(ФОТО) ТВ-серијата „Зоки Поки“ ќе се емитува на Шведската национална телевизија

Телевизиската серија „Зоки Поки“ работена според култната книга на Оливера Николова е откупена од шведската национална телевизија и ќе се прикажува на нивниот национален канал „СВТ“, соопшти продуцентот на „Кино Око“ Роберт Насков.

ТВ-серијата „Зоки Поки“ е во продукција на „Кино Око“, во копродукција со Македонската радио телевизија и со финансиска поддршка од Агенцијата за филм на Македонија.


„Ова е голем успех за македонската кинематографија, земајќи ги предвид високите скандинавски стандарди за телевиската и филмска продукција, посебно кога се работи за тв-серија за деца. Скандинвските земји имаат најдобар образовен систем во светот и детската програма е дел од нивното образование. Многу ретко се случува програма надвор од скандинавските земји да биде откупена и емитувана на телевизија. Главно, тоа се програми кои се емитуваат и се произведени кај нив и ова е првпат детска програма, серија од овие краишта да биде прикажана на шведската национална телевизија“, изјави денеска продуцентот Насков.
Според Швеѓаните, Зоки Поки е весела и топла серија, со силен филмски израз, мајката во серијата е силен карактер и исто така го истакнуваат односот на Зоки Поки со бабата.


„Со сето ова се повторува универзалноста и пораките што се застепени во книгата и вонвременската вредност на делото на Оливера Николова и секако се потврдува квалитетот на македонската продукција и нивните автори. Голема заслуга за продажбата на серијата има дистрибутерот од Лондон“, рече Насков.
Според него, прикажувањето на серијата на Шведската национална телевизија е голем успех за „Кино Око“ и најави дека се во преговори за прикажување на серијата во Норвешка, Хрватска, Србија и Словенија.
„Но, и покрај големиот интернационален успех и популарноста во Македонија, сепак е неизвесно снимањето на втората сезона. Се надевам дека оваа вест ќе биде дополнителен мотив за финансиска поддршка на втората сезона од серијата“, додаде Насков.
Според режисерот Александар Поповски, приказната за Зоки Поки има во себе еден по малку заборавен свет на вредности кои во нашето детство беа наше секојдневие.
„Една топлина кога верувавме дека надворешниот свет е најсигурниот и најубавиот свет во кој секое дете има некое свое место. Првата сезона покажа дека публиката и децата ги препознаа овие вредности и дека навистина вредеше да се направи овој проект. Сега многу зависи од сите нас дали оваа идеја ќе продолжи да живее понатаму. Навистина чувствувам потреба да кажам дека ќе биде голема грешка доколку тука застанеме и не направиме вистински серијал од повеќе сезони. ʻЗоки Покиʼ може да биде голема инвестиција не само во телевизискиот, туку и во едукацискиот и емотивниот свет кој толку многу ни недостасува“, смета Поповски.


Особена чест за МТВ е што серијата ќе се прикажува на јавен сервис во Шведска.

„Јавниот сервис од тој регион се идол, смисла, принцип и слика за тоа како треба да изгледа јавен сервис. Вака, преку Зоки Поки успеавме да влеземе во тие простори. Јас се надевам дека оваа успешна приказна нема да заврши овде. Во ова ново време – невреме, се најдовме затекнати и некако неподготвени да продолжиме да ја финансираме, поддржиме и да соучестуваме во серијата. Се надевам дека новото нормално ќе ни овозможи барем уште еднаш да направиме и да го продолжиме ова ремек дело. Зоки Поки ќе порасне и се надевам ќе биде познат лик и во новата сезона“, рече Анета Андонова, главен уредник на програмскиот сервис на МТВ.


Десетте епизоди од првата сезона на ТВ-серијата премиерно се емитуваа на првата програма на „МРТВ“ во периодот од мај до јуни 2020 година.
Главните улоги во серијата ги толкуваат Матеј Настевски (Зоки), Анастасија Аневска (Лидија), Матео Матоски (Боки) и Матеј Зимбаков (Гоки). Покрај детската екипа, во серијата играат и Сашко Коцев и Даниела Иваноска, кои ги глумат родителите на Зоки и Сабина Ајрула-Тозија, во улогата на неговата баба.
Режисери на серијата се Александар Поповски, Марија Апчевска, Даријан Пејовски и Радован Петровиќ. Сценаријата за серијата се на Сашо Кокаланов и Билјана Црвенковска.

©EKRAN.MK Вестите на интернет страницата на редакцијата ЕКРАН.мк може да се користат исклучиво за лично информирање. Без писмена дозвола од ЕКРАН или посебен договор, не е дозволено превземање, користење или реемитување на вестите, во спротивно ќе уследи фактурирање на име „плагијат“ во вредност од 20.000 денари.

Видете следно

Денес роденден слави нашиот актер Кире Печијаревски

Кире Печијаревски е роден на 3 мај 1949 година во Скопје. Тој е македонски филмски …