Од бајки до активизам: текстуални инсталации поставени во пет државни институции

Промената понекогаш се перцепира како бајка, иако сите потајно мечтаат за среќен крај. Но, за среќен крај, потребен е многу труд, тон имагинација и отвореност за нови знаења.

Во време кога постојано се зборува за недостаток на критичко размислување кај младите, несоодветни образовни политики и генерациски препукувања за „незапознаеноста со нашето”, се одлучивме за „бајковидна промена”.


Во јануари 2024 година, неформалното здружение за култура „Дума ин Сума”, составено од компаратистките Ивана Смилевска, Марија Бошковска и визуелниот уметник Дарко Алексовски ја одржа работилницата за креативно пишување со млади „Неименувана”, па заедно со десет учеснички решија да напишат нови бајки и свои (среќни) краеви.

Се изучуваше развојот на бајките низ векови и територии, симболизмот, мимовите, дигиталните вештини и не-толку-познатата македонска историја.


Од работилницата произлегоа пет современи бајки посветени на македонски хероини и тоа: Вера Јоциќ, Мимоза Несторова – Томиќ, Мара Нацева – Анка, Билјана Гарванлиева и Веселинка Малинска.

„Дума ин Сума” ги постави текстуалните инсталации во пет државни институции, соодветни според дејствувањето на секоја од хероините.


Текстуалната инсталација посветена на Вера Јоциќ се наоѓа ОУ „Вера Јоциќ” – Скопје, а инсталацијата за Мара Нацева – Анка го краси НУЦК „Трајко Прокопиев” – Куманово.

Текстуалната инсталација посветена на Веселинка Малинска, уредничката на списанието „Македонка” – орган на АФЖ и прва печатена публикација уредувана од жени и посветена на проблемите на жените во Македонија е поставена во Националната и универзитетска библиотека „Свети Климент Охридски”.

Инсталацијата за архитектката Мимоза Несторова – Томиќ може да се погледне во Музејот на Македонија, воедно една од сѐ уште постоечките градби на Томиќ во Скопје.

Текстуалната инсталација во спомен на режисерката Билјана Гарванлиева е поставена во Кинотеката на Македонија.

Инсталациите комуницираат со љубопитните минувачи и посетители преку QR кодови кои водат до целосните верзии на современите бајки.

Претходно, на 17 април се одржа изложба во КСП Центар Јадро на која беа претставени петте текстуални инсталации, а учесничките на работилницата ги прочитаа своите бајки пред посетителите.

Бајките продолжија да се споделуваат преку фанзини изработени од Алексовски, а се достапни и онлајн на веб страната на „Дума ин Сума”.

Идејата зад работилницата и изложбата е популаризацијата на активностите вршени од македонските хероини низ историјата, кои иако подеднакво важни, не се подеднакво застапени во формалното образование.

©EKRAN.MK Вестите на интернет страницата на редакцијата ЕКРАН.мк може да се користат исклучиво за лично информирање. Без писмена дозвола од ЕКРАН или посебен договор, не е дозволено превземање, користење или реемитување на вестите, во спротивно ќе уследи фактурирање на име „плагијат“ во вредност од 20.000 денари.

Видете следно

Сеќавање: 4 години без нашиот композитор, пејач и телевизиски водител Драган Вучиќ

Драган Вучиќ е роден во Скопје на 6 септември 1955 година. Тој беше познат македонски …