Промоција на едукативниот комплет „Мојата прва библиотека“ од авторката Деспина Мукоска

Новиот едукативен комплет „Мојата прва библиотека“ од авторката Деспина Мукоска, со илустрации на Калиопи Трпчева, ќе биде промовиран на 20 март (среда), во 13:30 часот, во „Литература.мк суперстор“ во „Дајмонд мол“. Промотори на изданието за деца ќе бидат проф. д-р Весна Мојсова-Чепишевска, проф. д-р Јасмина Делчева-Диздаревиќ и Владанка Д. Миче, а во улога на модератор ќе биде Татјана Димовска-Атанасова.

Станува збор за едукативно-воспитен пакет од 31 сликовница и картички со букви, во издание на „Либи“, дел од „Арс Ламина – публикации“. Книгите во сетот се читаат по редослед, од книга 1 кон книга 31, следејќи ги трите нивоа: црвено, жолто и зелено. Се следат изучените букви напишани на задната корица.


„Мојата прва библиотека“ го учи најмладиот читател-почетник како самостојно да научи да чита и истовремено да ја развива љубовта кон читањето. Претставува современо дидактичко помагало што треба да одговори на сè позачестената појава децата да научат да читаат, делумно или целосно, уште пред да тргнат во училиште.

Со овие сликовници се создава поттик и мотивација за читање поради соодветноста со нивото на читачката вештина. Со совладување на секоја буква и текст од сликовниците, детето има чувство дека прочитало цела книга. Детето на тој начин ја гради, чекор по чекор, својата прва библиотека, составена од првите книги кои може самостојно да ги прочита.


Овие сликовници паралелно можат да се применат и во училиште, од причина што претставуваат дополнителен дидактички материјал во процесот на почетното описменување, а според методот на описменување (аналитичко-синтетички гласовен метод, со елементи на глобалното читање) се компатибилни со учебникот по македонски јазик за прво одделение.

 


©EKRAN.MK Вестите на интернет страницата на редакцијата ЕКРАН.мк може да се користат исклучиво за лично информирање. Без писмена дозвола од ЕКРАН или посебен договор, не е дозволено превземање, користење или реемитување на вестите, во спротивно ќе уследи фактурирање на име „плагијат“ во вредност од 20.000 денари.

Видете следно

Сеќавање: 20 години без истакнатиот македонски историчар и археолог Томо Томоски

Томо Томоски е роден на 22 декември 1915 година во Скопје. Тој беше истакнат македонски …