„Три билборди“ доминираше на БАФТА

„Три билборди“ победи во категориите најдобар филм, најдобар британски филм, актерка во главна улога, оригинално сценарио и споредна машка улога.

Филмот „Три билборди пред Ебинг, Мисури“, драма на Ирецот Мартин Мекдонаг, освои најмногу, односно пет награди на доделувањето на Британската академија за филмски и телевизиски уметности (БАФТА), кои се одржаа на 18 февруари во Лондон.
Френсис Мекдорманд, главна актерка од филмот „Три билборди“, игра мајка што изнајмува билборди за да протестира поради бавната истрага за смртта на својата ќерка. Мекдорманд воедно, на БАФТА ја освои наградата за најдобра актерка во главна улога. Френсис сега се смета за главна кандидатка за Оскар во посочената категорија.
„Три билборди“ претходно ја освои и главната награда САГ (Американската асоцијација на филмски актери), која на некој начин се смета за показател за престојните Оскари.
Филмот на БАФТА ги освои и наградите за најдобар филм, најдобар британски филм, оригинално сценарио и најдобра споредна машка улога.
Мекдонаг, изјави дека филмот „Три билборди“ доаѓа во вистинско време, во година кога е актуелно движењето „Времето истече“ и дека тоа е филмско остварување што говори за жена која одбива повеќе да трпи неправди.
Самата церемонија во Лондон беше одбележана со барање на жените за ставање крај на сексуалното малтретирање, злоупотреба и нееднаквост.


Наградени актери
Освен Френсис Мекдорманд за улогата во „Три билборди“, меѓу наградените актери се и: Гери Олдман за најдобра главна машка улога („Најмрачниот час“), Алисон Џени за најдобра актерка во споредна улога („Јас, Тоња“) и Сем Роквел за најдобар актер во споредна улога („Три билборди“).

Други победници
Најдобар режисер според БАФТА е Гиљермо дел Торо („Обликот на водата“), додека наградата за адаптирано сценарио ја освои Џејмс Ајвори за филмот „Викај ме со твоето име“.
Во категоријата шминка и фризура, признанието беше доделено на екипата од „Најмрачниот час“, а наградата за најдобар звук ја освои тимот на „Данкирк“.
Најдобар дебитантски филм на британски сценарист, режисер или продуцент е „Јас не сум вештерка“, меѓу документарците најдобар е „Јас не сим твој негро“, а меѓу анимираните филмови „Коко“.


Протест на црвениот тепих
По црвениот тепих зачекорија и Кејт и Вилијам. Бремената војвотка за пригодата избра темнозелена тоалета со црна лента, оддавајќи почит на движењето против напаствување на жените.
Познатите дами во најголем дел беа облечени во црно во знак на протест против сексуалните скандали. Меѓу присутните големо внимание со својата појава привлече Ангелина Џоли, облечена во црн кадифен фустан од „Ралф и Русо“.
Џенифер Лоренс, Селма Хаек, Лупита Нјонго, Марго Роби, Октавија Спенсер, сите тие останаа доследни на активизмот и се дотераа во црно.
Како што забележа „Дејли мејл“, најнов „моден додаток“ на познатите дами на црвениот тепих беа – активисти. Гема Артертон и Наоми Харис се појавија со две дами, жени икони што искусиле неправда и злоупотреба во животот.

©EKRAN.MK Вестите на интернет страницата на редакцијата ЕКРАН.мк може да се користат исклучиво за лично информирање. Без писмена дозвола од ЕКРАН или посебен договор, не е дозволено превземање, користење или реемитување на вестите, во спротивно ќе уследи фактурирање на име „плагијат“ во вредност од 20.000 денари.

Видете следно

Во месецот посветен на јубилејни проекции на македонски филмови, вечерва во Кинотека ќе биде прикажан играниот филм „Големата Вода“

Вечерва, во Кинотека на Македонија, со почеток во 20:00 часот, во месецот на јубилејни проекции, …