Продуктивна средба со новиот шеф-диригент на Македонската филхармонија, маестро Јерухам Шаровски

Македонската филхармонија ја продолжува соработката со новиот шеф-диригент, маестро Јерухам Шаровски од Израел, којашто започна минатата концертна сезона. Маестро Шаровски оваа недела е во Скопје, со цел да оствари средби со музичарите и Уметничкиот одбор, како би се докомплетирала годишната програма, поточно концертните настани за оваа и за наредната сезона, настани со кои најстарата национална музичка институција го слави големиот јубилеј – 80 години од постоењето.

На денешниот состанок присуствуваа членовите на Уметничкиот одбор во чии редови се и дел од музичарите од оркестарот: Анна Кондратенко, концертмајстор, Владимир Лазаревски, прва обоа, Бојан Талевски, прва виола, Маја Чанаќевиќ, англиски рог, Дејан Теодосиевски, виолончело и шеф на оркестар, како и продуцентките Симона Гајдоска и Тина Иванова и в.д. директорката Ангелина Димоска-Миташева.


На првата работна средба во оваа седмица, се донесоа значајни решенија за растежот на Македонската филхармонија особено во годината кога одбележува осум децении постоење. Но, секако и одлуки за квалитативен и уметнички прогрес, за нови и продуктивни начини на работа со кои не само што ќе се потврди огромната улога на Македонската филхармонија во земјава, туку и ќе се реализираат настани кои ќе претстават висока репутација.

Маестро Јерухам Шаровски е долгогодишен пријател на Македонската филхармонија, долгогодишен соработник, диригент, но и уметнички консултант, а сега и во наредните две години, како шеф-диригент ќе се заложи за побогати содржини кои ќе значат многу не само за институцијата, туку и воопшто за целокупната музичка култура во земјата.


Нашиот шеф-диригент Шаровски, ќе настапи како диригент на 23 мај, на свеченото официјално затворање на годинешната концертна сезона, и потоа на 10 октомври, на свеченото отворање на новата концертна сезона, кога практично ќе се даде силен акцент на 80-годишниот јубилеј.

©EKRAN.MK Вестите на интернет страницата на редакцијата ЕКРАН.мк може да се користат исклучиво за лично информирање. Без писмена дозвола од ЕКРАН или посебен договор, не е дозволено превземање, користење или реемитување на вестите, во спротивно ќе уследи фактурирање на име „плагијат“ во вредност од 20.000 денари.

Видете следно

Вечерва во Драмски игра претставата „Фирма“

Вечерва во Драмскиот Театар во Скопје, со почеток во 20:00 часот, ќе може да ја …