400 – 790 THz: The Visible Spectrum: Изложба на дела од американски, независен, филмски режисер, Џон Џост

На 13.10.2023 (петок) во 19.00 часот во КСП Центар Јадро ќе може да погледнете изложба на цртежи и акварели кои култниот американски, независен, филмски режисер, Џон Џост ги изработи за време на неговиот престој во Скопје.

Oд крајот на септември во КСП Центар-Јадро ни гостува култниот американски, независен, филмски режисер, Џон Џост. За време на својот престој во Јадро тој одржа филмска работилница „Learn everything there is to know from a real MoFo”. Кратките филмови, кои учесниците ги изработија со Џон Џост, ќе бидат проектирани на 13 октомври во 19 часот во КСП Центар-Јадро.
Покрај филмовите, во петок, ќе може да погледнете изложба на цртежи и акварели кои Џон Џост ги изработи за време на неговиот престој во Скопје.
За своите цртежи Џон Џост вели:

„Изложените акварели јас ги доживувам како експерименти. Не мислам дека тие се „уметност”, туку се можеби повеќе обид или проба што може да доведе до правење „уметност”.
Еве една мала приказна која е можеби поучна…
Од рана возраст се интересирав за визуелните уметности, архитектурата, фотографијата, како и музиката, пишувањето и театарот. Но, мојот живот во најголем дел беше номадски и премногу сиромашен за да ги истражам овие мои интереси, покрај снимањето филмови и фотографирањето. Кога ги прикажував моите филмови често ме прашуваа дали сум сликар, на што можев само да кажам дека сум многу заинтересиран за сликарството, графичката уметност, но околностите не ми дозволија да продолжам да се занимавам со овие медиуми. Потоа, во 1981 година, на мое големо изненадување, 4 од моите филмови беа купени од Канал 4 (Channel 4) во Англија. Иако цената беше објективно ниска, за мене тоа беа многу пари, па решив да се наградам со купување кутија пастели кои ги гледав само како „боја”. Неколку години подоцна, кога го завршив снимањето на пропаднатиот филм „Psalm” во Ронан (Монтана, САД) додека живеев во мала изнајмена викендичка, ја извадив мојата кутија со пастели и направив два или три крајно мизерни мали пастелни цртежи. Во тој момент од мојот живот имав видено доволно уметност и доволно ги ценев нејзините квалитети за да знам дека моите патетични чкртаници беа чиста глупост. Бев вознемирен и на некој начин згрозен од мојот мал напор, и од срам ја затворив кутијата и ја носев со мене во следните 15 години, плашејќи се да ја отворам.
Дури откако се преселив во Рим, кога наполнив педесет години, повторно ги извадив боите и се охрабрив да цртам велејќи си дека ќе правам само лоши цртежи, и дека тоа е неопходен процес низ кој треба да поминам. Правев еден мизерен цртеж по друг додека полека не развив чувство за материјалот, обемот, природата на пастелите и конечно почнав да создавам пристојни цртежи. Бев премногу стегнат при работа со материјалот, но полека научив да се олабавувам. Потоа продолжив да работам со акварели, гваш и масла. Сè уште се чувствувам како почетник, и сè уште учам со надеж дека можеби ќе направам некои дела кои би се нарекле „уметност”.”


Џон Џост е еден од најплодните и најзначајните американски независни филмски автори. Роден во Чикаго на 16 мај 1943 година, во воено семејство, Џон Џост растел во Џорџија, Канзас, Јапонија, Италија, Германија и Вирџинија. Избркан од колеџ во 1962 година, почнал да снима 16 мм филмови во јануари 1963 година. Самоук е. Има снимено 41 долгометражен филм во периодот 1963-2013 година (14 на целулоид, 16 мм и 35 мм до 1996 година; 27 дигитални оттогаш), како и повеќе од 30 краткометражни филма, кои сите ги има сам осмислено, напишано, снимено, режирано и монтирано; повеќето и продуцирано. Од 1996 година работи само во дигитално видео (DV и HD), завршувајќи 24 долгометражни и многу краткометражни дела, како и една голема инсталација на 7 екрани, TRINITY, претставена во ZKM, Карлсруе, Германија. Има изведено и неколку други инсталации што досега не биле јавно презентирани. Во јануари 1991 година во Музејот на модерната уметност (МоМА) во Њујорк е прикажана ретроспектива на неговото дотогашно творештво.
Два од неговите најпознати филмови се „Сите дела на Вермер во Њујорк” (1990) и „Креветот во кој спиеш” (1993). Неговиот долгометражен филм од 1977 година, „Последни песни за бавен танц” е наведен во книгата „1001 филм што мора да ги погледнете пред да умрете”. Џост се занимава и со фотографија и сликарство и пишува и свири кантри вестерн песни.

Програмата е реализирана во соработка помеѓу КСП Центар-Јадро, MI Film&Theatre и Кинотека на Северна Македонија, а е финансиски поддржана од Министерство за култура на РС Македонија.


©EKRAN.MK Вестите на интернет страницата на редакцијата ЕКРАН.мк може да се користат исклучиво за лично информирање. Без писмена дозвола од ЕКРАН или посебен договор, не е дозволено превземање, користење или реемитување на вестите, во спротивно ќе уследи фактурирање на име „плагијат“ во вредност од 20.000 денари.

Видете следно

„Со цело срце за нечие подобро утре“ – хуманитарна изложба на автомобили

Денес на паркингот кај градски базен во Куманово во период од 10:00-17:00 часот, ќе се …