Денес се сеќаваме на еден од најголемите македонски актери Ристо Шишков

Ристо Шишков е роден на 23 март 1940 година, во селото Мрсна, Серско, Егејска Македонија, во ситуирано трговско семејство. Татко му Васил и најстариот вујко лежеле 4 години затвор на Крит. Во 1942 година Ристо ја доживува трагичната судбина на децата-бегалци. Преку Бугарија во 1945 година неговото семејство доаѓа во Струмица, каде тој се школува.

Првите негови глумечки искуства ги започнал 1957 година, глумејќи во Народниот театар “Антон Панов” во Струмица. Таму ги одиграл улогите во претставите: “Ноќи на гневот”, “Лажливец” како и “Круг со креда”. Приемен испит полагал во 1958 година на Академијата за театар во Белград. Имал првична намера да студира атомска физика, но наеднаш се премислува, па во 1962 година дипломира на Театарската академија во Белград, на отсекот за глума. Една од ретките награди која ја добил за време на неговиот престој во Белград, е наградата за улогата во пиесата “Време, огин и човек” од Мирослав Беловиќ, во Крагуевац, 1962 година. По двегодишната работа во Југословенскиот драмски театар во Белград, Шишков доаѓа во Скопје и од 1 октомври 1964 година станува член на Драмата на Македонскиот народен театар. Играл во 54 театарски претстави, снимил 11 филма (во дванаесеттиот, „Води“, неговата ролја е преснимена), пет телевизиски драми и три телевизиски серии, повеќе радиодрами.


Во негова чест, од 1992 година во Струмица се одржува Фестивалот на камерен театар „Ристо Шишков“.

Некои од театарските улогите кои ги одиграл се: Спасе во “Македонска крвава свадба”, Луков во “Црнила”, Павел Протасов во “Децата на сонцето”, Андреј Прозоров во “Три сестри”, Леоне во “Господа Глембаеви”, Дон Цезар во “Дон Цезар од Балзан”, Креонт во “Антигона”, Мендељ Крик во “Зајдисонце”, Фјодор Протасов во “Живиот труп”, како и улогата на Чами во “Кенгурски скок”, режирана од Бранко Ставрев.


Покрај неговиот главен ангажман во театарските претстави има оставено и силен впечаток и во филмските улоги. Прва и тоа главна улога ја игра во филмот “Заседа”, во режија на Анте Заниновиќ. Потоа следи неговата дебитантска улога во македонски филм “До победата и по неа”, во режија на Жика Митровиќ, по сценарио на Симон Дракул, каде го глуми митралезецот Трајко. Негов следен ангажман е филмот “Македонска крвава свадба” (1967), во режија на Трајче Попов. Истата година добива епизодна улога во филмот “Каде по дождот”, во режија на Владан Слиепчевиќ. Потоа, следат две негови маркантни улоги и тоа во “Планината на гневот” (1968) и “Републиката во пламен” (1969), двете во режија на Љубиша Георгиевски. Соживеан со голготата на Егејските Македонци, тој ја игра улогата на Парис во филмот “Црно Семе”, работен по истоимениот роман на Ташко Георгиевски, а во режија на Кирил Ценевски. Забележан е еден мал инцидент, после премиерата на овој филм, во која Шишков чул коментар, дека ваков филм може да ги влоши односите со Грција, на што тој бурно изреагирал, во присуство на тогашниот политички врв. “Црвениот Коњ” исто така снимен по романот на Ташко Георгиевски, е неговата следна улога, каде го игра ликот на Ставропулос. По ова се враќа, во еден од највисоко буџетни филмови, снимен во тоа време “Битката на Неретва”, во кој учество земаа Ричард Бартон, Јул Бринер како и Силва Кошчина.

Во својство на секретар на Друштвото на драмски уметници, јавно го изразил своето незадоволство од тоа што се ангажираат не само Југословенски глумци, туку и од надворешни земји како Полска, СССР и Романија. Ова се случило непосредно, пред неговиот филмски ангажман во „Води“, филм во кој цела негова улога била преснимена за да се исфрли неговот учество во филмот.


Добитник е на многубројни награди и признанија, меѓу кои ги издвојуваме:

1962, Крагуевац — Награда за улогата во пиесата „Време, огин и човек“
1967 ФФАО, Ниш — Награда за најдобра машка улога во филмот “Македонска крвава свадба”
1968 ФФАО, Ниш — Специјална награда за улогата во „Планината на гневот“
1970 Стериина Награда Нови Сад за претставата “Парите се отепувачка” во режија на “Бранко Ставрев”
1976 ФФАО, Ниш — Повелба за машка улога во „Најдолгиот пат“
1977 МТФ „Војдан Чернодрински“ Прилеп — Добитник на една театарска награда за улогата во претставата „Крчма под зеленото дрво“.
1979 Стериина Награда Нови Сад за претставата “Кенгурски скок” во режија на “Бранко Ставрев”
1981 ФФАО, Ниш — Повелба за машка улога во “Црвениот коњ”

Неговата судбина, која ја преживеал како дете, прогонето од Егејот, во него всадила инстинкт за праведност и вистина. Не можел да ги премолчи неправдите кон обичниот човек, на сметка на политичките и економските моќници. Во 1979 е обвинет во навреда на српски и хрватски артисти, исто како и на Тито. Обвинет како националист, сепаратист и хегемонист на 15 јануари 1980 заминува во затвор.

Починал на 17 јуни 1986 година во Скопје, а погребот на Ристо Шишков е извршен на 19 јуни 1986 година.

 

©EKRAN.MK Вестите на интернет страницата на редакцијата ЕКРАН.мк може да се користат исклучиво за лично информирање. Без писмена дозвола од ЕКРАН или посебен договор, не е дозволено превземање, користење или реемитување на вестите, во спротивно ќе уследи фактурирање на име „плагијат“ во вредност од 20.000 денари.

Видете следно

Концерт на полското дуо Siksa во Котур

Вечерва, со почеток во 21:30 часот, во Котур, ќе може да го проследите концертот на …