Асемина Проедру и Елеонора Венинова го отворија 8. издание на МФФ Киненова

„Киненова” ги слави делата на новите филмски автори кои доаѓаат и ги предводат новите бранови во филмската уметност. Со слоганот „Прв филм, осмо сетило” од вечерва во текот на следните шест вечери во кината на Синеплекс ќе може да се почувствува моќта на филмот.

Фестивалот го отворија македонската режисерка Елеонора Венинова и грчката режисерка Асемина Проедру, која се заблагодари на честа да го отвори фестивалот со проекцијата на нејзиниот филм „Зад стоговите сено”.


-Киненова е еден од ретките фестивали во Македонија и во регионот што ги слави првите, вторите и третите долгометражни филмови што за нас авторите е многу значајно. Ова е фестивал кој сака да ризикува и да открива нови филмски автори. Уште повеќе ми е драго што ќе го отвориме заедно со мојата колешка Асемина Проедру од Грција со која се запознавме пред десет години на фестивал во Драма, Грција, каде беа прикажани нашите кратки филмови, а сега десет години подоцна се среќаваме во Скопје на фестивал со нашите први долгометражни филмови, рече Венинова.
Следуваа проекции на краткиот филм на Ѓорче Ставревски „Дали си маж?” и „Зад стоговите сено” на Асемина Проедру, а на српскиот актер Бранислав Лечиќ му беше врачена наградата за особен придонес во филмската уметност.

-Филмскиот актер е тој што ги оживува и ги остварува сите замислени емоции и слики на авторот и режисерот. Актерот е тој кој ги носи најсилните пораки преку ликовите кои ги гради и оживува. А нашиот лауреат оживеа мнпгу ликови на филмското платно и со својот став и посебен актерски сензибилитет одбележа едно време на овие простори, беше речено при претставувањето на годинешниот лауреат на наградата за посебен придонес во филмската уметност, српскиот актер Бранислав Лечиќ.


Наградата на лауреатот му ја врачи директорот на Фестивалот, Небојша Јовановиќ, кој раскажа дека улогите на Лечиќ ја одбележале неговата младост.

-Во својот уметнички живот кој брои 45 години сум добил многу награди, како млад, во средни години, и театарски, и филмски, и меѓународни, и на домашен терен, и не само во Србија, туку и во целиот регион, но, морам да ви кажам дека оваа награда за мене претставува нешто особено. Таа гласи за посебен придонес во филмската уметност и навистина ми е драго што во таа уметност, која многу ја ценам можам некако да придонесам. Македонија ја сакам и ги ценам вашите уметници бидејќи имате квалитетни филмски уметници и актери. Секогаш сум бил инспириран кога сум се среќавал во вашите уметници и во театар и на филм. Наградите обично се добиваат на крајот од кариерата, тоа се награди кои некако сублимираат и прават некаков круг, собираат некаква работа, но јас оваа награда нема така да ја доживеам. Се чувствувам дека сум во полна сила, што можеби е парадокс, но тоа е навистина мое чувство и оваа награда ќе биде моја инспирација да дадам уште поголем придонес во филмската уметност, рече Лечиќ.


Присутните ги поздрави и Малгоржата Скулска, директорка на полскиот патувачки филмски фестивал „Вистула”, кој од минатата година соработува со Киненова и ја презентира полската кинематографија.

-Прв пат сум во Скопје и многу ми се допаѓа. „Вистула” ја формиравме пред 16 години и полската кинематографија ја презентиравме досега во 28 држави. Четири полски филмови ќе бидат прикажани на Киненова и ве поканувам да ги погледнете, рече Скулска.

Годинава за филмовите во главна конкуренција ќе одлучуваат членовите на меѓународното жири: Лех Мајевски, режисер, сценарист, кинематографер од Полска, Дебора Ван Дам, сценаристка и режисерка од Холандија и Дејан Дуковски, драмски писател од Македонија.

©EKRAN.MK Вестите на интернет страницата на редакцијата ЕКРАН.мк може да се користат исклучиво за лично информирање. Без писмена дозвола од ЕКРАН или посебен договор, не е дозволено превземање, користење или реемитување на вестите, во спротивно ќе уследи фактурирање на име „плагијат“ во вредност од 20.000 денари.

Видете следно

ОГРОМЕН ИНТЕРЕС ЗА ТЕМАТСКИ СТРИП КОНКУРС

  Стрип центарот на Македонија од Велес е во имплементација на Грантот “All we are …