Италијанската пејачка легенда Орнела Ванони почина во петокот на 91-годишна возраст во својот дом во Милано. Со својот уникатен глас и елеганција, таа одбележа повеќе од седум децении италијанска култура, музика и телевизија.
Ванони беше симбол на софистицираност за многу генерации, жена чиј шарм, иронија и ранливост создадоа една од најпрепознатливите уметнички фигури во Италија. Иако повторно го освои светот во 2004 година благодарение на иконската изведба на нејзината песна „L’appointmento“ во филмот „Ocean’s Twelve“, нејзината кариера беше многу повеќе од една песна или момент на слава.
Орнела Ванони нè напушти
View this post on Instagram
Родена во 1934 година во угледно миланско семејство, Ванони пораснала помеѓу Швајцарија, Велика Британија и Франција, учејќи ги јазиците и манирите што подоцна ќе станат дел од нејзината препознатлива софистицираност. Сепак, нејзиниот пат до сцената бил сè друго освен линеарен. Во своите мемоари, таа опишала како, како млада актерка под менторство на Џорџо Штрелер, точно четири скалила од театарот „Пиколо“ ја одделиле од остварувањето на својот сон и како тие истовремено ја парализирале од страв.
Ванони брзо ја освои италијанската сцена во 1960-тите. Прво со темни песни за миланскиот подземен свет, што ѝ го донесе прекарот Cantante della mala, а потоа со романтични класици кои се врежани во колективната меморија на Италија – Senza fine, Domani è un altro giorno и претходно споменатиот L’appointmento.
View this post on Instagram
Таа продала повеќе од 55 милиони албуми, издала околу четириесет студиски изданија и останала присутна во италијанските медиуми до самиот крај благодарение на нејзиниот остар хумор и неодолива искреност.
Со сето тоа, таа беше икона на стилот. Џани Версаче бил нејзин близок пријател, а Џорџо Армани и Валентино создале облека инспирирана од нејзиниот изглед: црвена коса, префинет минимализам, глас кој секогаш звучел како да ја кажува вистината. Дури и за личното збогување зборувала со препознатлива лежерност: Ковчегот треба да биде евтин, сакам да бидам кремирана во секој случај. Фрлете ме во морето, можеби во Венеција. И веќе го имам фустанот – Диор, рекла таа во една пригода.
Во своите мемоари, таа вака се опишала себеси:
„Јас сум една од тие жени. Жена во оган, кревка и полна со нежност, скриена зад нервоза, елеганција и малку сарказам. Очајна и среќна. Сама и прославена. Бесна и нежна“.
Арвидерси Орнела!
Фото: Принтскрин/YouTube/ivan a zamorano labbe
ekran платформа за слободоумни