Театарот „Војдан Чернодрински“ со претста , одлично се претстави на 12 издание на фестивалот „Мирослав Крлежа“во Загре

Театарот „Војдан Чернодрински“ со претставата “Глембаеви“  по текст на Мирослав Крлежа, во режија на Бранко Брезовец, одлично се претстави на 12 издание на фестивалот „Мирослав Крлежа“во Загреб, кој се одржува по повод 130 години од раѓањето на овој истакнат писател.

            Претставата изведена во театарот Керемпух на 4 јули, публиката многу убаво ја прифати и ja награди со долготраен аплауз.


            Според Борна Балетиќ, професор на ФДУ од Загреб, претставата била моќна и убава.

            -Најдобра претстава  по текст на Крлежа што сум ја гледал во Хрватска по подолго време – изјави Балетиќ.


            Јасмина Мицовска Станкоска, в.д директор на ЦК „Марко Цепенков“ посочува дека театарот се прикажал во вистинско светло на фестивалот во Загреб.

            -Среќна сум и горда од одличниот настап на театарот „Војдан Чернодрински“ на фестивалот во Загреб. Убаво е чувството кога се добиваат пофалби за  претставата, која актерите ја играат со многу  радост, посветеност. Аплаузот на крајот е потврда за феноменалната игра на нашиот ансамбл. Горди сме што го претставувавме театарот и Македонија на фестивали надвор од нашите граници. Благодарност до Министерството за култура  за поддршката и соработката. Ќе продолжиме и понатаму да бидеме репрезенти на нашата култура – истакнува Мицовска Станкоска.


            За актерката Даниела Иваноска, секое гостување дава едно посебно чувство, некаква необјаснива возвишеност на умот и духот, вистинско мерило до каде сме, какви сме и колку нашиот театар,успешно или неуспешно, кореспондира во една друга средина, во една поинаква театарска стварност, пред друга театарска публика.

            – Да се гостува со Глембаеви на Крлежа, во Загреб, на фестивалот посветен на Мирослав Крлежа, на македонски јазик е навистина предизвик. Крлежа за нив е библија, дел од нивниот генетски код, автор кому се посветени безброј истражувања, критики, институции, улици, настани….и се прашувам, како сега ние, на нивни терен, со нивни автор-институција, ќе успееме да кажеме нешто повеќе, од тоа нивно се, што го имааат за Крлежа?! Игравме во театарот Керемпух, во сала полна со луѓе од нашата фела -режисери, професори на академија, некогашни првенци, а сега во пензија, од ХНК и Керемпух, актери, композитори, сценографи, вистински љубители и почитувачи на театарската уметност….потеатарска публика-здравје,..хахахаха... Претставата заврши… аплауз…трае…трае….трае…трае…се враќаме на бис 4-5 пати… Излегуваме пред Керемпух, а таму луѓе чекаат со восхит во очите, среќни и не бомбардираат со пофалби-фантастични…бравооо…каква претстава…каква актерска игра…фантастични….вие сте го прочитале Крлежа толку точно и подобро, отколку ние Хрватите… беше задоволство човек да ве гледа…седев како мало дете во столчето и се топев додека ве гледав… Ауууу, си велам…што направивме…..горда на сите, на театарот Војдан Чернодрински, на Прилеп….какви ѕверови сме, хахахахах!И фрштат тука размена на контакти, муабети дека треба да соработуваме, пак да се видиме…убајна! Домаќини за мерак! Третман, светски! Ние-горди, испофалени, среќни, насмеани, уморни ама пресреќни! Загреб-ти благодарам за чувството со кое се вратив! – вели Иваноска.

            Актерот Игор Трпчески вели дека било чест да се игра „Глембаеви“ во Загреб.

            И покрај 15 часовното патување во еден правец од Прилеп до Загреб и покрај жешкото време, со најтоплиот ден во историјата, неизмерна беше честа и задоволството од играњето на Глембаеви во државата и градот каде има најмногу и најголеми познавачи на неговото творештво. Уште повеќе што во публика беа присутни првенци од ХНК, Гавела и Керемпух, како и многу театарски работници на фестивалот во спомен на Крлежа. Ова е второ гостување на претставата, но и покрај тоа бевме пречекани како што една професионална екипа заслужува. Вниманието со кое се следеше претставата беше вчудоневидувачко, а повеќеминутниот аплауз беше вистинската радост и награда за нас. Овој фестивал е навистина репер како треба да се однесуваме кон домашните автори – посочува Трпчески.

            Во претствата играа Андон Јованоски, Даниела Иваноска, Зоран Иваноски, Сузана Брезовец, Димитар Црцороски, Исидор Јованоски, Димитар Ѓорѓиевски, Игор Трпчески и Ана Митоска. Композитор е Никола Мицевски, сценографијата е на Ивана Кнез и костимографијата на Сузана Брезовец.

©EKRAN.MK Вестите на интернет страницата на редакцијата ЕКРАН.мк може да се користат исклучиво за лично информирање. Без писмена дозвола од ЕКРАН или посебен договор, не е дозволено превземање, користење или реемитување на вестите, во спротивно ќе уследи фактурирање на име „плагијат“ во вредност од 20.000 денари.

Видете следно

Концерт на полското дуо Siksa во Котур

Вечерва, со почеток во 21:30 часот, во Котур, ќе може да го проследите концертот на …