(ФОТО) Кога низ животот ве води љубов: Злате Андоноски две децении воодушевува со бузуки на Кипар – И’ Цеца „паднала“ на неговата музика!

Никогаш не се знае каде животот ќе ве однесе…Прилепчанецот Злате Андоноски две децении свири бузуки на Кипар и го остварува својот сон…да свири и да заработува за живот…
Злате Андоноски (56) од Прилеп, лебот го вади со свирење бузуки во Кипар веќе 12 години.  Живее двоен живот, овде и таму, поделен, на период кога работи и заработува, и дел од годината кога го троши заработеното. Од 2007. година во лето живее по 4. месеци во Кипар. Ја сака музиката и сака да ги разонодува гостите, по рестораните на грчкиот дел од островот. Се задоволува со бакшижот кој гостите од луксузните рибни ресторани ќе го спуштат во каначката, откако срцето и душата ќе им ја разнежни со свирење грчки хитови на бузуки. И свирел дури и на Цеца. Останала воодушевена од акустиката, од звукот кој успешно го произведува со бузуки.
„Лебот го вадам свирејќи на бузуки, ги забавувам луѓето со инструментот кој музички е копија од гитара, со 4 жици, дупли“, вели Андоноски.

Свири и англиски и руски песни, му свири и на понекој Турчин, но да не го слушнат грчките кипарци. Знае да свири и на класична гитара, на ут. Маката го натерала да го совлада и грчкиот јазик. Почнал да го учи грчкиот јазик од 1986. година како студент. Берел праски и јаболка во Грција. Знае да чита и пишува на грчки. Од студентите учел што значи некој збор, како се кажува ова, она. Потоа свирел по ресторани. Во 2001. година во Ламија, во близина на Атина свирел со Грци во група. Потоа имал забрана за престој во Грција бидејќи имал бугарски пасош. Тоа го однело да работи за корка леб на Кипар.
„На Кипар ме дочека тешка клима на крајот на август. Сум свирел и на улица до 5 до 6 сабајле, потоа по ресторани. Стојам одстрана, ќе направам 2-3 песни. Ќе поминам со каначката меѓу масите и си заминувам. Ако дозволи газдата, односно ако сакаат гостите од некоја маса, останувам подолго. Вадам малку пари, колку да се преживее и нешто заштеди“, објаснува Андоноски.
Музиката ја сакал од дете. Свирел клавир. Посетувал и основно музичко училиште, но ја немал таа среќа да има хармоника. Болни му се сеќавањата од детството кога страдал за инструмент. Бил жртва на лошата педагогија, домашната строгост во комунизмот. Првото пластично бузуки го купил со парите заработени од берење јаболка во Костур, потоа купил друго.
„Перо, професорот по музика, ми велеше, талент како тебе се раѓа еднаш на 10. годинии. И ден-денес, по толку години свирење, немам бузуки какво што сакам. Тешко е кога некои луѓе кои немаат разбирање за музика, ќе ти ставаат ембарго во животот. Моето бузуки е професионално, но со мана во вратот. Има убави бузукиа во Грција, Бугарија. Може да се најдат од 1.500 до 500 евра. Бузукито не е мерцедес, па можеш да го видиш и купиш. Зависи кој мајстор го правел, како виолините“, вели Андоноски.

Четири месеци е на Кипар, а остатокот во Македонија. Со она што ќе заработи и заштеди живее овде. Обезбедил два стана за децата. Иако завршил степен на Градежниот факултет, кратко работел на струката. Од музиката не се дели. Но, интересот за музика спласнува, според него, последниве години.
„И виолина убаво свирам. Има луѓе кои кога свирам, иако имаат уши, не слушаат дека пеам, не ја разбираат музиката. Европјаните се многу ладни. Имаат само пари, но не и душа. Го свирам Џим Морисон со бузуки. Сé помалку се професионалните групи. Свирам со Наско Чапар во Идадија, во Скопје кога сум во Македонија. До пред 4-5 години имав тезги, но слабо е сега. Кој сака може да ме слушне на Јутјуб“, вели Андоноски.
Во ќерката веќе го гледа својот наследник во музиката. Таа свири на гитара и самостојно настапувала во Грција додека не е на студија на Медицинскиот факултет. И’ синот знае да свири класична гитара. Злате Андоноски многу се нервира кога некој ќе рече дека со музика некој се занимава од хоби. За него музиката е живот, опстанок, љубов, среќа. За себе вели дека има тешка ѕвезда и често среќава неразбрани луѓе. Полека се ориентира на англиската и шпанската музика. Работел и тешка физичка работа и пак свирел.
Со Цеца на Инстаграм

Во рибен ресторан на Кипар летото 2019 година имал чест да и’ свири на Цеца. Се фотографирал со неа. Сликата осамнала на Инстаграм.
„Свирев, кога забележав дека Цеца ме снима, и се приближив. Ме праша кој сум, од каде сум. Беше при крај со вечерата. И беа изедени рибите и беше за станување. Се сликавме, па влезе во еден џип. Ме стави на Инстаграм. Не имаше заедно 24 часа. Треба да си мајстор за звук со бузуки акустично да произведеш. Со електрично, може секој да свири. Кога сакам да отсвирам или отпеам на грчки, јас сум гениј“, вели Андоноски.

©EKRAN.MK Вестите на интернет страницата на редакцијата ЕКРАН.мк може да се користат исклучиво за лично информирање. Без писмена дозвола од ЕКРАН или посебен договор, не е дозволено превземање, користење или реемитување на вестите, во спротивно ќе уследи фактурирање на име „плагијат“ во вредност од 20.000 денари.

Видете следно

Утрешен хороскоп за сите хороскопски знаци: Прочитајте што не советуваат ѕвездите за утре, 28.04.2024 година, во врска со работата, љубовта и здравјето

Овен Работа: На Овенот им претстои релаксиран ден, да го поминат на начин кој им …