирањето, тој е во постојан работен однос во Македонскиот народен театар.
Неговата популарност била резултат на неговото долгогодишно искуство и мошне популарната македонска ТВ-серија „Македонски народни приказни“ засновани на збирката народни преданија издадени во XIX век од собирачите на македонски народни умотворби како Марко Цепенков, Кузман Шапкарев, Ѓорѓи Пулевски и други. Овие приказни имаат непроценливо значење за македонската фолклористика, за етнографијата, лингвистиката, националната историја и за правото и моралот на Македонците.
Почнувајќи од 1984 година, со серијата која првично била насловена како „Легенди и преданија“, па од 1986 до 2003 година како телевизиска серија „Македонски народни приказни“ во продукција на МРТ, имал снимено околу 300 епизоди.
Во Драмата на Македонскиот народен театар се вработил во 1975 г. На оваа сцена имал остварено позначјани улоги во претставите: „Од многу ум“, „Андрокле и лавот“, „Госпоѓа министерка“, „Чорбаџи Теодос“, „Женидба“, „Воена тајна“, „Мрестење на краповите“, „Слободни врски“, „Валпургиска ноќ“, „Рекламна бајка“ и други.
Настапил во повеќе играни филмови како во македонска продукција така и во продукција на Вардар Филм во периодот на поранешна СФРЈ, меѓу кои: „Македонскиот дел од пеколот“, “Нели ти реков”, “Истрел”, „Тетовирање„ и други.
Добитник е на голем број на награди, меѓу кои ги издвојуваме:
-Награда “13-ноември”
-Награда “Ристо Шишков”
-Награда за артист на годината според анкетата на “Екран”
-Награда “Војдан Чернодрински”
-Награда за најпопуларно ТВ-лице според анкетата на “Екран”
-Награда “11-октомври”
-Награда на весникот “Дневник” од “Нови Сад” за улогите во “Македонски народни приказни”
-Награда “Васил Иљоски”
Починал во Скопје на 13 октомври 2003 година, на 55 годишна возраст.